Доволно беше интрото за да знам дека ме чека добро патување. А доволно ми беше еден поглед на Mooncake, за да се заљубам и да не можам да прекинам да гледам.

„Final Space“ e првенче на Olan Rogers, кое имаме шанса да го гледаме затоа што Conan O’Brian верувал во авторот, па решил да биде продуцент на серијата. И дефинитивно не погрешил. Sci-fi авантура, драма и комедија истовремено. Би ја опишале како хаотична дружина од иднината, како во Futurama, со темпо и надреалност како она во „Rick and Morty“ и најслатко, ама смртоносно, суштество како она од Lilo & Stich.

 

 

Главниот лик во серијата е анти-херој. Всушност, анти-херој е пресилен опис. Главниот лик е многу обичен човек, кој се вика Gary. Малку хистеричен, малку иритантен, малку лабилен и многу ретко храбар. Не е направен да ви се допаѓа, но сочувствувате со него, затоа што 5 години како живее сам во вселената, каде единствени другари му се роботи и фрижидер. Сам е затоа што отслужува казна на вселенски брод, кој е всушност неговата затворска ќелија.

Дејството започнува кога на бродот упаѓа едно слатко суштество, на кое Gary му го дава името Mooncake. Mooncake е во бегство, се крие од лошиот, севселенски командат, Lord Commander. Gary се решава да го задржи Mooncake, со што станува мета на многу ликови и мрачни космички сили. Тука ќе прекинам со прераскажување, затоа што било што повеќе ќе биде спојлер.

 

 

„Final Space“ функционира на сите нивоа. Постојаното играње со размери, контрастот во цртежите и претставувањето на просторноста ја прават аниматорски издржана. Сите карактери се внимателно развиени, па дури и најспоредните не постојат само за да пополнат место. Приказната нема делчиња кои висат, сценаристички сè е одлично врзано, а темпото не остава ниту секунда да ви одлета вниманието. И секако, го има Mooncake со неговото „Chookity!“ (само што ќе помислам на него се топам!).

Лично, најмногу ми се допаѓа како апсурдниот хумор постојано се менува со силни драматични моменти. Уште не си престанал да се смееш од шегата, а веќе те удира со нешто емотивно. Таман ќе се задлабочиш, пак почнуваш да се смееш. Кога е комедија, хуморот е ненаметлив, имплицитен, интелигентен. Кога е драма, нема патетики, а сепак прави да се подзамислиш.

 

 

Крајот на првата сезона (која ја има на Netflix) направи веднаш да проверам кога ќе се емитува втората. Дотогаш ќе ја изгледам барем уште два пати оваа и ќе споделам уште милион гифови од Mooncake.

 

Оцена
4.7Оцена
Reader Rating 0 Votes

Comments

comments