Фотографии: Александра Костадиновска

 

Парчињата од Rumor ќе може да ги набавите на нивната discount поп-ап продавница која ќе биде изложена во Галерија Акантус (во Дебар Маало) од 1 до 7 март.

Rumor е основан од Алек Бимбилоски и Лејла Гогова од Охрид, кои покрај талентот за дизајн и богатото искуство во изработка на парчиња облека, ги спојува и идејата дека – македонската жена заслужува подеднакво добра облека како и онаа во Париз и Њујорк.

Тие веруваат дека време е да ставиме крај на заблудата дека Zara е врвот на она што може да си го приуштиме. Тоа што го има на светскиот пазар, го има и кај нас со буквално истиот квалитет и дизајн, а по македонски цени. Наше е само да дознаеме дека постои и да знаеме каде да го најдеме.

Rumor е во суштина спој на меѓународно искуство и локалната експертиза. Алек досега има работено со моден дизајн долги години во Њујорк, Лондон и Париз. Лејла од друга страна има огромно познавање и искуство со македонската текстилна индустрија. Тие се најдобри пријатели од детство, а нивната професионална приказна започнува во 2016 кога Лејла му пристапила на Алек со идејата да отворат бутик за облека во Охрид. Денес, овој бутик брои една година постоење.

На поп-ап продавницата која ќе се одржи во Галерија Акантус овој четврток (01.03.2018), покрај парчињата на Rumor, ќе бидат изложени и парчиња од колекцијата на познатиот македонски дизајнер, и брат на Алек, Ристо Бимбилоски (RISTO). Доколку сè уште не сте запознаени со успесите на RISTO, доволно е да знаете дека тој го дизајнираше фустанот кој во 2017 го носеше најмоќната жена во модниот свет, Anna Wintour.

Исто како и парчињата на Rumor, и ониe дизајнираните од RISTO, ќе бидат достапни за време на поп-ап продавницата по екстра намалени цени.

 

 

За почеток, кажете ни нешто повеќе за идејата позади создавањето на Rumor. Каква е вашата професионална позадина и како се одлучивте за креирање на ваков бренд?

Пред 15 години за прв пат започнавме да го употребуваме македонското знаење и вештини на рачно плетење, преку кое успеавме да стигнеме до светски врвни брендови за облека. На пример, меѓу другото, соработуваме со брендови како Balenciaga, Loewe, John Galliano, Martin Margiela, MuglerFiorucciSonia Rykiel и JW Anderson.

Техниката на рачно плетење која ја користиме е традиционална за Македонија и е многу ретка, скоро и да ја нема, на други места од светот. Во Европа има моментално 3 фабрики кои ја користат оваа техника, од кои една е во Франција и е ужасно скапа и користена само од Chanel, а другата е во Романија. Малку по малку сите почнуваат да доаѓаат кај нас.

Во моментов работиме со 370 плетачки во Македонија, на кои им нудиме многу подобри финансиски услови од повеќето компании во Македонија. Се обидуваме да допринесеме кон една позитивна промена во социјалната структура на македонското семејство. Започнавме со 15 жени, а во моментов работиме со 370 и секогаш сме во потрага и имаме потреба од повеќе.

Сите техники и целата изработка која ние ја користиме за овие светски брендови сега ја аплицираме на нашиот нов, локален бренд кој го почнавме пред неполна година и го нарековме Rumor. Каде што една кошула изработена во нашата фабрика во странство се продава за 600-700 евра, парчињата кои ние ги нудиме со Rumor се продаваат по цени прифатливи за просечната македонска жена.

 

 

Дали имате план за отворање на продавница во Скопје?

Сега за сега не. Идејата е дека со соработката со Галерија Акантус ќе се реализираат четири поп-ап продавници годишно во кои ќе биде прикажано најдоброто од Rumor. Оној кој сака да купи квалитетни парчиња ќе може да ја посети Галерија Акантус во тие 10 дена додека трае поп ап-от.

Дополнително, ќе биде изложена селекција составена од посебно избрани 50-тина парчиња од Rumor, кои ќе бидат ексклузивно достапни во Акатнус преку целата година. Овие парчиња се поуникатни и специјални модели кои се наменети за публиката со похрабар стил.

 

Се во врска со Rumor е 100% изработено во Македонија. Како поточно изгледа вашиот процес на изработка на облека?

Rumor на модерен начин ја користи македонската традиција. Користиме еден од малкуте занаети кои се практикуваат на ист начин на кој се практикувале пред цел еден век. Не станува збор за плетењето кое сите го знаеме, она кое го користат како хоби нашите баби. Овие 370 жени градат кариера. Работат во ателје изработено по европски стандарди.

Материјалите кои ги користиме доаѓаат од Италија и се специјално дизајнирани и ткаени за потребите на Rumor. Сè друго што употребуваме е 100% македонско. Ова е наш бренд, квалитетен, кој се надеваме и веруваме дека допрва ќе станува препознатлив по тоа што е „proudly made in Macedonia“.

 

 

Како би го дефинирале стилот на Rumor? Кого замислувате дека најмногу ќе се пронајде во парчињата кои ги дизајнирате?

Интелектуално секси. Парчињата кои ги дизајнираме се апсолутно лесни за носење, не се некои класични облеки во висок моден стил за кои важи стереотипот дека не може да се искомбинира и да се носи од „нормален“ човек.

Ако кажеш нешто дека е „дизајнерско“ кај нас, само по себе значи дека е скапо, нешто што „нема да имам каде да го носам“. Rumor е различен и е прилагоден на стилот на македонската жена.

Секоја сезона работиме со порака. Оваа сезона се приклучивме на глобалната кампања за правата на жената – „The Future is (fe)male“.

 

Дали покрај парчињата кои досега ги нудите, имате во план Rumor да произведува и друг тип на облека и додатоци?

Дефинитивно. Една од нашите главни цели е поддршка на локалните занаети и занаетчии. На пример, моментално имаме соработка со девојка која рачно изработува свеќи, покрај неа соработуваме и со занаетчии кои изработуваат накит, а во план ни е да започнеме соработка и со луѓе кои работат со кожа и со дрво. Пробуваме да вклучиме и други типови на занает, па токму затоа и самиот бренд го нарекуваме „концепт продавница“.

Идејата ни е да направиме платформа во која ќе може да приклучиме и други луѓе, сè додека нивната естетика одговара на онаа на Rumor.

 

 

Дали имате конкуренција во моментов, односно друг бренд кој мислите дека има слични вредности и идеи?

Во Македонија нема некој друг моментално што го прави тоа што ние го правиме. Најбилиску нешто за кое знаеме дека е слично е бутик во Солун.

 

Дали планирате да растете и да се проширите?

Во моментов се спрема и онлајн продавничка. Во права смисла. Следете не на Facebook и Instagram за повеќе инфо.

 

Comments

comments