Младешката енергија на Ruki пулсира во нејзините дела и тече низ нејзините линии, карактери и бои. Шармантна и топла, таа го разбуди артистот во мене.

Мора да е тешко да се биде уметник во дигиталната ера. Толку многу е потребно за да се остави впечаток. Секојдневно процесираме (или воопшто не ни процесираме) илјадници слики. Пробај да ги замислиш сите веб-сајтови, видеа, ТВ емисии и реклами на кои налетуваш во само еден ден. Оваа визуелно богата и стимулирана содржина нè опкружува, а нашите умови стануваат преоптоварени. Логично, тоа доведува до потребата од чудо, за да ни го привлече вниманието.

Уште поголем предизвик од тоа да бидеш забележан, е тоа да бидеш запомнет. Една минута си релевантен (можеби и еден цел саат ќе уживаш во својата популарност, ако имаш среќа), а следната минута, река од монструозна количина на информации те истуркале некаде надолуна социјалните медиуми, па твоето место го заземал следниот духовит хаштаг на денот.

И покрај сите депримирачки заклучоци, големите уметници сè уште успеваат да привлечат внимание. Ги забележуваме, а потоа и ги запамтуваме.Ruki Chuki е без дилема еден од тие, големите.

За оние од кои не ја знаат, Ruki е графити артист присутен на голем дел од скопските ѕидови. Таа често соработува со локални артисти (од кои веќе го знаете Flim), а се разбира, до сега била дел од многу успешни изложби. Како дополнување на целата приказна, таа е графички дизајнер, па најверојатно веќе и ги знаете нејзините илустрации, како на пример промо кампањата за Браќа Манаки 35.

 

IMG_5457

Имаш доста специфичен стил на работа. Како дојде до тоа?

Изгледа само јас мислам дека треба да поработам на стилот и препознатливоста. 🙂 Мислам дека колку повеќе експериментираш и истражуваш доаѓаш до нешто каде што се осеќаш комотно. Кога ќе ти стане досадно одиш понатаму. Секој уметник си има свои фази, не мора ни да се видливи, така да се тоа влијае на градење на некаков стил кој што е убаво да се освежува од време на време.

Дипломираше на уметничка академија. Тоа е многу храбар потег, знаејќи кои професии се „профитабилни“. Како ти се реши на тоа? Има многу деца кои сакаат да се занимаваат со уметност а притоа немаат храброст и поддршка од дома да се одлучат за ваков потег. Kој е твојот совет за овие сонувачи?

Мојот потег не беше поддржан целосно и покрај тоа што сум најголем инат на планетата, 🙂 сепак моите знаеа дека си поставив на себе некоја цел и дека нема да се откажам во никаков случај. Целата работа беше што апсолутно не размислував на нешто друго и ништо не ме ни интересираше – дали јас ќе работам, дали е тоа доходовно, што ќе работам, каде и колку ќе заработувам… ништо од тоа. 🙂 Во тие моменти храброста и поддршката доаѓаа од себе. Моментално оваа држава не ти дозволува да сонуваш а тек да го следиш својот сон па затоа и дипломирање на ликовна академија се смета за храбар потег што е трагично и тажно. Би ги посоветувала сонувачите да не се откажуваат!

Руки Чуки

Кои твои дела ти се омилени? Што претставуваат тие за тебе?

Имам многу чуден пристап кон своите дела, едно време имав некоја неконтролирана доза на самокритичност, па ми требаше време да го средам тоа со себе. Ова ми е прва година во животот како во својот дом имам свои дела. Тие се мојот дневник, мојот потсетник, мојот албум спомени. Точно знам до најмалиот цртеж каде и кога е нацртан и во каков муд сум била. Јас сум моите дела. Меѓу омилените ми се оние кои што се нацртани во вљубен период… тие се секогаш број 1.

 

Која е твоја омилена техника за работење (спреј, графика, графички дизајн, итн.)?

Јас уште ги совладувам техниките и не можам да кажам дека ги владеам. Човек учи додека е жив, нели? 🙂 Секогаш има нешто ново што можеш да го откриеш во било која техника. Комоцијата што ја нуди седењето на компјутер е неспоредливо со прашината на спрејот и обратно. Сè си има своја убавина. Убаво е кога имаш избор како својата идеја да си ја реализираш.

Со кој светски уметник би соработувала?

Би сакала да цртам со некоја жена артист затоа што знам дека ги има многу помалце. 🙂 Инаку искрено уживам кога цртам со оние со кои што си цртам често. Си се осеќам многу пријатно и не го гледам тоа како нешто што мора да се случи туку е се спонтано, акцентот е даден на дружбата повеќе отколку на некое цртање. За мене токму тие се светски артисти!

Руки Чуки

Кои беа влијателните луѓе во твојот живот (уметници, музичари, родители…) ? Кои се твоите херои?

Музиката – секогаш. Повеќе памтам каква музика сум слушала како дете, него имиња и бројки. Музиката е несвесно доста влијателен елемент. Луѓе – сите што се или биле дел од мојот живот… ако си ги кажам сите влијателни луге, тоа е како да сте ми го прочитале дневникот. Доволно е да уживате во сликичките. 🙂 Херои – секогаш родителите. Од кога сум и јас родител се веќе СУПЕР ХЕРОИ.

 

Да не беше уметник, ќе беше…?

Готвач, музичар, учителка по нешто.

Голем дел од уметниците се плашат да имаат работа со работно време. Што мислиш ти за тоа?

Со мојот начин на живот секоја работа мора да има работно време. Дури и кога сум дома си имам некое работно време поради многуте обврски во текот на денот. Немам никаков страв од однос на работа со работно време, повеќе ме плаши работа која што не те исполнува. Верувам во ритуалот „одење на работа“. За сите овие години Futura ја гледам многу повеќе од работа со работно време.

Руки Чуки

Да се вратам на моите филозофии. Што ја прави една уметност добра? (Најверојатно има многу, многу точни одговори, но сепак јас ќе го дадам својот) – тоа што една уметност (во било која форма) ја прави добра е интензитетот на емоции што успева да ги предизвика кај нас. Токму поради тоа, уметноста на Ruki е феноменална, предизвукува кај мене нешто многу скапоцено – чувство на среќа.

Како што би рекол Пабло Пикасо, „секое дете е уметник, проблемот е да останеш уметник кога ќе пораснеш”. Ruki успеа. Го задржа детето живо и заситено. Нејзината младешка енергија пулсира во нејзините дела и тече низ нејзините линии, карактери и бои. Шармантна е и топла, ме потсетува на детството и уметникот кој тогаш сеуште бев.

И покрај нејзиниот успех, таа делува толку скромно и благодарно на луѓето и можностите во нејзиниот живот. И тоа не прави уште по големи фанови. Ruki, продолжи со тоа што досега го правеше. Чекаме да видиме што следно спремаш.

 

Comments

comments