Ентериерното уредување е одлика на личните релации: човек-простор, волумен-светлина, боја-материјализација… Сето ова раскажува низа суптилни приказни кои генерираат хармонија, каде чувството за естетика го нарушува интимниот простор на функционалноста.

Едноставните потези на архитектот креираат соигра во рамките на спектарот на природните материјали: светлото дрво и белата боја, оплеменети со источното сонце кое продира помеѓу стаклените елементи.

Да се поигрува со скандинавскиот дизајн е меч со две оштрици. Многу тешко се постигнува целта, која може да биде нарушена со мала неконзистентност во мисловниот процес и искреноста на креаторот. Северно-европската естетика има една голема цел – да создаде простор за живеење, со силна природна светлина и нежна материјализација. Да ја пренесе хептичноста на природата во затворен простор, во новата интимна кожа на корисникот.

 

 

Во контекст на материјализацијата, овој ентериерен проект, пред сè се карактеризира со под од природно дабово дрво изработен од швајцарската компанија „Bauwerk”, третирано со масло кое низ специфичен процес е продрено низ неговите најдлабоки пори.

Бакарните столчиња и кујната со челниот отворен ѕид од масивно дрво се став каде функционалноста и естетиката се претопуваат. Ентериерот е заокружен со мебел од Фин Јул, Иб Кофод и Ханс Вегнер односно дански модернизам од 50тите години на минатиот век, а во соигра со мебел дизајниран и изработен од Смарт Ливинг.

Текст: М-р. Иван Мирковски, диа.

 

Галерија

Фотографии: Александра Костадиновска
Проект, опремување и осветлување: Смарт Ливинг

Comments

comments