Во отсуство на скапи еспресо апарати, за кои можеби некогаш ќе собереш доволно пари за да ги купиш, но кои после со себе повлекуваат уште поскапи патрони или совршено измелено кафе кое ќе го најдеш само на аеродром во Рим, посегнуваш по една од другите алтернативни и не толку познати решенија.

 

French Press

frenchpress

Станува збор за сад, најчесто направен од стакло, кој на затворачот има прикачена мрежа чија функција е одвојување на крупните парчиња кафе од жешката вода. Кафето е феноменално, а едноставно, треба само да се погрижиш да биде измелено крупно и еднакво. „Работи“ на било кое еспресо кафе.

Сооднос

  • 1 шолја кафе — 1 шолја вода — 2 лажици зрна кафе
  • 2 шолји кафе — 2 шолји вода  — 1/4 шолја зрна кафе
  • 4 шолји кафе — 4 шолји вода — 1/2 шолја зрна кафе
  • 8 шолји кафе — 8 шолји вода — 1 шолја зрна кафе

Какво кафе ти е потребно

Секаков вид на еспресо или филтер кафе. Личен фаворит:  Lavazza Crema e Gusto.

Пред да почнеш

  • Погрижи се садот да е добро исчистен од последната употреба, секое парче старо кафе кое ќе се заглави во мрежата ќе го уништи вкусот на новото.
  • За најдобри резултати, започни со цели зрна кафе кои сам ќе ги измелиш веднаш пред спремањето на кафето.

Упатства

  1. Измери потребна количина од зрната кафе.
  2. Измели го кафето на крупни, еднакви парчиња. Некои идеалната големина ја споредуваат со димензиите на трошки леб. Стави го кафето во French Press садот. 
  3.  Зовриј ја водата и по вриењето остави ја 1 минута малку да се излади. Измери ја количината вода која ти е потребна. Додади ја водата во садот. 
  4. Силно измешај ги водата и кафето.
  5. Остави го садот 4 минути. По некое време ќе го научиш идеалното време на отстојување за твојот вкус.
  6. Притисни ја пресата до дното на садот. На тој начин парчињата кафе ќе се одвојат од течноста.

 

Италијанско мока ѓезве

moka

Функционира на тој начин што зовриената водата под притисок поминува низ измеленото кафе. За прв пат, се разбира, е патентирано во Италија од Luigi De Ponti за Alfonso Bialetti, во 1933, кои сè уште се убер-популарни во произведството на овие ѓезвиња за кафе. 

Какво кафе ти е потребно

Секаков вид на еспресо или филтер кафе. Личен фаворит:  Lavazza Crema e Gusto и Lavazza Qualità Oro.

Упатства

  1. Измели 20-22 грама кафе. Слободно, кафето може да биде измелено на ситни, фини парчиња.
  2. Наполни го долниот дел од ѓезвето со вода, внимавај да не го надминеш  малиот вентил.
  3. Стави го portafilter-от (перфорираниот, метален филтер) врз долниот дел наполнет со вода. 
  4. Наполни го portafilter-от со кафе. Не го притискај кафето со прст, иако треба да биде убаво израмнето и исполнето, пробај да го направиш тоа без дополнително притискање.
  5. Додади го горниот дел од ѓезвето и убаво затвори го. 
  6. Стави го ѓезвето на шпорет.
  7. Кога водата во долниот дел ќе почне да врие, притисокот ќе предизвика кафето да премине во горниот дел од ѓезвето. Доколку водата почне многу силно да истекува во горниот дел – водата е премногу топла, следниот пат приготви го кафето на послаб огин. Знаеш дека кафето е готово кога ќе го слушнеш звукот од балончињата кои се создаваат.

 

 

Comments

comments