Скопје беше нас

Автор: Костадин Героски

 

Скопје беше три улички
И нашиот џагор
Ние бевме Скопје
Скопје беше мажите селјаци
Скопје беше традиционалните женички
И само по некоја светлина на крајот
И само по некој фенер на почетокот

(Скопје секако беше ефтин трик
Да се намамат оние што вистински
Вредеа да останат во пустината во
која никогаш не ќе се реализираат)

Колку само немаше достојна калдрма да
Се оди, па пак одевме исправени
Колку само немаше зеленило за дишење,
Па пак го населивме паркот

Колку само немаше пријателства во Скопје,
А сепак таму ги запознавме најубавите души
На земјата
Колку само посакувавме да живееме
Во друг град, на друг полуостров,
Па пак ги пишувавме нашите глупи жалопојки за тебе

Скопје, ти вулгарен песу,
Кучко една од град!
Те љубам!
Уште сум млад!

Скопје беше две кафулиња
И чај што се поти
Ние бевме кафулињата
Толку многу идиоти, идиоти, идиоти
И само по некое катче достојно за разговор
И само по некojа приказна достојна за почит

Скопје -кибритче
Скопје -зелена комета
Скопје-нашето се’

Како тетоважа во небото
Како исечок од ѕвезда на перница
Излези пак, ново утро е
Снегот исчезнал, вдиши
Скокни преку бандерата

Ете го Скопје!

 

 

Comments

comments