„Црната аурора“ е пилот издание од серијал на стрипови што жанровски се класифицираат како мистерија-фантастика-хорор.

Автори на стрипот се Владимир Благојевиќ (цртеж) и Ивица Дукоски (текст). Ова е прв објавен стрип и за двајцата. Владимир е повеќе познат по изложбите графика и накит како Владодлак, додека Ивица беше автор на радио емисијата за хорор Danse Macabre на Канал 103.

Пилот изданието во моментов е достапно на македонски во стрип книжарницата Бункер, а се очекува и верзија на англиски јазик од крајот на јуни која ќе биде насочена кон промоција на меѓународни фестивали за стрип.

Настаните во стрипот се одвиваат во времето додека над Скопје се појавува необјаснивиот физички феномен т.н. „Црна аурора“ која надвиснува над градот како темен облак од ѕвездена прашина. Никој нема објаснение што точно претставува Црната аурора, меѓутоа нејзината појава има различни ефекти врз секој слој од општеството. Стрипот се фокусира на различните приказни од времето на Црната аурора, раскажани од перспектива на главниот јунак, Ален Корбин.

По повод пилот издаванието на „Црната аурора“, разговаравме со Ивица и Владимир во обид да дознаеме повеќе за како изгледа процесот на создавање на еден (ваков) стрип.

 

Фотографија: Татјана Ранташа

 

Накратко, што претставува Црната Аурора?

Ивица: Се надевам, повеќе нешта. На моменти ми се чини дека е најобичен црн облак со негативна енергија (како тие што ти висат над глава и убиваат се добро во тебе), на моменти ми се чини дека е нешто сосема друго и многу поподмолно. Ликовите во стрипот не се баш сигурни што е тоа, па не сум сигурен ни јас.

Владодлак: Црната Аурора може да се каже дека е потсвесен креативен израз настанат од долги години на транзиција, депресија на живеење во нашава малечка земја. Сликовно изразување и вадење на негативната енергија од нашите души претворајки ја во мистериозна приказна со ситни комични ситуации.

 

Како се случи вашата соработка на Црната Аурора? Колку време работевте на проектот?

Владодлак: Здружувањето со Ивица во времето кога беше водител на емисијата Danse Macabre беше клучно за денешното издавање на стрипот. На почетокот бевме загреани да создадеме хорор филм но поради економски и технички средства не успеавме. Иако имаме неколку снимени мини проекти кои не се издадени. Стрипот ни легна како подобро изразно средство бидејќи полесно можевме да се договориме за сцени, приказна и реализација.

Ивица: Соработката на Црната аурора почна кон крајот на 2016-та. Основната приказна е нешто постара, ама истата еволуираше значително со заедничката соработка.

 

 

Колку македонската публика е „внесена“ во стрип културата и како беше прифатена Црната Аурора?

Владодлак: Пополека како да се појавува интерес за стрипови можеби за тоа се и делумно виновници големите Холивудски студија кои во последно време во недостаток на оргинални сценарија користат стрипови. Така што новите клинци прво се навлекуваат на Марвел или ДЦ познатите американски стрип издавачи што не е лошо и попатно ги откриваат Дилан Дог, Загор, италјанските стрипови со кои ние израснавме.

Ивица: Мислам дека работите живнуваат после една епски долга дремка. За почеток, има кај да се најде стрип (Бункер, Академска книга) и тоа одлични изданија што одат многу подлабоко и пошироко од стандардните Марвел/ДЦ/Бонели приказни. Од друга страна, мал е бројот на македонски стрипови и автори, па и од тука и приказни што би рефлектирале што се случува кај нас. Силен впечаток ми остави Фацизам серијалот на King Fizze и Tonyo San, а и делата на Горанд се е едно перверзно совршенство, но нивните изданија се премногу ретки. Затоа и се радувам на излегувањето на новиот Фацизам ☺ За тоа колку Црната аурора е прифатена ќе зборуваме откако ќе излезат првите три броја.

 

Дали овој физички феномен случајно се најде над градот Скопје или пак е некаков знак-опомена или последица од нешто?

