Ако си фан на легендарните „Монопол”, „Ризик(о)” па дури и „Не љути се човече”, тогаш постојат реални шанси да си ја проширил својата зависност на играње друштвени игри на едно повисоко ниво.

Тоа би значело играње на „board games“ или друштвени игри кои еволуирале во нешто што е најмалку „играчки за мали деца” т.е. игри кои бараат добри претходни подготовки, активен мозок, тактичка подготвеност и нормално – среќа.

Јас не сум некој познавач и љубител на играњето на „модерниве” друштвени игри, туку сум ретро дечко кој сè уште си се држи до „легендите” во оваа забава. Но, морам да признаам симнувам капа на тие кои се дел од заедницата на обожаватели на друштвените игри и сум фасциниран од начинот на кој се развија во сериозно движење.

Сепак решивме со тимот на Reborn да отидеме чекор напред и заедно со Милан Тасевски да ја испробаме неговата игра.

 

 

Милан е креаторот на првата оригинална македонска друштвена игра, Small Star Empires, која прави пуздер и надвор од Македонија и патем е и основач на Archona Games – студио за друштвени игри.

Бевме воодушевени и возбудени како пред испит. Дефинитивно продукт кој квалитетно ќе ви го пополни вашето слободно време, а сето тоа преку совршен дизајн, лесни и брзо совладливи правила и неверојатна динамичност и игривост.

Играта нуди многу стратешки избори што произлегуваат од едноставноста на играта и модуларноста на мапата. Најчесто, за да одиграте една игра потребно е околу 15 минути.

 

 

За неговото прво „чедо” Милан изјавува:

„За мене беше голем креативен предизвик да ја дизајнирам играва како и да ги создадам графичките елементи и цртежот на кутијата.

Досега ја презентирав играта пред многу луѓе вклучувајќи луѓе од Македонија како и посетители на најголемиот саем за друштвени игри во светот „Essen Spiel” во 2015. Можам искрено да кажам дека добивме многу позитивни критики и всушност на саемот, многу луѓе бараа да купат копија од играта! За жал, ние немавме копии за продавање бидејќи играта сеуште не е произведена, но затоа луѓето сега може да ја поддржат и купат преку Kickstarter кампањата на овој линк.“

 

SmallStar (2)

 

Освен на Kickstarter, играта ќе може да се нарача и во Гоблин Друштвени Игри и ќе чини 2000 ден, со вклучена испорака. За повеќе информации, посетете ја веб страната www.archonagames.com.

П.С. Од Kickstarter кампањата преостануваат уште 24 часа, така што побрзајте и овозможете отклучување на пластичните минијатури на „Small Star Empires”.

 

Фотографии: Лилика Стрезоска

Comments

comments