Дизајнот на кориците од албумите секогаш играл важна улога за тоа како музиката е перципирана.

Најдобрите илустрации на кориците честопати се дел од севкупното дело, исто како и самата музика. Тие не се само маркетиншко средство туку се продолжение на уметничката намера и цели, а воедно тие се таму за да создадат визуелна презентација на музиката. Од своја страна, дизајнот го подготвува теренот за тоа што ќе чујат слушателите од музиката во албумот. Во најдобар случај, дизајнот на кориците ја надминал својата функција да биде само обично пакување и понудил решение кое ќе биде актуелно како во моментот на објавувањето на албумот, така и во годините потоа.

Секој голем албум е поврзан со визуелен идентитет што станал антологиски. Еден од ваквите дизајни за корици од албуми е оној за „The Joshua Tree“ на U2 од страна на дизајнерот Steve Averill, албум што оваа година ја слави својата 30-годишнина.

Долгата и богата историја на бендот U2 се карактеризира со долги и трајни соработки со своите продуценти, разни музичари, менаџерот Paul McGuinness, кој неодамна се пензионираше од оваа позиција, фотографот Anton Corbijn, како и со Steve Averill, уметничкиот директор на бендот.

Averill не само што му го дал името на бендот, туку во последните 35 години помогнал да се оформи и реализира неговиот визуелен идентитет почнувајќи од „Boy“ па сѐ до последниот студиски албум „Songs of Innocence“. Неговите незаборавни дизајни за кориците ја поставиле основата за тоа како U2 се презентирале себеси со нивните изданија. За луѓето кои ги ценат физичките изданија на албумите и кои го ценат дизајнот кај кориците како и музиката внатре, Averill е еден од оние луѓе кои претвориле две залепени картони во уметнички предмети.

Пред 30 години, U2 го објавија „The Joshua Tree“ и тоа беше нивниот пробив во светот на супер ѕвездите. Изданието имаше одлични песни чии теми беа политички и спиритуални, претходно присутни во песните кои до тој момент ги пишуваа, но сега нивните песни беа позрели, подлабоки и далеку подобри. И корицата на одреден начин ја отсликуваше таа созреаност и неискажани сентименти кои беа очигледни во музиката и стиховите.

Во опусот на бендот постојат и други антологиски корици, но онаа за „The Joshua Tree“ стана еден од најантологиските уметнички остварувања во историјата на популарната музика.

Самата фотографија е сликана на локација која е најдена случајно додека бендот патувал по пустинските предели од југот на САД заедно со Averill и фотографот Corbijn. Всушност, Corbijn бил оној кој ја сугерирал идејата за овој кактус да биде визуелен мотив за време на нивните талкања по пустината во Калифорнија. Тие сакале таа да го отсликува нивното искуство во Америка и нејзините контрасти – судирот помеѓу пустошот на пустинските пејзажи, кои ја симболизирале спиритуалната суша во тој период, и идејата за нацијата, која исто време била прогресивна и опресивна. Сликата на кактусот Joshua Tree бил симбол на надеж во свет полн со превирања.

30 години подоцна, светот е подеднакво иста ситуација како и тогаш, а U2 го реиздадоа албумот во ново руво и се на турнеја на којашто го изведуваат овој албум во целост. Со Steve Averill зборувавме за неговата кариера како дизајнер и уметнички директор зад кариерата на овој бенд. 

 

Steve Averill // Фотографија: Kaethe Burt-O’Dea

 

Пред да почнете да работите како графички дизајнер вие пеевте во панк бенд The Radiators from Space. Дали искуството да се биде во бенд и да се биде графички дизајнер ви помогнале подобро да ја сфатите другата област и односот помеѓу музиката и визуелните уметности?

