Cary Fukunaga, кој го знаеме како режисер на првата сезона на True Detective, уште еднаш успеа да направи серија која ќе ве остави со подзината вилица и ќе ви треба време да се соберете и да се препрашате што тоа видовте.

Врвна продукција и оскаровска актерска екипа плус паралелни реалности, 80-ти помешани со иднина, компјутер во депресија, сродни души, луциден хумор, психоделични апчиња и многу неонки. „Maniac“ има скоро сѐ.

Баш како насловот, и сценариото „манијакално“ скока низ светови, нарации и жанрови. Серијата е научна фантастика, драма и комедија. А дејството е така раскажано што таман ќе помислите дека нешто сте сфатиле, следат нови прашалници кои ве тераат манијакално да стискате „плеј“ на следната епизода. Па ај уште една, па ај уште оваа само.

 

 

Како секој sci-fi, има елементи на пророштво, но разликата е што во „Maniac“ предвидувањата делуваат некако многу блиску, многу можно, како да ќе се случат утре.  Продавање идентитет на stock photo агенции, луѓе-ботови кои те спамираат во живо, слушање на реклами во замена за пари… Прикажаната дистопија прави да се наежиш, затоа што може да ја препознаеш сега и тука. Уште повеќе, затоа што ја живееш.

Голем дел од магијата на серијата се должи на визуелниот дел. Светлата, изборот на бои, сценографијата, стајлингот, едноставно секој кадар може да биде врамен како уметничка фотографија. До толку е посветено внимание на секој детал, во секоја секунда.

 

 

И последно, но не и најмалку важно – актерите. Секој од нив како да е создаден за улогата. Emma Stone e одлична како и секогаш, но овде е ептен очигледна нејзината моќ за актерска трансформација и способност целосно да ја превземе одговорноста на носечки лик. Во „Maniac“ потврдува дека е една од најталентираните млади холивудски актерки. Jonah Hill, кој сме навикнати да го гледаме во комични улоги, овде изненадува со сериозна улога во која е сериозно добар. А покрај останатиот познат дел од актерската екипа (Justin Theroux, Sally Field, Gabriel Byrne и други), пријатно изненадување е новото холивудско лице Sonoya Mizuno, која ја глуми докторката Azumi Fujita (ќе мора да ја гледате серијата за да сфатите зошто).

 

 

Лично, за мене, „Maniac“ е најдобрата играна серија која ја имам гледано во последниве две-три години (а, имам гледано многу). Многу нивоа, многу слоеви, многу теми и прашања, а целиот тој раскош максимално добро изведен. Уште поважно – многу релевантен за сите нас и нашите светови.

 

Оцена
5.0Оцена
Reader Rating 6 Votes

Comments

comments