Скопје 2013 – се отвори првото „Speakeasy” во Македонија.

Инаку „Speakeasy” се тајни барови кои се појавуваат за време на прохибицијата (период од 1920 до 1933 год. кога била забранета продажбата и производството на алхохолни пијалоци) во Америка.

Преку човек на комшијата, до мој човек, па од кумот на другар ми шурата, слушнавме за скопското „Speakeasy“. Идејата за овој бар е на Дарко Ангелески и Филип Арнаудов – едни од најдобрите бартендери во Македонија, а и пошироко (здружението кое не претставуваше на светското првентството за бартендери во Софија на чело со Методија Перуновски осви трето место). А знаеш како викаат – позади секој успешен бар стојат два успешни бартендери.

Нема да зборуваме за „Speakeasy” – такво е правилото, ама за Дарко смееме. За нешто да биде добро, а најпрвин да биде вкусно (со што ќе ве навлече и маѓепса) треба да биде направено со љубов. Слично на оној пат кога професорот Utonium ја додаде Chemical-X кога ги создаваше Powerpuff girls.

Дарко е човек кој е навистина страстен за она што го работи. Неговиот ентузијазам ме натера да помислам „А да станам и јас бартендер?”. Тој нас ни откри само еден дел од приказната – кој ќе ви го откриеме на вас, а другиот дел го пробавме – викаат дека добро било.

Како функционира „Speakeasy”?

Барот „Speakeasy” функционира како класичен, американски коктел бар во кој можеш да дојдеш дури и сам, а да не бидеш осамен. Да немаш никаква идеја што да пиеш, а по краток, искрен муабет со човекот позади шанкот, ќе му препуштиш тој да ја избере вистинската пијачка за тебе. Можеби само 20% од гостите знаат уште од самиот почеток што ќе нарачаат и пијат. Секако постојат и гости кои се скептични и неодлучни околу својот избор на пијачка, па тука настапува бартендерот. Ако се желни за Мохито, направи им го перфектното Мохито. Не Мохито. Перфектно Мохито.

 

Како се роди љубовта кон бартендерството?

Првото работно место ми беше како слаткар. Тоа и го учев во средно училиште и мислев дека е вистинската професија за мене, но нешто му недостасуваше на мојот карактер. Мојата мајка е голем фан на готвењето и постојано купуваше кулинарски книги и списанија. Така случајно во една прилика купила и книга за коктели која почнав да ја прелистувам и читам, но тогаш не можев ништо да разберам – сè беше ново за мене. Во 2001 година се отвори првото школо за бармени во Македонија, бев меѓу првите кој го заврши курсот и од тогаш па сè до ден денес трае мојата љубов кон оваа професија.

Дали би организирале тематски вечери на кои би се пиеле само одреден тип на коктели инспирирани од државата, годините, итн?

Секој 5 декември организираме тематска вечер. Со тоа го одбележуваме денот кога завршува забраната за конзумирање и производство на алхохолни пијалоци. Сите гости се обврзани да носат дрес код од 1920/1930 години.

Успешен авторски коктел зависи од вкусот на бартендерот, искуството, или?

Инспирацијата за авторски коктели доаѓа одвнатре, а пред сè како последица на повеќе години работен стаж и читање на книги од различен жанр. Секој бармен создава нешто свое. Прави свој сируп. Идејата е да се одбере зачинот кој фали и да се инфузира.

 

Дали одговара да се комбинираат коктели и храна?

Би сакале во иднина да експериментираме со различни комбинации на коктели и храна, звучи интересно.

Нудите ли коктели со ракија?

Јас и Филип сме изумителите на првиот македонски коктел со ракија – „Белегзија”. Тој се служи во нашиот бар како авторски коктел. Воедно, тој е и еден од нашите најпродавани коктели.

Во мојот речник „коктел” беше едноставно пијалок создаден со мешање на три различни алкохоли/ликери. После „Speakeasy“, разбрав дека има многу повеќе во сето тоа. Всушност, правењето на добри коктели е уметност. Одете во „Speakeasy” за да пробате и уживате во нешто слатко и оставете на специјалистите да се погрижат за вас. Оставаме да ви шепне некој како да ги најдете, ние не смееме.

 

Галерија

Фотографии: Мартин Пацов Саровски

Comments

comments