Како што има луѓе кои се лесни за дружба, има и серии кои ги гледаш одеднаш и кои прават да се осеќаш удобно. Седнуваш и пушташ да тече во позадина.

Времињата се сменија, хуморот еволуираше и ако ме прашате која е најлежерната варијанта на она како треба да изгледа денешниот хумор, би ја посочила серијата на FX Networks, Atlanta. Можеби најинтересниот факт поврзан со Atlanta е тоа дека главниот протагонист, Earn е глумен од Donald Glover aka Childish Gambino, еден од поинтересните скоро-нови рапери кој глуми братучед на wannabe рапер (Paper Boy) и креатор (сценарист, продуцент) на шоуто.  

Резиме – Earn и неговиот братучед, последниот вистински, hard core рапер – Paper Boy пробуваат да се пробијат на рап сцената. Earn фигурира како менаџер на Paper Boy и е решен дека со него ќе направи пари, и ќе успее да делува поодговорен, иако баш одговорноста не му оди од рака. А и кармата му е лоша.

 

 

Ликови:

Earn – Прилично симпатичен млад дечко, кој има дете и една жена која не му е жена, ама и јасно ти е зошто не му е. Earn има константна удобна меланхолија во изразот и е исклучително лежерен и интелигентен. Плус, тотално не е роден под среќна ѕвезда. Можеби и воопшто не е роден под било каква ѕвезда.

Paper Boy – Груб надворешен изглед и кога го гледаш имаш чувство како да си му згрешил нешто битно во животот, но тој е уште една нежна душа под тврдиот раперски оклоп. Братучед на Earn.

Darius – Лабав лик со пикантна смисла за хумор, кој е ставен како нешто повеќе од убав декор и дава шмек на приказната. Инаку, десна рака на Paper Boy.

Van – Ви текнува на жена му на Earn, што не му е жена? Епа Van е жена, мајка, кралица што секој ден се бори за подобар живот. Има две деца, едно со Earn, и уште едно – самиот Earn. Имаш чувство како да ти е најдобра другарка.

 

Comments

comments