Преку моќта на социјалните мрежи и обостраната желба за соработка, успеавме да направиме интервју со фронтменот на Stray Dogg, Душан Страјниќ, познат како Dukat Stray.

Stray Dogg прави музика која предизвикува смиреност кај слушателот, а тоа е само една од многуте причини кои ги прават пријатни за слушање. Гласот на Душан, кој можам да кажам дека ми е еден од поомилените вокали, е нешто што ја прави нивната музика за нијанса уште помагична.

Stray Dogg e алтернативна слеш инди рок група од Белград, формирана во 2011 од Душан СтрајниќDukat Stray (вокал, ритам гитара, усна хармоника), Марко Игњатовиќ (соло гитара), Јелена Дамјановиќ (клавир), Ана Јанковиќ (виолина, пратечки вокал), Владимир Миличевиќ (бас гитара), Реља Илиќ (тапани).

Нивната музика можете да ја слушнете тука.

 

 

Како се запознавте и како беше првенствено формиран Stray Dogg?

За да стигнеме до овој состав денес, ни беше потребно долго време. Спонтано, сите членови од бендот некако си го најдоа сами патот до Stray Dogg. Никогаш не барав музичари со кои би работел, тие самите си дојдоа. Сега сме како фамилија, составена од најверни пријатели.

 

Што те инспирира да твориш и кои се твоите музички влијанија?

Инспирација барам во секојдневниот живот, во сè што ме допира на било каков начин, нешто што мe предизвикува да сакам да го зграпчам моментот во кој што сум и да го прикажам во нова песна, истовремено пробувајки да ги пронајдам одговорите на прашањата кои ме интригираат секојдневно. Понекогаш одговорите кои ги наоѓам додека ги пишувам текстовите на песните, ме изненадуваат дури и мене. Мислам дека со музиката имам можност подобро да ги разберам и да ги проучам емоциите и мислите како дел од мене, а тогаш конечно да се соочам со истите.

 

Како би ја опишал вашата музика со еден збор?

Меланхолична.

 

Ни се допаѓа каверот на вашиот последен албум, „Come Along Wind“. Кој стои позади дизајнот?

Еден наш драг пријател по име Давор Громиловиќ од Сомбор го изработи каверот на албумот, за кој мислиме дека направи навистина одлична работа. Наскоро и конечно ќе ја издадеме и нашата прва плоча, тој направи уште еден цртеж за задната страна на албумот која исто така ќе изгледа многу добро.

 

 

Како е да се биде дел од бенд во Србија, што мислиш за вашата моментална домашна музичка сцена?

Доброто кај музичката сцена во Србија е тоа што сè уште се развива и е прилично разновидна, од поп-рок до ,,американа’’, хип хоп, до бендови што свират некои потешки звуци. Мислам дека има доста квалитет во сите овие видови на музика. Доста интересно е да се биде дел од бенд во Србија моментално, а поготово мојот, не би можел да замислам да правам нешто друго во моментов.

 

Дали досега сте соработувале со некој бенд или артист надвор од вашата држава?

За песната „Time“, од нашиот втор албум, ја имавме честа да соработуваме со Devendra Benhart, и морам да признаам тоа беше навистина одлично искуство. Исто така, позади нас имаме заеднички изведби со Lisa Hannigan, кога беше во Белград, каде што свиревме заедно на нејзиниот концерт. Најмногу досега имаме соработувано со хрватски бендови, како Quincers и J.R.August. Секогаш е добредојдено и супер да се работи со нови артисти, бидејќи со тоа ни се пружа шанса да се соочиме со начинот на кој дргуите бендови работат, творат и креираат, а со самото тоа добиваме инспирација да бидеме подобри во тоа што го правиме.

 

Која е главната движечка цел на Stray Dogg и каде се гледате себеси во иднина?

Да продолжиме со творење нова музика и издавање албуми, да унапредуваме како изведувачи и музичари, сè останато ќе си дојде со текот на времето и ќе биде како што треба да биде.

 

Кои бендови / артисти од Србија, кои ти се допаѓаат, би ни ги препорачал?

Имам неколку кои ми се допаѓаат, едниот веќе препознатлив – Repetitor, но исто така и Artan Lili и Jarboli. Од оние што се малку потазе ми се допаѓаат изведбите на Nadja и Dunja Dojo.

 

 

Кои актуелни македонски бендови ги познаваш?

Илија и Трајче од бендот Ti, кои иако живеат во Белград, потекнуваат од Македонија и мене ми се едни од омилени бендови. Bernays Propaganda ми оставиле впечаток и исто така се многу добри.

 

Каде се одржа вашата последна турнеа и каде ќе настапувате следно?

Последната турнеа свиревме во Тузла, Сарајево и Мостар во Босна. Потоа турнеата ја завршивме со концерт во Дубровник, во прекрасниот театар Марин Држич. Турнеата ја правевме заедно со Jaster’s Play, прекрасен бенд од Мостар. Следна наша изведба е на 12ти јануари во Groningen, на Eurosonic festival, а ќе имаме уште неколку настапи во тој регион, па потоа ќе навратиме и до Германија и Италија.

 

Според вас, кое е вашето најголемо досегашно достигнување?

Имаме настапувано на неколку значајни места, како на пример Lisinski во Загреб, а оваа година настапувавме во Sava Centar и Ana Curcin. Овогодишната турнеа во Италија беше од огромно значење за нашиот бенд и беше едно од поубавите искуства за нас. Секоја година нешто ново се случува и тоа е тоа што нè инспирира да движиме нанапред.

 

Comments

comments