Чат-пат знам да си го самопоставам она круцијално прашање – Дали ние обичните граѓани на светот некогаш ќе успееме да се „носиме” како што тоа го прави Холивудскиот крем?

Замисли да не постоеа оние „општествени стеги”, па мерачки да излезеш во град облечен како John Travolta и Samuel L. Jackson во „Pulp Fiction”; Keanu Reeves во „Matrix” или Milla Jovovich во „Fifth Element”. Какво фантастично доживување би било тоа (барем според моите логики и скромни теории за среќа)! Но сè додека секојдневието нè ограничува и не многу уживаме во бодењето очи, перфектно комбо останува аутфитот на Ryan Gosling во Drive, со посебен акцент на феноменалната азиска убавица – souvenir jacket.

Овие souvenir jackets (Sukajan, на Јапонски) наликуваат на класичните колеџ или бомбер јакни, со елементи на свила и проткајани со традиционални јапонски дезени, како на пр. огромни црвено-жолти змаеви, шкорпии, јапонски цвеќиња и дрва. Тие влечат корени уште од Втората светска војна, кога биле преземени од американската војска при напуштањето на Јапонија, како мал сувенир. Иако на оваа страна од светот тие остануваат како одлика на разни банди и субкултури етикетирани за „отпадници и остатоци” од војната, во Америка и Европа, Gucci и Louis Vuitton ги доживуваат дијаметрално спротивно.

 

 

Можеби најзаслужни за денешната инволвираност на souvenir jacket-от во високата мода се Nicolas Winding Refn, Ryan Gosling и нивниот филм Drive. За овој потег на ненадејно предвидување/предизвикување на модните трендови, Erin Benach, костимографот позади Drive изјавува:

„Ryan беше инспириран од souvenir jackets од 50-тите години. Тој дури отиде до таму што цело време додека се снимаше Drive беше облечен во сопствена souvenir jacket. Тогаш ни дојде идејата дека многу добро може да се вметне во Drive. Но неговата јакна беше премногу 50-ти и ретро. Затоа решивме да издизајнираме своја верзија.”

А режисерот Nicolas Winding Refn дополнува:

„Мојата желба беше Ryan да носи бела или сива сатенска јакна, која ќе биде видлива навечер. Кога работиш на стајлингот на главниот актер секогаш мораш да внимаваш и да се усогласиш со неговиот стил на облекување. На Ryan му се допадна оваа souvenir jacket, а мене ми се допадна неговиот избор, така што лесно беше да се соединиме со мислењата. Подоцна, додека ја слушав „I Was Made For Loving You” од Kiss, добив идеја да издизајнираме огромна црна шкорпија на грбот, која ќе биде сјајна и впечатлива. Искрено немам појма како ги поврзав овие две ствари, но некако се случи. Немам логично објаснување. Пораката која сака да ја испрати шкорпијата е дека таа го чува и штити главниот актер низ целиот филм.”

 

 

Една од многуте причини поради кои го имам гледано Drive повеќе пати од „Step Brothers” е токму оваа неверојатно-фантастична souvenir jacket, која од филмот прави филмчиште. И да, би ја носел јакнава на свадба, крштевка, роденден или состанок, без пардон.

 

Comments

comments