Интервју: Димитар Попов
Пишува: Инес Ефремова
Фотографии: Зоран Шекеров

 

Jessica Stoyadinovich, позната како Stoya е бренд. Оригинален, талентиран, елоквентен и неодоливо дрзок бренд.

Наградувана порно актерка, автор на книгата „Philosophy, Pussycats & Porn“, колумнист за медиуми од рангот на The Guardian и The New York Times, активист, а сега и главна актерка во српскиот научно-фантастичен филм „Ederlezi Rising”.

Минатиот викенд Stoya за првпат беше во Македонија, промовирајќи го „Ederlezi Rising“ на Beach Film Festival во Охрид, а ние ја искористивме приликата да поразговараме со неа. Иако главниот повод за разговорот беше играниот филм, Stoya е толку добар соговорник, со многу широки познавања, што отворивме најразни теми. Дури знаеше и на кој датум е празникот „Кирил и Методиј“.

Без понатамошни одолговлекувања, ова е нашиот разговор со Stoya.

 

Димитар: Пишуваш за важни светски медиуми и публикации. Како започна тоа? Дали пишување е твојата вистинска пасија?

Stoya: Кога почнав да работам во порно индустријата требаше и сама да си ги промовирам филмовите, односно да држам пресови и да одговарам на медиуми. Но медиумите секогаш погрешно ги презентираат нештата. За нив, ако си жена во порно индустријата тогаш – или си злоставуван како дете или имаш некоја girl-power приказна. Сѐ е црно-бело, дводимензионално.

Токму поради тоа решив дека сама ќе си ги пишувам своите приказни. Почнав на tumblr, кога сфатив дека ситуацијата со сексуалното образование во САД е ужасна. Делев совети од типот: Знаете ли дека гонореа може да се пренесе од гениталии на уста? Тестирајте се, безболно е и само ја намалува штетата… такви, основни нешта. Потоа следеше пишување за The Guardian, New York Times, Playboy. Би сакала да живеам во свет каде нема да мора да пишувам за да сменам нешто во политичката и општествена ситуација, но тоа за жал не е така. Така што за мене пишувањето е повеќе потреба отколку некоја тајна пасија.

 

 

Ок, тогаш што вистински уживаш да работиш?

Порнографијата и сексуалноста се она што отсекогаш ми биле вистинска страст. Сѐ што сакам е да снимам видеа од луѓе како имаат секс на најразлични начини и тоа да биде добро визуелно спакувано.

 

Има ли некаква врска твоето српско потекло со тоа што ја доби улогата во „Ederlezi Rising“?

Да, има. Лазар Бордожа и Димитрие Војнов, односно режисерот и сценаристот, познаваат  фотограф од Србија со кој имам соработувано, па преку него ме исконтактираа на мејл. Кога видов дека станува збор за срспки научно-фантастичен филм, си реков: „Да, па дури и ако биде целосен неуспех, сепак ќе биде авантура“, и се согласив.

 

 

Истражував малку и дознав дека си голем фан на научна фантастика. Што најмногу те влече кон овој филмски жанр?

Пораснав со научна фантастика. Ја сакам затоа што мислам дека овој жанр дозволува индиректно да се збори за контроверзни општествени теми, без да се мешаат суетите на луѓето или да се осеќаат директно прозвани. Така, наместо за белци или црнци, може да се раскажува за хуманоиди или инсектоиди, а поентата да биде пренесена. Од друга страна, тоа е најголемиот предизвик и умешност во научната фантастика – како имагинарниот свет да го поврзеш со реалниот.

 

Прекрасен одговор. Мислам дека ќе го украдам за да импресионирам девојка на некој следен дејт. Дали би прифатила улога во српска драма или комедија?

Всушност, имав понуда да глумам во српска драма за тинејџери кога бев помлада. Но тогашната порно компанија со која имав склучено договор не ми дозволи да глумам во други продукции. Така што, дефинитивно би глумела и во српска драма.

 

Имаш ли друго актерско искуство од овој тип?

„Ederlezi Rising“ го снимивме во 2015 и оттогаш имам глумено во неколку кратки филмови. Ок, и во еден долгометражен филм кој беше претенциозен и премногу уметнички, па нема да го спомнам името, затоа што воопшто не ми се допаѓаше искуството. Од друга страна, уживав работејќи на две театарски претстави. Улогите не беа сложени, како онаа на Нимани во „Ederlezi Rising“, но целиот процес ми беше многу интересен.

