Скопјанчињата имаат една специјална, автохтона болест која се манифестира во три форми: (1) „Еее тапа градов”, (2) „Значи нема кај да се оди во градов” и (3) „До пред 2-3 години имаше кај да се оди, сега умре градов”.

Специјален мутиран под-вид на оваа опака болест ги тресе отселените скопјанчиња (македончиња) – гурбетчии, кои (главно) од Берлин, проповедаат исправен градски живот.

Можеби помалку нескромно од моја страна, но во манир бравурозен – левел Др. Хаус, ќе се осмелам да дадам дијагноза за оваа болка со честа појавност во нашите краишта: #неинформираност.

Да се биде неинформиран во денешно време е адекватно на лепрозност во времето кога Исус одеше по земјата, или пак оној гаф кога скопските студенти за 68ма дознале во 69та.

Само еден мал излет до современото средсело наречено Фејсбук, несразмерно го подига нивото на информираност за случувањата на само 500 метри од вас, а да не спомнувам за светските. Каде е тука амбицијата да се биде информиран од пософистицирани медиуми од споменатиот ФБ? Но кој видел ќар од информираност во 21виот век, така?

Со големо жалење морам да признаам дека не сум семоќен и некој темелен Др. Хаус, но можам да понудам малку лек, малку информативен иљач, за подзаспаните скопски глави, заматени од вирусот на неинформираност.

На кратко, Скопје во ноември е неверојатно. Ќе почнам од она што помина:

Веќе успеавте да ја пропуштите третата симфонија на Горецки во изведба на македонската филхармонија и солистката Ана Дурловски, едно од најпрекрасните класични дела на 20тиот век. Истата вечер, на 2.11.17 година, Blla Blla Blla одржаа незаборавен концерт во Фросина, МКЦ, промовирајќи го албумот Brum për medioferr, за кој веќе пишував во Reborn.

 

 

Но не очајувајте. Најголемиот и најквалитетен годишен филмски фестивал во Македонија, фабулозниот Cinedays само што отвори вчера. Се што прочитав/слушнав околу фестивалот е чиста возбуда и елевација од типот: никогаш подобра филмска програма немало од оваа година! Тоа за мене порано значеше 2 недели по цел ден во кино. Доколку сте млади, убави, паметни и гладни за култура, предлагам да го направите токму тоа.

Освен филмови, секоја година, Cinedays има неверојатно квалитетна музичка програма.

10.11.17 е резервиран за Zola Jesus, јако популарен акт помеѓу клинците кои се фураат на оној модерен kitschy goth од последниве неколку години. Светски. Одма следниот ден, на 11.11.17 Evil Nine во живо: кој е луд да пропушти луда мега-breakbeat тркаланица? Јас секако не. Знаете кои се Evil Nine? Знаете. 🙂

 

 

На 13.11.17 повторно ќе имаме можност да се дружиме со милениците на скопската публика и еден од најдобрите бендови на 21виот век CHK CHK CHK (!!!)… 100% и без дискусија, топ настан.

 

 

Следниот ден, на 14.11.17 е настапот на Marko Breclj, култен словенечки кант автор, некогашен фронтмен на југословенски славниот бенд Buldožer. Два дена подоцна на 16.11.17 ги имаме Jaga Jazzist, експериментален џез бенд од Норвешка. Немам поима, ама издаваат за Ninja Tune. Проверете.

Следниот ден, на 17.11.17 е настапот на Drew Mcdowall кој создава и пушта експериментална електроника. Работел со Coil, Psychis TV. Препорака. Ден потоа на 18.11.17 е Chrysta Bell, американска пејачка, композиторка, модел и актерка. Се појавува во новиот Twin Peaks и тоа е сосем доволно за вас, драги мои манијаци кои голтате серии ко чоколадни колачиња.

 

 

И тоа не е се. Овој месец во МКЦ ќе можете да ги проследите и PMG Kolektiv во живо на 24.11.17 ќе го промовираат винилното издание на албумот ПМГ Колектив Скопје. Настанот е „invites only”, па погрижете се да си набавите покани на време.

На 30.11.17 свират светски популарните indie rock јунаци Liars. Топ де ла топ, драги мои скопјанчиња.

 

 

Во рамките на нивните Градски Сесии, господата од 3 Гонга, во ноември, во Станица 26, меѓу другите го носат и Рамбо Амадеус на 29.11.17.

Ако ви е малку, на 25.11.17 во Епицентар настапува легендарниот електро-техно мајстор Anthony Rother. Една недела претходно, во Минус 1, во организација на Balance, настапува парискиот хаус идол D’Julz.

Би можел да продолжам во истово информативно темпо, но ми се чини дека ќе ве однесам во сосем друга крајност: information overload, што исто е болест.

21ви век е драги мои скопјанци. Сакале ние да признаеме или не, 21виот век дојде и во нашите краишта. Времиња сурови, секој со својата приватна борба… сепак, културно-уметничката понуда во македонската метропола е подобра од било кога.

Ќе се осмелам да речам на ниво на европските метрополи. Не е време да се остане дома и да се боледува од неинформираност. Време е да се излезе во град и да се живее. Живејте.

 

Comments

comments