Во историјата на филмот, периодот од 1895 до 1927 година се смета како нем период кога исклучиво само подвижната слика е основата на филмот како уметност.

Но, тоа воопшто не значело дека во тој период на филмот не се чувствувала потребата од тон и музика.

Иако сѐ уште немало техничко решение за озвучување на филмската лента, сепак проектираните филмови во разните ресторани и кафулиња, како и во кино салите, биле пропратени со музика изведувана најчесто на пијано или на оркестар.

Музиката во главно имала илустративна функција и функција да ја буди емоционалната димензија на содржината на филмот која што поекспресивно ќе влијае на филмскиот гледач.

Со филмот „The Jazz Singer“ од 1927 година со Al Johnson во главната улога, а во режија на Alan Crosland, практично се завршува немиот период и започнува звучниот период на филмот.

Со појавата на звукот во филмот, покрај слушањето на човечкиот глас, пеењето, музиката, како филмски израсни средства се користат и шумовите и звуците, со кои филмската слика станува поубедлива во веродостојноста во впечатокот на стварноста.

Сепак музиката станува како доминантен филмски драматуршки и илустративен изразен елемент на филмот.

 

 

И денес комерцијалната и репертуарска кинематографија со сите видови жанровски филмови е незамислива без музиката. И најчесто филмската публика ги памети филмовите според музиката или според мелодијата што е како лајт мотив во филмот или песната што се пее.

Како на пример во филмот на Louis Malle „Elevator to the Gallows“, мелодијата што ја изведува на труба познатиот џез трубач Miles Davis, генерации и генерации филмски гледачи ја паметеле.

Или пак песната „Mama Huanita“ од мексиканскиот филм „One Day of Life“ од педесетите години на дваесетиот век, филмските гледачи по проекцијата ја пееле по улиците на Скопје.

Исто така музиката во филмовите на серијалите „Star Wars“ на George Lucas, како и серијалот за James Bond, е најдоминантна во одржувањето на вниманието кај гледачот.

Или како што е со музиката на Ennio Morricone во италијанските шпагети-вестерн филмови, посебно во филмот на Sergio Leone, „The Good, the bad and the ugly“ каде што е доминантна во својата илустративна и драмска функција.

Во размислувањата за филмот често се наидува на критички ставови во однос на употребата на музиката како илустрација на емоциите.

 

 

Инаку теоретскиот дискурс за филмот е со ставот дека подвижните слики со звуците и шумовите треба да е сета веродостојност на стварност во филмот.

Во таа насока, познатиот режисер Sergei.M.Eisenstein со својот прв звучен филм „Alexander Nevsky“ од 1938 година, се обиде со вертикалната филмска монтажа и музиката во сцените на битката на русите со германците да изведе ритмичко единство помеѓу филмските кадри, тонови и акорди.

Овој филм на Eisenstein како и дузина филмови на познати синеасти, покажуваат дека музиката може да се користи креативно во изразувањето на идејата на филмот.

Така и во најновиот филм на Guy Ritchie „King Arthur: Legend of the Sword“ демонстрира мошне досетлив и креативен пристап на применувањето на музиката со филмската ритмична монтажа на кадри во одделни сцени и секвенци.

Филмот во целина како филмско дело е сосема солидно режиран, дизајниран со компјутерска графика и анимација на кинестетичност, како и спектакуларно изведен во естетската компонираност на кадрите и кинестезијата на естетското уживање.

Овој филм е посебен за разлика од бројните холивудски филмови на сличен жанр и исто проседе во естетиката. Во творечки применетата ритмичка монтажа на кадри и сцени на дијалог со музика чие темпо се акценира во важноста на моментите на драмското дејствие.

 

 

Инаку филмот е сосема банален во својата тема и содржина. Тоа е легендата за кралот Артур и мечот Екскалибур со кој го победува злото олицетворено во неговиот брат, заслепен од властољубие, алчност и моќ да се владее како апсолутен господар.

Кралот Артур по победата ја поставува тркалезната маса со витезите и чашата на светиот грал.

Кон оваа легенга Guy Ritchie како синеаст пристапил мошне оргинално, во монтажата на единство на слика и музика со доловување на пластиката и волумизноста на филмската глетка со сета своја драматичност и тензичност.

И во овој филм во опусот на Guy Ritchie ќе остане запаметен токму по мошне успешната ритмичка монтажа на музиката со филмската слика.

И во следните филмови на Guy Ritchie, може да се очекувааат креативни новини во филмските дела.

 

Comments

comments