 

Дали ова значи дека дефинитивно се пренасочуваш кон актерството?

Не. Многу сум претпазлива во однос на Холивуд. Не ми се допаѓа начинот на кој во таа индустрија само се нафрлаат наративи кои те пасивизираат како индивидуа и ти оставаат нула простор за ментален/психолошки инпут и анализа. Всушност, во моментов добивам поинтересни понуди за порно филмови, со улоги кои помалку те ставаат во калап, отколку Холивуд.

 

Во каков калап?

Епа, еве, може да парафразирам твит на една транс-џендер актерка, кој неодамна го прочитав: „Улоги кои ги добивам во порно индустријата – докторка, адвокат, шефица, медицинска сестра, итн. Улоги кои ми ги нудат во мејнстрим филмовите – транс-џендер сексуална работничка.“

 

 

Што ти лично мислиш за „Еderlezi Rising“?

Мислам дека е прекрасен филм, особено затоа што на многу неконвенционален начин ги преиспитува половите улоги и капитализмот, а тоа се две теми со кои постојано се соочувам и борам. Сметам дека дава многу интересна перспектива на овие важни прашања.

 

Првпат работиш со екипа од овие простори. Какво ти беше искуството?

Сѐ беше многу професионално и ефикасно. Почнувавме со работа во 9 наутро, а завршувавме во 9 навечер, без исклучок и ни минута повеќе. Само еднаш, кога мојот партнер во филмот и јас сакавме да преснимиме сцена, останавме малку подолго. И тоа моравме да молиме за целата екипа да остане подолго од договореното.

 

Прашувам затоа што луѓето обично се жалат дека овде никој-ништо не работи, дека е невозможно да завршиш нешто на време… А од друга страна, велат дека во САД сѐ функционира со клиничка прецизност. Но ти споделуваш сосема поинакво искуство. Какво е тогаш твоето искуство во САД?

Има голема разлика помеѓу корпоративна Америка и тамошната филмската и забавна индустрија. Ако, на пример, во Њујорк се исклучително прецизни и строго се држат до рокови, во Лос Анџелес не е така. Ти се јавуваат за средба, некој ден идниот месец, да разговарате за некоја идеја за проект, која можеби ќе се случи, а можеби не…

 

Да, кај нас има една позната изрека: „Се договоривме да се договориме“. Ова звучи како нешто слично.

Баш така. И кога работите на проект, често се пробиваат рокови, се доцни, се останува подолго од договореното… Во Србија беше сосема поинаку.

Не велам дека тоа е правило, сепак немам многу искуство со работа со луѓе од Србија. Во моето досегашно искуство дефинитивно помогна и тоа што Лазар Бодрожа е одличен режисер, па целиот процес беше многу ефикасен. Во поширок контекст пак, има врска што овој дел од светот секогаш се наоѓал меѓу големи империи и бил нивно бојно поле, па луѓето многу подобро се снаоѓаат во хаос и импровизација, што е особено корисно во уметноста. Во Америка пак, сите се ослонуваат на регулатива и она што ќе каже адвокатот, одделението за човечки ресурси и слично, и нештата често се блокираат во тој процес.

 

 

Што ти остави најголем впечаток во Македонија? Не го прашувам ова за да нѐ фалиш или дадеш некој генерички одговор, туку – искрено, што би запамтила од твојата посета овде?

Црквите во стариот дел од Охрид, особено Канео и св. Петка. Фасцинантно ми е што Отоманите долго и активно се обидувале да ги уништат, а сепак се уште тука и делуваат грандиозно.

 

А како си помина на Beach Film Festival?

Беше многу убаво и многу опуштено. Близината на езерото и комбинацијата со планини е многу уникатна и додаде посебен шарм на проекциите. Ова ми е првпат да бидам дел од ваков фестивал и супер си поминав.

 

Сосема накратко беше и во Скопје. Ти фати нешто око таму?

Вo Скопје ми беше интересен мостот со лавовите.

 

Навистина? Во смисла – интересен зашто толку е лош што е добар или сериозно ти се допадна?

Ми се допадна моментот како на едната страна се модернистички лавови, кои одговараат со околната бруталистичка архитектура, а на друга покласничните лавови кои претставуваат најава за новата архитектура, како Триумфалната арка и Воинот на коњ.

Но, хеј, сепак доаѓам од САД. Ние го имаме Epcot Center, не можам да судам за нови конструкции и арки.

 

Comments

comments