Всушност, јас бев графички дизајнер многу пред да станам член на The Radiators from Space. Бендот еволуираше од моето членување од глем рок бенд по име Greta Garbage and The Trash Cans. Подоцна на тој бенд му следеше друг по име SM Corporation. За сите овие бендови создавав дизајнерски елементи. Инаку, почнав да работам за агенција за адвертајзинг кога имав 19 г., и мојот прв албум беше едно хуманитарно издание додека работев таму. Мојот изглед секогаш беше под влијание на музиката и до одреден степен, од страна на омоти од албуми, постери и сите придружни слики од музичката област заедно со други различни влијанија.

 

Какво беше влијанието на панк музиката врз вас кога се работи за визуелните уметности и естетиката?

Панкот беше повеќе потврда на DIY аспектот на создавањето графика. За време на 60 веќе имав дизајнирано и продуцирано фанзин кој се викаше Freep и кога пристигна панк ерата, која всушност беше продолжение на енергичниот рок кој ме инспирираше во доцните ‘60 и ‘70: MC5, the Velvet Underground, The Flamin’ Groovies, The Stooges, раната фаза на Alice Cooper, The Social Deviants, Pink Fairies како и потврдите британски РНБ бендови. Сите тие дел од тој темплејт. На пример, еден бенд како Deviants својот прв албум го објавиле самите. Кај нивната музика и ставови имало политичка димензија. Затоа, во 1977, го создадов првиот ирски фанзин со име Raw Power, кој беше директно инспириран од фанзинот „Sniffin’ Glue“. Подоцна станав дел од друга позначајна публикација по име Heat. Главно влијание беше разбирањето дека вие ги имате средствата да го направите ова самите без одобрение и авторитет на другите.

 

Дали постои место каде што за вас се среќаваат музиката и визуелните уметности?

Сигурно во смисла на работа во музичката индустрија тука постои очигледно место каде што работите се вкрстуваат. Но би можел да замислам дека музиката инспирирала многу дизајнери во многу други области освен во оние каде што се работи директно на музички поврзани проекти.

 

Како се заинтересиравте за графички дизајн?

Уште кога имав 12 години знаев дека ова беше областа во која сакав да работам. Кога завршив средно училиште, открив дека има само неколку начини за да се развијам во тој поглед. Во Националниот уметнички колеџ ми рекоа дека тие предаваат фина уметност и скулптура, но не и „комерцијална уметност“. Затоа ме советуваа да се вработам во печатница. Потоа, една година работев во фирма каде што се работеше припрема за печатење. Тоа немаше врска со тоа што ме интересира освен што ме научија малку за типографскиот лејаут и коректура. За време на овој период имав среќа да ми биде понудено пониско место во една врвна адвертајзинг агенција. Во следните 20 години, почнав со работа на таа позиција па се до креативен директор на независна адвертајзинг агенција. После тоа, одлучив да се вклучам во консалтинг за дизајн каде што главната база на клиенти беше од забавниот сектор.

 

U2 – Boy (1980)

 

Кои се уметниците на кои им се восхитувавте кога почнувавте со дизајн?

Без сомнение, клучни беа хуморот и интелигенцијата на Barney Bubbles. Подеднакво беше важна работата на графичките уметници/илустратори од Сан Франциско од ’60 како што се Rick Griffin, Stanley Mouse и Anton Kelley како и лондонските дизајнери кои редовно создаваа многу добри корици за бендови како што се The Who, Beatles и The Rolling Stones. 

 

Како се специјализиравте за дизајнирање на корици за албуми?

Како што спомнав претходно, тоа беше областа во која сакав да работам бидејќи ги спојуваше и музиката и графиката. Затоа првиот сериозен обид беше дизајнирањето на кориците за изданијата на The Radiators from Space. Ова придонесе да почнам да работам со U2 и со многу други ирски бендови од тој период како Something Happens, The Virgin Prunes, Cactus World News, The Hothouse Flowers, Aslan, An Emotional Fish, Clannad, а и подоцна со бендови како The Script. 

 

На кој начин работите со музичарите за да се создаде дизајнот на кориците и илустрацијата и каков вид на насока ви е потребна од страна на музичарот кај процесот на креирање?

