Од првата филмска проекција на браќата Lumière па, сè до 1911 година кога филмот го пишува „манифестот на седмата уметност“, филмот не се третирал како уметност, туку како панаѓурска забава.

Во првите децении на филмот постоел сомнеж кај некои естетичари дека филмот може да биде уметност.
Овој скептицизам и до ден-денес се провлекува и покрај сета досегашна стодваесет и пет годишна историја со дузина ремек-дела, со богата теоретска и естетичка размисла за филмот како медиум и како визуелно-аудитивен израз.

И не е чудно таквото сомневање со оглед на фактот што во светската кинематографија се снимаат илјадници филмови и секој филм не е уметност. Во илјадниците филмови треба да се откриваат филмови што се уметност.

И еден од начините е селектираните филмови за големите филмски фестивали означени како „А“ категорија со оглед на својата историја, традиција и репрезентативност како што се Венеција, Кан и Берлин. Воедно скептицизмот кон филмот како уметност произлегува од современата, а нарочно со пост-модерната релативизација на поимање на уметноста и естетските категории. Тоа води до легитимитет на антиуметнички гледишта, па и на филмот (посебно со така наречените „треш-филмови“).

Но, како и да е, ние сметаме дека гледиштето на американскиот поет, есеист и филозоф Ralph Waldo Emerson (1803г-1882г.) е сè уште легитимно кога вели: „Љубовта кон убавото е вкус, создавањето на убавото е уметност.“

И може да се рече дека како аксиоми за уметноста се категориите на вистина и убаво. И овие категории се основни категории на онтолошко-онтичко и гносеолошко-естетичко размислување за уметноста. Без овие категории не е возможен аксиолошкиот пристап кон уметностите, а најмалку можат да се анализираат уметничките дела.

Во вака скицираниот контекст за филмот како уметност, ние го одделуваме филмот „Ray“ на Andrey Konchalovskiy, кој беше прикажан на скопскиот филмски фестивал Синедејс кој се одржа од 10 до 19 ноември 2016-та година, како особен филм, покрај останатите вредни филмови, со свое естетичко пледоаје и верба дека филмот може е и уметност.

 

 

Имено, филмот „Ray“ на Konchalovskiy, кој беше награден со сребрен лав за филмска режија во венеција, на филмскиот фестивал кој се одржа во септември 2016, претставува егземплар за филмска уметност.

Тоа е филмско дело кое во себе ги содржи сите карактеристики: како формално – технички, така и естетско – философски прерогативи на класичниот филм како уметност. Почнувајќи од идејата и филмската форма кои, досега во филмските дела не се инкорпорирани, а најмалку се изразени.

Идејата е едноставна. Три лика, Олга, руска аристократка и логораш во концентрационен логир; Жил, француски полициски командир, соработник на нацистите во окупираниот Париз и Хелмут, висок германски СС –офицер. Овие три лика, во филмот се снимени во во крупно-портретен план, говорат, свретени со лицата директно кон нас гледачите (што е реткост и невообичаено во филмо, но, мошне пригинално), за себе и за своите постапки за време на Втората светска војна. Нивните животни патеки се испреплетени и судбински се повразани. Тие се ставени пред камерата така како да говорат пред влезот во рајот, во исповеден тон, да да и ние, гледачите да можеме да проценуваме и вреднуваме за нивните поведенија како човечки суштества.

И, на крајот на филмот, по искажувањата на Олга, се слуша неутрален глас ; „Влези!“ а тоа значи Олга може да влезе во рајот. Зошто?
Затоа што таа можеше да побегне од логорот и да си замине, како што и вети и подготви бегство СС-офицерот Хелмут кој беше лудо вљубен во неа уште пред Втората светска војна, во Венеција на монденските забави.

Но Олга се одлучи да се жртвува по разговорот со мајката и нејзиното дете, а воедно и да се спасат при што, овој чин го смета како осмислување на својот живот, со заминувањето во тунелот со сите останати логораши каде што ќе бидат задушени во гасната комора.

Во оваа историска драма од Втората светска војна Олга како руска аристократка, како емигрантка во Париз е член на Францускиот отпор. Таа бидува уапсена и полицискиот командир Жил ја приведува во затвор заради криење на еврејски деца. Таа мисли дека може да го измами и да ја ослободи доколку му се подаде да спие со него. Но, Жил бо меѓувреме е застрелан од членовите на Отпорот на Франција, а Олга е депортирана во концентрациониот логор „Аушвиц“, каде што се среќава со Хелмут. Тука се сеќаваат на своите денови од пред Втората светска војна кои ги минале во Венеција. Тој се уште е страсно вљубен во неа и покрај тоа што таа е логорашка. Водат љубов во неговата канцеларија. Планираат да бегаат во Јужна Америка кога војната е веќе при крај и поразот на нацистичка Германија како нејзината идеологија за Третиот Рајх. Но, Олга донесува спротивна одлука, да ја спаси мајкагта и нејзината черка и заминува со сите останати во гасната комора.

Тоа што е посебноста на ова филмско дело на рускиот филмски режисер, чиј филмски опус е мошне завиден започнувајќи од „Бујко Вања“, „Siberiade“, па преку „Maria’s Lovers“ (кој го снимил во Холивуд со Настасја Кински) п а до последниот „Ray“, Andrey Konchalovskiy, е што има еден исклучителен филмски сензибилитет во филмската форма.

Филмот „Ray“ е снимен во класичен филмски формат, во црно-бела техника, со изразит контраст на кадрите и крупно зрно; како и избелени инсерти на сеќавања со цел да ја акцентира автентичноста на амбиентот, настаните и ретпроспекцијата на историското време, како интомно, така и политичко.

 

 

Konchalovskiy не ја раскажува оваа интимна историска драма на стеротипен (холивудски) вообичаен, линеарно наративен тек. Не!

Токму во тоа е уметноста на Andrey Konchalovskiy кога континуитетот на дејствието го дисконтинуира со кадaр на трите лика облечени во бело, со бела позадина и гледаат кон гледачите. Се слуша зуење на филмската камера, се гледаат крацерите и гребнатинките, филмски флеки и осветленост на филмската лента со генијална замисла: Веродостојно документирано и искажувања пред влезот на рајот.

Автентичноста на филмската глетка е постигната со извонредно веродостојна сценографија и костимографија во логорот, во бараките на логорашите, како и шумовите и звуците кои ја потенцираат атмосферата на застрашеност и мачнина. А како констраст се флеш-бековите на ретроспективните сцени од Венеција на мондеските забави кога филмските кадри се преекспонирани со сјај на светлосна ониричка занесеност во некој друг, изминат, натприроден свет.

Потоа неверојатно акумулиран е секој кадар со сценски и лични реквизити, како и мошне пластично одиграните улоги на добро избраните ликови, како физички, по својот изглед, така и по душевната и духовна профилираност на секој лик во филмот.

Уметноста на Кончаловски во овој филм е потврда на нашето убедување дека филмот како уметност не е докрај откриен во своите изразни можности да помира во стварноста и да ја открива трансцеденцијата на постоењето на нас луѓето, во овој збркан свет на границата меѓу смислата и бесмисленоста.

Впрочем, во тоа е и смислата на уметноста, како што тоа го акцентира современиот српски режисер и публицист Александар Мандиќ, кога вели дека: „Уметноста е производство на убавина како понуда на нешто што е убаво и вистинито“.

Иако во илјадниците филмови што се снимаат има мал број кои се вбројуваат во уметност, сепак, тие филмови ја одржуваат вербата дека уметноста со убавината и вистината ја oткриваат смислата на човекот во овој свет.

 

Comments

comments