Од 6 до 10 јуни, во Кинотека на Македонија ќе се одржи летното издание на фестивалот Скопје Синема Сити.

На четвртото издание на Скопје Синема Сити, ќе имаме прилика да проследиме четири филмски настани. За време на петте фестивалски денови, ќе бидат прикажани вкупно 15 филмови од различни продукции, кои ќе обединат повеќе под-теми, иако во сите музиката го зазема централното место.

Изминатите години Фестивалот им оддаде почит на Дејвид Боуви, Леонард Коен и на Крафтверк, а оваа година Скопје Синема Сити ќе му оддаде почит на големиот јапонски филмски композитор, Руичи Сакамото, преку прикажување на филмот „Кода“ во режија на Стивен Номура Шибле. Филмот се прикажа премиерно на филмскиот фестивал во Венеција во 2017 година, а се прикажа и на Берлинале во февруари оваа година. На некаков начин филмот „Кода“ и неговите под-теми како активизам, креативност и животните приказни кои придонеле за да се создаде таа музика и случувања, ги обојуваат темите на филмовите кои ќе се прикажат на овогодишниот Скопје Синема Сити.

Руичи Сакамото е познат како сестран уметник и неговите достигнувања во музиката се светски познати, почнувајќи од поп-изданијата и соработките со уметници како Дејвид Силвијан, Бил Ласвел, Иги Поп, Лори Андерсон, Хектор Зазу, па сè до бројните филмски проекти со познати и реномирани режисери и филмски работници. Неодамна тој беше актуелен и со музиката за филмот на Алехандро Инариту, „Повратникот“, со оскаровецот Леонардо ди Каприо.

„Фестивалот е обединувачката платформа каде што се застапени повеќе содржини и компоненти преку филмската програма. Тој нема натпреварувачки карактер, односно изборот на филмови не се прави само од понова продукција, туку се селектираат филмови од најразлични години на продукција, земји и автори со цел да се прикаже ширината и богатството на музиката и светот којшто таа го инспирира или којшто е инспириран од неа“, изјави Ненад Георгиевски, директор на Фестивалот.

 

Comments

comments