Спонзорирано од Скопско Smooth
Фотографии: Елена Фиданска

 

Уште како клинец бев фасциниран од тетоважите на чичковците околу мене.

Во тој период имаше само онакви војнички и затворски тетоважи, тотално аматерски и наивно, но со силна порака, тие покажуваа своевиден среден прст кон рестриктивниот режим.

#НеСум случајно тату артист, мојата љубовна приказна со тетоважите започна кога имав само 13 години. Со другарче, возејќи се во автобус, си ги разменувавме нашите детски идеи за тетоважи, кога полу-пијан чичко ни „улета“ и ни кажа никогаш да не се тетовираме, затоа што тој сè уште се кае за неговата тетоважа. Ја крена маицата, на градите имаше огромен старошколски орел. Спротивно од идејата на чичкото, ова врз мене имаше целосно обратен ефект  – мислам дека тоа беше најкул нешто што имав видено дотогаш.

Првата тетоважа ја ставив во 2009 година, па по куражењето на мојот ментор Емилија Пендева, почнав и самиот да тетовирам. Подолу се останатите поединци и групи (покрај чичкото во автобусот), кои ми влијаеа низ целиот процес.

 

 

Daniel Higgs

Артистот кој според мене е најзаслужен за враќањето на традиционалните американа тетоважи на сцената, кон крајот на 80-тите. На дебелата контура и дречливите бои, започнати од Sailor Jerry, а усовршени од Ed Hardy, Daniel додаде свој наивен надреален шмек, кој е присутен во неговата музиката како соло артист и во онаа на неговиот бенд, Lungfish. Тој повеќе не тетовира, но се тешам дека барем на мојата кожа имам варијација на неговиот класичен мумија дизајн, изработена од мојата добра другарка Самара.

 

Duncan X

Уште еден артист, пионер со препознатлив стил, за мене поблизок бидејќи не користи друга боја освен црната. За разлика од Daniel, на кого основа му се класичните американа тетоважи, на Duncan X стилот му е поевропски, поупростен, помрачен, повеќе инспириран од тетоважите на криминалците, отколку од оние на морнарите.

 

Момците и девојките од амриканската хардкор сцена во 80-тите

Растејќи во панк хардкор сцената, членовите на повеќето мои омилени бендови беа истетовирани. Тоа што ми го привлече вниманието кон нивните тетоважи е што за разлика од нивните чудни фризури, различниот стил на облекување и пирсови, тие беа нешто перманентно, некој вид на изјава дека тоа не е само тинејџерски бунт, туку еден вид на антисоцијален и нихилистички поглед кон светот. Ако се додаде на тоа дека во повеќе држави во САД, вклучувајќи го и Њујорк, тетовирањето било забрането со закон сè до 1997, тие тетоважи добиваат дополнителна тежина. Нивните тетоважи се претежно мрачни, сирови и прости, баш каква што е и нивната музика.

 

 

Момците и девојките од британската андерграунд сцена преку фотографиите на Derek Ridgers

Легендарниот фотограф ја започнува својата кариера во раните 80-ти, кога ги прави веќе култните портрети на британските скинхеди, панкери и гот. За разлика од американските субкултури, британците често одат во целосно нова екстрема, со ставање на таканаречените Job Stopper тетоважи, тетоважи кои се постојано видливи, односно тетовирани на глава, лице, врат и дланки. Одлични фотографии од луѓе кои ги „заболе“ за утре, а не па за тоа на што ќе личат кога ќе остарат.

 

Момците и девојките од документарниот филм Mark of Cain

Два дена пред да ја ставам мојата прва тетоважа, пред 8 години, на ТВ го начекав Eastern Promises. Тетоважите на руските мафијаши од филмот ми изгледаа толку моќно, што пребарав на интернет сè што можев да најдам за нив. Овој документарец го гледав вечерта пред тетовирањето и дополнително ми ја врежа таа идеја дека тетоважите мора да претставуваат некаква изјава, некаков револт и да бидат своевиден код за распознавање, кој кажува многу за оној кој ги носи.

 

Robert De Niro како Max Cady во Cape Fear

Тетоважите на Max Cady ги имаат сите елементи што според мене претставуваат вистинска тетоважа. Од „Time the avenger” грим рипер-от, „Vengeance is mine” и останатите цитати од библијата, скршеното срце за Loretta, па сè до класичниот црн пантер, кој е всушност вистинска тетоважа на De Niro, сите се моќни, прљави, сирови, прости и ти кажуваат сè што треба знаеш за ликот.

Дополнително: Ако сакате да се тетовирате кај мене, дојдете во MG Tattoo & Piercing Studio

Галерија

Comments

comments