Ивица: Можеме да го свртиме на политика, на екологија, на метафизика или на психологија. Или може да се прочита стрипот.

Владодлак: Црната Аурора е опомена да создаваме повеќе стрипови.

 

 

Ивица, што е толку посебно и прекрасно во твоите омилени жанрови, мистерија-фантастика-хорор? Кога прв пат ја доби идејата за издавање на стрип од овој тип?

Ивица: Првиот хорор стрип го напишав и нацртав на 9 години, копирајќи го Дилан Дог. Тоа беше стрип што се вика Арлекин и кој во моментов лежи некаде запечатен во кутија во подрум и за кој верувам дека од сегашна перспектива е 50 нијанси на пресмешно. Мислам дека се што имам напишано од тогаш наваму е тука некаде, фантастика, weird lit, и слично. Самиот жанр е како песок во кој се е дозволено, нема нешто што не може да се случи или истражи. Секогаш зад ѕидот ќе има друга димензија со милион очи што ја сакаат твојата есенција, или уште пострашно: твојата есенција сама по себе е вирус што треба да се уништи, а ти тоа не го знаеш.  

 

Владодлак, колку време работеше на цртежите и дали изгледот на карактерите е инспириран од реални ликови или пак сѐ во стрипот е целосно плод на твојата имагинација?

Владодлак: Почнавме со разговори и планирање кон крајот на 2016 година, некаде ноември. Така што цртањето траеше околу 4 месеци прво со молив, потоа туширање со рапитографи и на крајот сенчање на цртежите. Пред Црната Аурора имав неколку обиди за стрип кои не ги издадов, но сепак ги имам зачувано таблите со цртежи. На овој стрип пристапивме класично со молив и хартија, но следниот планираме да биде дигитално нацртан и можеби во боја. Работата на стрип е различна од работа на серија цртежи или слики за изложба бидејки треба да направиш двојно повеќе скици и цртежи за да го добиеш крајниот производ.

Бидејки и двајцата сме опседнати со хорор стрипови почетните сцени и цртежите беа инсирирани од Дилан Дог серијалот и акционите сцени на Марвел стриповите. Како се развиваше стрипот така и ние се развивавме во оформување на подобар текст за приказна и подобра реализација на сцена во смисла на перспектива и движење на сцените и поставуање на ликовите.   

 

 

Кој ви беше омилен стрип, нели, пред да се случи Црната Аурора? Кои македонски или регионални стрипови и стрип артисти би ни ги препорачале?

Ивица: Последниве година дена насекаде го фалам „Хиксвил“ на Дилан Хорокс, а инаку, одам со творештвото на Алан Мур, особено Watchmen и From Hell. Uzumaki на Ито е најфрик стрип евер. „Планета на мртвите“ специјалното издание на Дилан Дог е исто фантастично. Од македонски стрипови, освен Фацизам и малтене се од Горанд, секако морам да го спомнам Лабрис.

Владодлак: Јас научив да читам преку стриповите кога бев во градинка, така што секогаш ми се интересни Загор, Мистер Но, Дилан Дог, Марти Мистерија, Алан Форд. Подоцна со Политикин Забавник следеа Флеш Гордон, Фантом и стриповите од Марвел и ДЦ. Во последно време ги читам Рапторс ми имаат интересен цртеж и приказна слична како филмот Глад во кој се појавува Дејвид Боуви. Вечна инспирација за цртање ми е Гајгер креаторот на чудовиштето Alien или попознато кај нас 8 патник. Од наши артисти најинтересен ми е ТХЕ МИЧО кој прави оргинални цртежи во него својствен комичен стил.

 

Кога да го очекуваме продолжението и дали темниот облак од ѕвездена прашина постои можност да „окупира“ и други градови?

Ивица: Број 2 ќе излезе во октомври/ноември годинава. За другите градови, зависи од патарината.

Владодлак: Ивица да се прибере од одмори и фестивали т.е. да ја напушти хедонистичката фаза и газиме со нови сили.

 

Comments

comments