Вежбавме имагинација, ја пуштивме да шета по слободни насоки и коридори, смисливме дека Башевски сигурно слушал Robbie Williams додека ја пишувал „Бунар“.

Сè започна со ситна искра имагинација, за да се развие во текст кој предизвика забавна мејл комуникација и размена на прашања со самиот Димитар Башевски.

 

Да откриеме каква музика точно слушал Димитар Башевски додека го пишувал „Бунар“? Првпат сега го слуша Robbie Williams (од нашиот текст) или има слушано негови песни претходно?

Се разбира, не го слушам првпат Robbie Williams, на пример спотовите „Feel“ или љубовната балада „Angels“. Но сум го слушал повеќе онака, како што ќе наидам на некоја негова песна, a не посебно да го барам или посебно да купувам дискови со неговата музика. Инаку „Something Stupid“ каде што пее Robbie Williams со Nicole Kidman, ја слушав сега посебно поттикнат од вашиот текст.

Инаку, врската на Robbie Williams со мојот роман, не е некоја „природна врска“. Разбирам дека туку се работи повеќе за едно симпатично и продуктивно скршнување за да се погледанат нештата од друг, неконвенционален агол. Тоа ви е многу успешно направено. И, како што веќе и ви напишав во моето кратко писмо, интересно е што понекогаш наизглед далечни работи, можно е да се совпаднат и да се чинат блиски.

Е, сега каква музика слушав додека го пишував „Бунар“? Треба да кажам дека многу често, додека пишувам, слушам музика. Речиси секогаш во таквите моменти, тоа се класици. Отпрвин слушате, а потоа, со време, заборавате на музиката, се додека во некој момент, кога ќе завршите некој пасус, одново ќе ја слушнете.

 

Колку време беше потребно за да се напише „Бунар“?

Потребни беа две години, од 1999 до 2001, кога романот излезе од печат и ја доби наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“. Романот, во најголемиот дел, го пишував во моето родно место Ѓавато кај Пелистер , каде ги имам пишувано и подоцнежните романи „Братот“, „Прозорци“, книгата раскази „Мајсторот“, па и дел од мојата поезија.

 

Кога Димитар Башевски помислува на „Бунар“,  како на потфат/дело, на која боја му асоцира?

Сакал или не, на темна боја. Боја што ја создава метафората за бунарот – длабочина, неизвесност. Додека копаш, не можеш да ја видиш опачината, каде е водната жила не можеш да видиш, за да ја сврзиш со својот крвоток. Во една песна под наслов „Копање бунар“ велам:

А долу, најпосле долу во водата – небото

И ти фрлен во нова бескрајност.

 

Беше ли свесен за графичкото изделување на машкиот и женскиот раскажувач и намерна постапка ли е таа?

Намерна, се разбира. Тоа го има во модерниот роман. Но не е само тоа, во еден извонреден оглед за белградското издание на „Бунар“, критичарката Јасмина Врбавац „Бунар“ го доживува како кинеска кутија која содржи постојано неоткриени предгради и дупли дна. Колку се копа, толку нови слоеви се покажуваат. Впрочем, така е и со вистинското копање на бунар, се појавуваат различни слоеви земја – црвенмица, глина, песоклива. Јас имам копано бунар и ја познавам таа уметност, постојаната неизвесност, таа мака и – најпосле, можеби победата.

 

Во една друга конотација на бунар, „Бунарот на желбите“, што би посакал сега Димитар Башевски?

Никогаш да не пресуши мојот бунар во Ѓавато, водата што дава живот, желбите – изворот за творештво и радост.

 

Comments

comments