Фотографии: Елена Фиданска

 

Во педесетите и шеесетите години на минатиот век, во француската кинематографија се појави „новиот бран” на францускиот филм. Како духовен татко, беше познатиот филмски критичар и теоретичар André Bazin, кој иницираше нови сфаќања за филмот, кои ги прифатија младите критичари и режисери од Claude Chabrol до Jacques Rivette.

Плејадата млади режисери на новиот бран внесоа нов сензибилитет, свежина во филмската продукција, а особено во филмското кадрирање и монтажа.

Во тој период настана голема расправа за авторскиот филм, поточно речено, кој е автор на филмот.

Со свои написи беа застапени Claude Chabrol, а посебно François Truffaut,  Jean-Luc Godard и Éric Rohmer кој пишува во филмското списание „Cahiers du cinéma” чиј уредник беше André Bazin.

Овие млади полетни филмски критичари и режисери ја застапуваат тезата дека и филмските занаетчии, мајстори на холивудскиот филм од Henry Hathaway, Howard Hawks, Robert Siodmak, John Huston, Raoul Walsh па сѐ до Alfred Hitchcock се во некоја рака, автори, макар да снимале за големите холивудски студија.

 

sido-4

 

Тие се автори со својот личен филмски ракопис на кадрирање, монтажа и драматурското водење на приказните. Впрочем авторството кај нив е во претпознатливоста на филмското раскажување.

Во таа расправа се вклучи и американскиот филмски критичар и теоретичар Andrew Sarris, кој што потенцира дека режисерот не мора да биде сценарист за да се третира филмот како авторски.

Оваа одамнешна апсорбирана тема на теоријата на филмот се актуелизира со најновиот филм на познатата филмска актерка и режисерка Jodie Foster, „Money Monster“.

И ова е пример, како Jodie Foster успеала со својот интегритет на режисерка да не подлегне на вообичаената, шематизирана и стандардна раскажана приказна. Напротив, таа мошне суптилно во наративот на филмот ја провлекува критиката на американското општество.

Имено, филмот со својата тематска поставенот е во духот на трендот, што го започна Martin Scorsese со филмот „Wolf of Wall Street”, и определбата на овој тренд е разоткривање и разобличување на целиот банкарско-берзански систем на шпекулации.

 

 

Но, Jodie Foster на мошне досетлив начин, врши суптилна анализа на психологијата на ријалити шоуто, со кое се замајуваат телевизиските гледачи, како да се намамат да земат учество со своите вложени пари, со надеж дека во играта ќе добијат повеќе.

Но кога младиот измамен маж ќе влезе со пиштолот во студиото, во време на емитување на шоуто, Jodie Foster ја врши филмската вивисекција на социјалното ткиво и миље на американскиот менталитет и митологија на правење пари како патологија на општеството и системот како безочно, бесмилосно и безкруполозно.

Во таквата критичка интонираност, Jodie Foster го користи холивудскиот филмски наратив на кадрирање, на монтажа и ритмичко водење на доживувањето на гледачите до климакс, кога, при крајот на филмот, да го согледаат цинизмот и сета трагичност на неолибералниот капитализам без респект на човечноста.

Jodie Foster веќе се етаблира како режисерка која во овој филм го остави својот личен печат на авторка, која покрај со сега снимените филмови, допрва ќе се очекува да ја покаже својата личност на авторка која има свое гледање на светот.

 

Comments

comments