Секој проект си има своја динамика. Понекогаш информациите доаѓаат од издавачката куќа или од менаџментот. Понекогаш насоките доаѓаат од самиот бенд или уметникот. Зависи од тоа колку се буквални насоките. Најдобриот начин е кога дискусијата ќе се случи помеѓу уметникот и дизајнерот и потоа артистот да му даде простор на дизајнерот да дојде до соодветно решение. Меѓутоа, може да постојат многу фактори кои можат да влијаат врз исходот на една ваква интеракција – буџетот и крајниот рок. Мора да се земат предвид факторите во процесот на испорачување на решение и да се предвидат сите варијабли кои придружуваат еден индивидуален проект. Имало случаи кога крајниот резултат бил помалку задоволителен за мене кога насоката на дизајнот бил нарушена од надворешно и субјективно мислење.

 

Кој дел од процесот ви причинува најголемо задоволство?

Уживам во моментот кога и уметникот и дизајнерот ќе видат нешто за што ќе чувствуваат дека функционира што често може да биде многу различно од оригиналната замисла. Понекогаш се случува концептот да не може да се реализира, но понекогаш некој друг аспект од процесот, некоја среќна околност, можат да создадат посакуваниот визуелен резултат. Никогаш немам одлучено за типографијата или за нејзиното поставување сѐ додека не се донесе одлука за фотографијата или илустрацијата. Дури потоа се спроведува темата до крајот на дизајнот.

 

U2 – The Unforgettable Fire (1984)

 

Вие сте интегрален дел од визуелниот идентитет на U2 уште од самите почетоци на овој бенд. Како започна соработката со овој бенд? Дали вие со вашата компанија Four5One Creative (сега преименувана во AMP Visuals) работевте на каверот за деби изданието „Boy“?

Првичниот контакт се случи поради мојот ангажман како дел од The Radiators. Сакам да напоменам дека овие компании не беа вклучени во раните дизајнерски проекти на U2. Тие ги работев јас како фриленсер. И AMP Visual и Four 5 One се појавија многу подоцна во процесот. Брат ми беше во истата година заедно со Adam Calyton и тој ми кажа дека Adam имал желба да зборува со мене во врска со моето членување во Radiators. Сите дискусии кои се однесуваа во моето вклучување во графичкиот дизајн на нивните изданија се случуваа подоцна.

 

Некои бендови се одлучуваат да останат исти во текот на својата кариера, и визуелно и музички додека други сметаат дека и музиката и визуелниот идентитет треба да кореспондираат со промените што се случуваат. Музиката на U2 и нивниот визуелен идентитет се менуваат од албум до албум. Од ваша гледна точка како еволуираше нивниот визуелен изглед и дизајн сите овие години?

Нам ни беше важно додека членовите на бендот еволуираа и како музичари и како луѓе, дека и графиките исто така ќе еволуираат. Начинот на кој музиката се промени од на пример, „The Joshua Tree“ до „Achtung Baby“ беше потребно тоа да се рефлектира и и врз графичкиот дизајн.

Поради тоа се случи промената од црно/бела во колор фотографија. Corbijn можеше да направи повеќе различни сесии на различни локации што ни овозможи една неверојатна палета на слики со која би можеле да работиме кога ја започнавме кампањата за „Achtung Baby“.

 

Колку е важно да се поврзете со музичарите на лично ниво како пријатели за вашата работа?

Не мислам дека, во поголемиот дел од работата, би требало да сметате еден однос за пријателство. Тој треба секогаш да остане професионален за да овозможи конструктивна критика. Се разбира дека може да бидете пријатели со голем број уметници. Тука можам да кажам дека пријателствата опстоиле подолго од професионалната страна на еден однос.

 

Ве молам да го опишете процесот на соработка со U2. На кој начин се доаѓа до избор на корица за албум и кој ја носи финалната одлука?

