Има една добра финта ако не ви се чита. Едноставно, не читајте ама баш ништо. Седнете во својата најомилена фотеља, софа, најдете ја својата дупка во каучот и размислувајте за читањето како процес.

Прашајте се зошто воопшто читаме?! Зошто имаме потреба да прочитаме нешто туѓо и како тоа секогаш некако наоѓа начин да влијае на нас, велиме „да нé допре“?! Сте забележале ли кога баш имате потреба да прочитате нешто?! После кои настани, луѓе и ситуации?! Дали баш тогаш имате потреба да земете книга од автор кој е од истиот пол како вашиот или од спротивниот пол? Си вртите филмот веќе во глава?!

Kafka во едно писмо до својот пријател од детството му напишал:

„Мислам дека треба да ги читаме само оној вид на книги што ќе нé допрат и ќе нé прободат длабоко. Ако книгата што ја читаме не нé разбуди како со удар на главата, тогаш зошто ја читаме? Господи, ние ќе бевме среќни да немавме книги, и таков вид на книги кои нé прават среќни се оние кои би можеле да си ги напишеме сами ако баш моравме. Но, нам ни требаат книгите кои нас нé засегаат како катастрофа, такви со длабока тага, како смртта на некој што го сакаш повеќе од себе, такви како испраќање во шумите далеку од сите, како самоубиство. Книгата мора да биде секира за замрзнатото море во нас. Тоа е моето верување.“

Има нешто тука, а?! Но, еве уште нешто за да ве помрдне од каучот:

Susan Winnett во својот есеј „Жени, мажи, раскажувачкиот текст и принципите на задоволството“ фино си дебатира и сама со себе и со Robert Scholes, за тоа дека раскажувањето како процес всушност наликува на сексуален полов акт.

Теориите одамна го поставиле тоа како тема, но никогаш не отишле подалеку од тоа дали се работи за задоволство кое наликува на женски оргазам или машка ејакулација. Има разлика, нели?

 

 

Наиме, постојат секогаш двајца во приказнава/процесот на читањето: Читателот и Авторот/Писателот. Книжевниот чин е двополов, заемен однос меѓу тебе и книгата. Потребни се двајца за читање (и добра фотеља и малце тишина, некои сакаат и посебно светло да има, омилен албум музика, што знам, ама кој знае, знае).

Нејсе, принципот на задоволството што се доживува дур се чита (кое неспорно постои) е таков да како читател и не сте свесни дека сте длабоко навлезени во таа „врска“.

Мислам дека и затоа несвесно употребуваме и таква лексика за некои книги: „Ептен ме допре“, „Ме погоди како никој“, „Се навлеков на неа (како автор)“, „Не можам да ја оставам“, „Вечер пак ќе ја земам в раце“

Тоа се тие лингвистички исечоци од нашиот ум кои всушност несвесно си играат со потсвеста.

Поврзувањето, или според Freud принципот на задоволство, при читањето е всушност процесот кој го покренува организмот со некои подражавања (преку текстуални постапки од самата книга се разбира, не се занесувајте!), моментот кога ќе ве крене од фотељата и веќе сте исфрлени од состојбата на рамнодушност, мирување, и тогаш бараме уште и уште текст за да се испразни енергијата која ја вложувате при читањето.

Но, дали е тоа на начин како што се доживува оргазам од женски аспект (повеќе пати во еден текст) или еднаш, машки, јако до крај, при самиот крај на книгата, кога сте (само)задоволни или самозадоволени од исходот (се земале на крај, го оставила па ти реагираш „ако, така му треба“, го нашле убиецот, криминалецот, што и да е?!

Велиме „Доживеав катарза од текстов“. Што значи тоа?

Она што се нарекува катарза, сепак, наједноставно се објаснува со победата на доброто над лошото, т.е. кога правдата е задоволена. Тогаш најјасно се чувствува принципот на задоволувањето. И помислете само, но на тоа се учиме уште од најмали – приказните и сказните каде што секогаш правдата е задоволена на крај! Д гуд гај битс д хел аут оф д бед гај. И царевата ќерка е наша.

Susan тврди дека машкиот тип на раскажување има таква динамика што комплетно соодветствува на целокупниот процес од – до ејакулација и дека има итекако врска меѓу точката на поставување на заплетот и долгата напнатост со која го држи читателот во неизвесност. Женскиот тип на раскажување пак, се состои без толку многу напнатост и акција туку знае да изобилува со детали, описи, ситници, мелодраматики, итн.

Еве не знам и се прашувам: Зошто тогаш авторот на најпознатата детективска серија „Poirot“, и „Sparkling Cyanide“ и „Murder on the Orient Express“ е ЖЕНА?!

И ако не ви се чита, немајте гајле. Никој всушност и „не чита“ ако го боли глава, нели?

 

Comments

comments