Фотографии: Александра Костадиновска

 

Мислам дека одлуката за изложба, особено како млад аматерски уметник, укажува на многу храброст.

Познаваме многу (талентирани) артисти, кои вечно се чувствуваат неспремни да се покажат пред светот. Вечно се во исчекување на вистинскиот момент. Стравот од осудување и од експонирање на вистинското „ти“ знае да бидат огромен и често поголем од самодовербата и храброста.

Токму затоа сум фан на сите оние кои се одлучуваат на ваков чекор. Особено во мало општество како нашето, во кое се чини дека ги познаваме сите и постојано има некој пар очи вперени кон нас, гладни за осуда.

Спасија е млада уметница. Нејзината 8-до-5 работа е како меркетер во CodeWell. Таа со сликање се занимава аматерски во последните 3 години, а на нејзината прва изложба чие отворање ќе се случи на 3 мај во Галерија Акантус во 19.30 часот, ќе бидат изложени вкупно 14 нејзини дела.

Изложбата е наречена „Сè што остана се само спомени“ и ќе биде отворена за посетителите сè до 13 мај. 

Запознај ја Спасија од нашиот мал разговор со неа и мотивирај се и ти да се посветиш на некоја пасија, која ја чуваш во позадина веќе подолго време.

 

 

1. По професија си маркетер и моментално работиш маркетинг во CodeWell, компанијата која стои позади Letz. Од кога се занимаваш со сликање? Кога за прв пат препозна дека тоа е она што сакаш да го правиш и да ти ги исполнува деновите?

Да, работам во CodeWell, премногу си ја сакам работата и целата компанија која не би ја заменила за друга. Но мојата љубов кон уметноста и сликањето е другиот дел, надвор од работните обврски, која ми го исполнува денот. Со сликање почнав да се занимавам пред околу 3 години и оттогаш скоро секој ден, најчесто во вечерните часови, со добра музика, сум покрај платното и четкичките.

 

2. Ова ти е прва изложба. Кога и како се одлучи да ја споделиш твојата уметност со публиката? Што беше тоа што те охрабри?

Искрено, многу сум самокритична. Со тоа што не сум академски сликар и немам никакво теоретско знаење за сликањето и техниките, уште повеќе ме прави несигурна дали тоа што го правам е добро. Воодушевувањата од мои блиски другари и другарки и сите оние кои ги гледаа моите дела ми даде самодоверба да продолжам да се трудам, повеќе да работам и да ги усовршувам техниките (а во тоа уживав). На некој начин тие ме тераа да стигнам до еден момент кога се одлучив да ги покажам моите слики и на други и да направам своја прва изложба.

 

 

3. Како изгледаат твоите подготовки за изложбата? Колку слики ќе бидат изложени и колку време ги припремаше?

Подготовките се при крај и искрено ми беше малку напорно, затоа што се организирав самата и секаде брзав да стигнам, покрај другите обврски кои ги имам и во Codewell. Сепак мислам дека на крај сè ќе биде како што треба. На оваа изложба, која е под наслов „Сè што остана се само спомени“, работам околу 7 месеци и имам вкупно 14 дела кои ќе бидат изложени.

 

4. Тоа што најмногу ме заинтригира во однос на твојата уметност е фактот дека сите слики се од истата личност (бар така мене ми изгледа). Ја најдовме на Инстаграм, и се чини дека е модел од Шведска. Прекрасна е, дефинитивно, но која е? Зошто се одлучи неа да ја сликаш?

Моите слики се портрети, претежно во поголеми формати и тие се инспирација од мои емоции од навратени спомени, кои ги изразувам токму преку ликот на моделот Хедвиг Палм. А зошто баш неа… Па, вообичаено цртам скици, кои овој пат во мојата замисла се поврзаа некако со неа и нејзините очи и тоа што нејзиниот лик е полн со емоции. Со Хедвиг стапив во контакт и со нејзина соработка ја комплетирав целата приказна, токму така како што ја замислив.

 

 

5. Од кој уметник отсекогаш си сакала да поседуваш слика? Кои ти се омилени македонски артисти?

Уф , го обожавам австрискиот сликар и светски познат уметник Густав Климт и сите негови слики кои се огромни ремек дела. Било која негова слика би била нешто многу вредно за мене. Од македонските артисти би ги издвоила Глигор Чемерски и Рубенс Корубин.

 

Comments

comments