Кога станува збор за U2, тоа во голема мера се сведува на комбинација од избран број на луѓе во кој спаѓаат бендот, менаџментот, фотографот и ние самите. Но очигледно, бендот е тој кој го има последниот збор. Почнувајќи од албумот „Achtung Baby“, мојот колега Shaughn McGrath е директно инволвиран во процесот на дизајнирање. Тоа донесе друга перспектива и мислење кај дизајнот. Ова помогна да се одржи свежината во процесот од дизајнерска гледна точка.  

 

U2 – War (1983)

 

Оваа година се обележува 30-годишнината од објавувањето на албумот The Joshua Tree“. Вие не само што го дизајниравте омотот туку и патувавте на локациите заедно со бендот и Anton Corbijn за фото сесиите кои ги создадоа овие антологиски фотографии. Што можете да ми кажете за дизајнот на овој албум?

Јас бев инволвиран во многу фото-сесии со бендот и тоа ми помогна да работам одблиску со Anton Corbijn. Anton секогаш успеваше да го изнедри најдоброто од бендот и тука постоеше цврст однос кој се базираше на почит помеѓу сите нас кои бевме вклучени во концептите зад албумите.

Работниот наслов за „The Joshua Tree“, беше „The Two Americas“. Концептот беше таков што се зедоа предвид и вистинската и митолошката страна на Америка за да се изнајде место или простор каде овие аспекти се испреплетуваа. Од таму, идејата да се посетуваат „градови на духови“ (напуштени градови) се чинеше дека нуди силни можности. Беа земени предвид неколку можни локации и беше избран напуштениот град Боди кај планините Сиера Невада. Беше земен предвид и Националниот парк „Joshua Tree“, кај Долината на смртта, и реонот Забриски. На крајот, не го посетивме паркот бидејќи Anton забележа осамен кактус „Joshua tree“ бидејќи тие вообичаено растат во групи, и беше одлучено да се слика таму. Фотографиите кои беа сликани таму беа искористени за внатрешната страна од кориците и на задната страна.

 

Што е тоа во врска со фотографиите на Anton Corbijn поради што бендот редовно ги користи или да ги красат нивните изданија или за прес фотографии?

Тој е можеби водечкиот музички и портретен фотограф и почнувајќи од деновите кога работеше за публикацијата New Musical Express, беше човекот со кој сакав да соработувам и кога се појави можност да сугерирам фотограф за внатрешната фотографија на албумот „War“ тој беше мојот прв избор. Неговите фотографии се и антологиски и хуманистички. Овој аспект на неговите дела може да се види и кај фотографиите на REM и Depeche Mode. 

 

Што сакавте да се обидете да постигнете со црно белите фотографии? До кој степен тие фотографии и дизајнот ги изразуваа сентиментите присутни во музиката?

Крајните резултати ја нагласуваат креативноста и емпатијата кај севкупниот имиџ како и насоката на бендот. Тоа е нешто кое кога ќе се види по одреден период ќе покаже и документира начинот на кој одреден бенд созреал и се развил.

 

Како гледате на музиката од овој албум од оваа временска дистанца?

Тој беше и се уште е силен, возбудлив и релевантен албум. Корицата од албумот сега се чини дека е совршено усогласена со музичките содржини за што се надевавме ќе се случи кога таа беше дизајнирана. Таа беше еден вид огледало на кинематската природа на музиката.

 

U2 – Achtung Baby (1991)

 

Дали успехот на албумот и масовната раширеност на сликите влијаеја врз начинот на којшто ги дизајниравте кориците по Joshua?

Тие навистина не влијаеја врз процесот кој постоеше и нам ни беше потребно да продолжиме понатаму и да направиме сите идни корици да се совпаѓаат со начинот на кој музиката би можела да се развива.

 

Што можете да ми кажете за дизајнот на кориците на „Achtung Baby“? На прв поглед, се чини дека пристапот е многу сличен на колажниот карактер на албумот на Стоунси „Exile on Main Street“. 

