Веќе ги прекршивте сите можни ветувања што си ги дадовте за Нова Година, нели? Сите резолуции од типот: ќе се хранам здраво, ќе вежбам повеќе аеробик, можеби пилатес, нема да се нервирам, ќе почнам од почеток, ќе го заборавам, нема да ме боли, ќе дишам со побавно темпо, ќе научам да издишувам пред да ѝ кажам нешто во лутина, итн… сé ви отиде по ѓаволите или останавте цврсто решени да издржите?

Доколку сте прекршиле само шест од дадени пет ветувања за себе, тогаш лекот за тоа е да ја прочитате книгата „Смртта на Иван Илич“ од Лав Н. Толстој или евентуално да го погледнете видеото каде што Којотот конечно ја фаќа и ја убива Брзата Птица Итрица, ама во најсуровата канибалистичка варијанта на YouTube. Што имаат заедничко „Смртта на Иван Илич“ и епизодата „Којотот конечно ја фати Брзата Птица Итрица“ (верзија за возрасни)? Сега ќе видите.

 

 

Резиме на книгата: Неколку судии се собрани во куќата каде е погребот на Иван Илич, многупочитуван судија чија смрт веќе била очекувана, ако не и посакувана, како што впрочем тоа многу значи во државната апаратура: „Освен тоа што оваа смрт кај секого поттикна претпоставки за преместувања и за евентуални промени во службата кои сега стануваа можни, самиот факт за смртта за неа, како и секогаш, предизвика чувство на радост што умрел тој, а не јас.“ Ха!!!

Потоа следува наратив за животот на Иван Илич и неговите достигнувања дотаму до каде што е. Неговиот начин на живот е да се заземе став, било кон професијата, било кон бракот: „…го прифати методот да ги отстранува сите околности кои не се однесуваат на службата и најсложените случаи да ги направи такви што случајот само надворешно се гледа на хартија и се исклучува секакво негово лично гледиште… Иван Илич се ожени од две причини: си направи задоволство земајќи таква жена, а истовремено го направи она што луѓето на највисоки позиции го сметаат за правилно“. Со таков став кон сé, наеднаш е разочаран што не го добива посакуваното унапредување, не добива повисоко место во државна администрација и почнува да размислува за исполнетоста на својот живот. Се разболува и физички и душевно и оттаму му нема враќање назад. Толку!

02_06020505_62dc3b_2628758a

Наши размислувања: Професиите „судија“/„лекар“ си играат со човековите судбини. Одредуваат кој до кога и каде ќе живее, и буквално и метафорично. Но, зарем ставот на рамнодушност и беззначајност ќе придонесе до нивна поголема професионалност? Каде е скриено човечкото во ситуации кога решаваат човечки судбини?

Иван Илич е човек пред сé, пред да биде судија, сопруг. Тој ја спознава сета лага на општеството, лагата дека го сожалуваат, лагата во бракот, лагата на она што го работел, лажните пријателства: „Му падна на ум дека она што порано му се чинеше како нешто што е целосно невозможно, имено, дека не го проживеал својот живот онака како што требало – дека тоа би можело да биде вистината. Му падна на ум дека оние негови одвај забележливи тајни желби да се бори против она што луѓето на највисоки позиции го сметаа како добро, одвај забележливи тајни желби кои тој истиот миг ги отфрли од себе – дека тие навистина би можеле да бидат вистинските…“

„А ако е така – си рече – и ако јас го напуштам животот свесен за тоа дека упопастив сé што ми беше дадено и дека веќе ништо не може да се поправи, што тогаш?“

Тогаш г-не Иличу почнувате од почеток. На секој крај има нов почеток. Којотот имаше една цел: да ја фати Брзата Птица Итрица. Но, ниту Иван Илич ниту Којотот не разбраа дека не е целта само да се добие унапредувањето или да се има „птицата в рака“, туку дека животот е во моментите на трчањето, во ловењето, во чекањето додека да се стаса до Њујорк (Боуви), во миговите на творењето, креирањето на сам себе, на измислување на нови начини да се дојде до „Птицата“, да се работи со страст и да се ужива во процесот. Којотот најдобро го прави тоа што го прави: трча по неа, а ние му се воодушевуваме на храброста да стане при секое негово паѓање, колку и да го здоболело, да продолжи во континуитет да биде најдобар во тоа што е.

Што се случи со Којотот откако ја фати Брзата Птица Итрица? Дојде до работ на самоуништување, исто како и Иван Илич.

Само едно нешто ми го мати умот: Да беше Иван Илич ЖЕНА која секојдневно мора да жонглира со сите обврски дома, на работа, со друштво, да биде нон-стоп во тек, да знае што е падни-стани, да биде божица, лавица, девица, близнаци, овен и вага во исто време, да вари чајче во три саат по полноќ, да биде мајка, мајка која знае дека треба уште две/три „птици итрици“ да ги изнесе на вистинскиот пат, да бидат свои и слободни, книгата веројатно немаше ни да се случи.

Затоа, понеделник е и први во месецот е, фатете сé за читање добри книги и направете си нови резолуции, кои ќе ве исполнуваат само вас лично.

Нели стално од понеделник и од ПРВИ почнуваме нови нешта?!

 

Comments

comments