Фотографии: Александра Костадиновска

 

Дојдов до револуционерен заклучок пред некој ден – можеш да се миеш, со тоа што го јадеш. Мислам на цимет и какао, не на бургери со кисели краставички, се разбира.

За прв пат сама направив домашен сапун. Да, сапун, за нешто што можеш да го купиш во Веро за 40 денари, јас испрљав горе-доле три тенџериња и потрошив пола саат. Но верувај ми и пробај да направиш и ти, целосно се исплати – самиот процес е забавен, финалниот резултат е миризлив, а она задоволство кое го добиваш кога сама ќе создадеш нешто е незаменливо.

Ако јас не успеав да те шармирам, дозволи им на Римјаните да го направат тоа, зашто легендата вели дека сапунот за прв пат бил „откриен“ на планината Sappo, во близина на Рим. Римјаните, по принесување на животински жртви во дворот на храмот, својата облека ја переле со пепелта од огништатa, на реката во близина на планината Sappo. Маснотиите кои биле чистени со водата од реката, заедно со пепелта од перењето на алиштата, некако го нашле својот пат до куп глинени садови сместени покрај еден поток. Така луѓето за прв пат го „откриле“ сапунот – поради богатата и голема пена која пепелта и маснотиите заедно ја создавале.

Доколку те убедив, сега продолжи да листаш надолу и следи ги нашите чекори за како да направиш домашен сапун.

 

 

Потребни состојки:
  • 100 ml дестилирана вода
  • 400 ml масло по избор (маслиново, кокосово, сончогледово, палмово, животинска маст)
  • 60 грама или 4 супени лажици жива сода
  • 4 кафени лажички цимет
  • 5 кафени лажички афион
  • Какао (една кафена лажичка за секое парче сапун)
  • Прехрамбена боја во прав

 

Потребни алатки за работа:
  • Сад за мешање на живата сода со водата
  • Тенџере за загревање на маслото
  • Голем сад за мешање на маслото и содата
  • Миксер за мешање на смесата
  • Голема лажица за рачно мешање

 

1. Комбинирај ја содата со вода

Во садот со живата сода ја додаваме дестилираната вода и мешаме додека живата содата целосно не се раствори. Оставаме неколку минути за растворот да се олади.

Внимание: Кристалите од живата сода се сипаат во водата и веднаш се меша. Растворот станува жежок, и достигнува повеќе од 90 степени. Натриум хидроксидот, познат како жива сода, ги разорува растителните и животинските ткива. Тој ја разорува и човечката кожа и ако падне на неа предизвикува изгореници.

 

 

 

2. Загреј го маслото

Маслото го ставаме во тенџере и го грееме додека не постигне температура 39 C° (маклу повеќе од собна температура).

 

 

 

3. Искомбинирај ја смесата

Загреаното масло и содата ги префрламе во големиот сад за мешање. Ги мешаме со помош на мискер, додека смесата не добие густина слична на пудинг.

 

 

 

4.  Зачини ја смесата

Откако смесата ќе ја добие посакуваната густина, може да ги додадеме афионот и циметот. Кај овој чекор, можете да додадете и етерично масло за мирис. За нашиот сапун избравме да додадеме афион, поради тоа што ги ублажува кожните воспаленија и е одличен за пилинг, ја прави кожата мека и нежна. Циметот пак помага во случај на кожни болести и инфекции, ги ублажува акните, тој е антисептик што значи ги уништува бактериите и го намалува видливото стареење на кожата.

 

 

 

5. Префрли ја во калапи

Смесата од садот ја додаваме во металните калапи. Доколку немаш метални калапи слични на нашите, можеш да употребиш пластични чашки или пак силиконски калапи за колачи.

 

 

 

6. Декорирај

Во секое калапче ставаме по една мала лажица какао или боја во прав. Какаото е добро за сува кожа и кожа која се лупи.

 

 

 

7. Почекај 24 часа

Сапуните се чуваат на собна температура и стануваат суви и тврди после 24 часа , но се препорачува да се користат после 2 до 3 недели, од дента кога се направени. Домашниот сапун ги отсранува бактериите и не ја суши кожата.

 

 

 

#FunFact

Најголемиот балон од сапун е направен на 9 октомври 2005 година со големина од 29,8 метри кубни. Ако се наполни овој простор со топки за баскет тоа би биле 13 627 топки.

 

Comments

comments