Уште кога слушнав дека Benedict Cumberbatch ќе биде продуцент и ќе игра главна улога во серија базирана на литературно дело, ја меморирав датата на премиерата, затоа што знаев дека ќе биде нешто добро. На крај испадна и подобро од што можев да замислам. Но, да одиме по ред.

„Patrick Melrose“ е мини-серија во пет дела, а сценариото е пишувано според автобиографските новели на британскиот автор (и аристократ) Edward St Aubyn. Прилагодувањето на 5-те новели за телевизиско сценарио траело половина деценија, а Cumberbatch цело време бил дел од процесот.

И самиот огромен фан на новелите, Benedict минал часови и часови разговарајќи со писателот, поставувајќи му безброј прашања, за да може што подобро да му влезе под кожа на ликот. А ова дефинитивно не е лесен лик ниту за портретирање, ниту пак е пријатно да му бидеш во кожата. Но, уште по првите 10 минути од првата епизода, сфаќаш дека трудот на Benedict дефинитивно не бил за џабе.

Серијата ја следи животната приказна на истоимениот шармантен англиски аристократ. Patrick е растен во дисфункционално семејство, а наркотиците и цинизмот му се механизам за одбрана од траумите. Освен со внатрешните демони, тој постојано се бори и со „демоните“ на високото друштво – лицемерието, суетата, недостаток од емпатија и суровост.

 

 

Наместо дискретниот шарм, овде го гледаме не-баш-дискретниот мрак на аристократијата. Низ епизодите сочувствуваме со Patrick додека се обидува да се ослободи од болката на минатото, канџите на зависноста и празнотијата на богатсвото и титулите. Постојано го слушаме неговиот внатрешен глас, што ја прави оваа борба уште поопилива и потрогателна. Исконската внатрешна битка. Но нема тука ништо мело-драматично и патетично. Напротив, изобилува со неодолив британски сарказам и хумор на своја сметка. Токму тој деликатен баланс меѓу мрачното и духовитото прави да се заљубите во ликот на Patrick и кога не е баш за заљубување.

Повеќето од нас немаат аристократски титули или пари како главниот лик, ниту искусиле трауми и зависности со интензитет како него. Но сепак, има нешто што универзално човечко, што секој од нас може да го препознае и да се поистовети.

Затоа, текстов го завршувам со неколку животни лекции кои може да ги научиме од серијава:

 

 

Пари (и титули) не купуваат среќа
Целиот живот на Patrick е доказ дека ова не е само празна фраза. Да, не заборавиме, приказната е автобиографска, па Patrick не е само фиктивен лик.

 

Нема бегање од себеси
Кај некој бегањето е премногу јадење, кај друг гејмање, кај трет работа и само работа, а кај Patrick тоа се наркотиците. Зависноста му го трга фокусот од болното минато и болната сегашност, а најмногу од себе и своите чувства. Но, колку повеќе пробува да им побегне, толку повеќе го заробуваат. И за Patrick и за сите нас, надежта се јавува дури кога ќе сфатиме дека не може да им се побегне, туку мора да им се погледне во очи.

 

 

Прашувај се постојано, одговарај си искрено
Непрестано себе-испитување е она што го „спасува“ Patrick, а истото треба да биде и неизоставен дел од сечија животна хигиена. Само преку искрен муабет со себеси можеме да носиме посвесни одлуки и да не бидеме робови на сопствените потиснати емоции, стравови и импулси.

 

Шали се на своја сметка
Patrick потврдува дека сѐ е полесно кога не се сфаќаш себе си премногу сериозно. А штом тој може да се смее на својот мрак, можеме и ние.

 

Оцена
4.7Оцена
Reader Rating 2 Votes

Comments

comments