Бидејќи имаше толку многу нови фотографии од различни фото сесии што Anton ги имаше направено со бендот сфативме дека една фотографија, како што преферираше Anton, немаше вистински да ја претставува промената и разновидноста на музиката.

 

Од сите работи на кои сте го работеле дизајнот, кои се некои кои ги сметате за големи достигнувања во вашата кариера?

Ова прашање е секогаш тешко да се одговори, но работата на изданијата како што се „Boy“, „War“, „Joshua Tree„ и „Achtung Baby“ се истакнуваат над се вклучувајќи ги и работите што ги сработив со The Virgin Prunes и Gavin Friday. Исто би ги вклучил и други музичари како Depeche Mode и Elvis Costello, каде што работев или како дизајнер или како уметнички директор.

 

Дали има некоја корица за која вам ви се допаднал многу резултатот, а да таа баш и не наишла на реакција од страна на луѓето?

На некој начин, првото „Radiators from Space“ EP каде се наоѓаше песната „Television Screen” стана антологиска но таа не е многу позната, како и што не беше познат ни бендот од страна на широката јавност, особено не надвор од Ирска. Исто така, ми се допаѓаа четирите различни дизајни за кориците на албумот на Radiators „Trouble Pilgrim” а кои беа наменети за четири различни територии. 

 

U2 – The Joshua Tree (1987)

 

Сите илустрации, фотографии, дизајни поврзани со работата со U2 беа собрани во една убава уметничка книга „Stealing Hearts at a Travelling Show” и таа нуди една убава перспектива на визуелната историја на овој бенд се до првата „Best of” компилација во 2000. Дали планирате некое проширено издание на оваа книга во некоја догледна иднина за да се вклучат и други работи кои се случиле потоа? 

Во овој момент тоа е малку веројатно дека ќе се случи. Таа беше направена за да се совпадне со изложбата во Рокенрол салата на славните во Охајо. Таа беше многу скапа за да се реализира и беше само-продуцирана. Ако се јави некој издавач кој би понудил средства за ново и проширено издание тогаш можеби приказната ќе биде поинаква.

 

Дали е можна изложба со артефакти од историјата на U2 на начинот на кој се направија некои други изложби како „David Bowie Is“, Rolling Stones или „Their Mortal Remains” на Pink Floyd?

Имавме разговори на оваа тема и многу е веројатно ова да се случи во некое догледно време.

 

Како гледате на кориците на албумите во денешниот дигитален свет? Дали верувате дека еволуцијата на даунлодирањето на дигитална музика во голема мера влијае врз тоа како се гледа врз важноста на уметничките дела на кориците од албумите?

Иако во последните 10 години се предвидуваше смрт на печатените работи, сега имаме голем скок во печатењето и продажбата на винилот, а и кога се објавува нешто за даунодирање вам ви е потребна силна графика која ќе го придружува тоа. Секој музичар сака да има силен идентитет, лого или имиџ, што значи дека работата си е останата како што си била.

 

Дали по сите овие години се уште ве возбудува помислата за работата околу графичкиот дизајн?

Апсолутно, задоволството да се дизајнира за музика не се намалило иако обврските околу тоа се намалени. Сега се обидувам да ги избирам оние на кои сакам да работам врз построги критериуми, односно поселективно.

 

Какви се вашите размислувања за индустријата за графички дизајн денес и нејзините сегашни резултати?

Креативноста е се уште во преден план и можностите да се создадат добри дела се распространети и различни. Навистина, Shaughn McGrath само што го дизајнираше новото јубилејно издание на „Joshua Tree“ и тоа за различните изданија. Иако во овие изданија се работи за етаблирани уметници со каталог кој се докажал и има потенцијал за продажба сепак просторот да се создаде релевантна работа е голем како и било кога, а DIY етиката е веројатно посилна од кога и да е бидејќи го имате интернетот како пазар и со даунлодирањето таа е отворена за секого. Тоа е и добро и лошо, но придонесува за создавање на интересен визуелен и музички пазар.

 

Comments

comments