„Еее сине на времето кога одевме на корзо, тоа беше местото каде што за првпат ја видов мајка ти (или татко ти соодветно), каде редовно се шмекавме. Место преполно со мангупи, швалери, деца, мајки, тетки, стрини, баби, дедовци…”

Ова беа само дел од речениците со кои моите (се кладам и вашите) родители ме осипуваа, од моментот на моето прво „искачање”, па сè до ден денес. Знам дека не сум компетентен да пишувам за тоа легендарно и епско место (затоа што сум роден мнооогу после постоењето на Корзото), но ќе се обидам да го претставам според фактите кои ги најдов чепкајќи по интернетот и по мемориите на моите и туѓите родители.

Душата на градот

„Ах, скопското корзо. Најубавата, највозбудливата, љубовна патека на светот. Првата симпатија, првото вљубување низ прошетките, кога срамежливо се будеше вечерното Скопје.” Ова е една коректна дефиниција за тоа што претставувало корзото.

Добро е, се запознав со основната материја, но сепак останав со уште многу дилеми и прашања. Што е корзо? Како овие места се поврзани? Имало ли правила на однесување кога си на корзо? Некаков непишан корзо бон-тон? Среќа во „нашево” време имаме интернет и одговорот на овие прашања е лесно достапен. Плус, моите сеуште се со добро памтење, па се консултирав и со нив. Бев спремен на ризикот од спомнување на името на неговото височество – „корзото”, се спремив за инстантното вадење на фотографии, споменари, навлегување до детали со имиња, места, кој со кого… Сè за корзо.

Според моите извори, станува збор за место во кое возбудата никогаш не престанувала. Место каде се презентирала новата мода, новата фризура, новиот флерт… Трачевите од типот на „фраеров е со нов шушкавец од Италија, перлон кошула со тврда крагна која не се пегла” или „таа е прчла од Пајко Маало, со највисоки потпетици на корзото, со нив им пркоси и на артистките од театарот” биле вообичаена пракса.

Патеката на корзото

Местата како „Пелистер”, Кино „Вардар”, „Метропол” и старата Железничка станица, „Ристиќевата палата”, „Громби”, „Путник”, „Ванила“, „ГТЦ” се само дел од локациите на корзо-шемата.

Кога сме кај местата, тие се разбира се менувале низ годините. Но сепак јас дојдов до еден несигурен заклучок дека некако тие места биле во непосредна близина и се поклопуваат со денешниот плоштад и ул. Македонија. Реонот на денешните ГТЦ – Плоштад – ул. Македонија – Стара Железничка бил горе-доле реонот каде гравитирале луѓето на корзото.

Корзо бон-тон

Луѓето сакаат правила, затоа тие постојат скоро насекаде, па зошто да не и на корзо? Основно правило било дека сите на корзото знаеле каде треба да се шетаат, во својот дел од улицата: Девојките шетале на средината на улицата, а вљубените парови се шетале на главниот тротоар. Сè било под конец.

Додека сè уште сме кај правилата, налетав и на еден интересен факт. Во 1930 год. полициската станица на градот Скопје издала наредба за однесување на корзото. Со оваа наредба било одредено движењето на корзото, односно – шетачите на улицата да се движат по десната, а да се враќаат по левата страна. Младите девојки кога се движеле на корзото се фаќале под рака со што правеле турканици, па затоа ваквото движење во групи не било дозволено.

Родителите своите деца под 10-годишна возраст не смееле да ги носат на корзо, а било забрането возење на колички по улицата. Децата што се шетале на корзото не смееле да изгледаат неуредно, а деца без родители пак не смееле да се собираат во групи, бидејќи го попречувале движењето на корзото. Некако самото читање на правилава ме измори, а којзнае како им било на шетачите.

Иако со безброј правила, кодекси, трачеви и со што уште не, сепак имало шмек и убавина. Скопското корзо не признавало социјален статус. Важни биле само слободата на шетањето, дружењето, убавината, младоста, можноста за непосредни контакти и запознавање. Иако биле препознатливи одделни сектори, карактеристични за младите или за повозрасните, за момците и девојките, сепак сето тоа било дел од едно, единствено јадро.

Некои од фотографиите во тесктот се од Васил Боглев, доколку некој го препознае авторот на другите фотографии го замолуваме да ни пише.

Галерија

Comments

comments