Жени илустраторки кои ја излудуваат светската стрип заедница, на фронтот ќе ве молам!
Деновиве се инспирирав да ја истражувам стрип уметноста, каде наидов на неколку кул стрип-приказни комплетно илустрирани од девојки-илустраторки. Со цел промовирање на жените-борци во овој капиталистички свет пред некое време со вас ги споделивме приказните на жените кои стојат зад неколку нови македонски брендови, а сега ја продолжуваме нашата мала феминистичка приказна со прекрасните дела кои можеби ќе ги мотивираат нашите локални илустраторки да нè изненадат со некое парче стрип.
Повелете, во продолжение е мојата селекција на четири кул стрип-приказни, 100% свеж илустриран ауткам на женска мозочна активност.
Saga
Илустриран од Fiona Staples
„Saga“ ја раскажува приказната за љубовниците Алана и Марко, кои доаѓаат од две различни планети кои веќе подолго време војуваат една со друга. Тој како воен затвореник ја освојува за само 12 часа откога Алана е назначена да му биде затвореничка стража. Оваа неверојатна sci-fi приказна ја опишуваат како комбинација на елементи од Star Wars и Game of thrones. Mислам дека со последново ве добив.
World of Wakanda
Напишан од Roxane Gay и Yona Harvey, илустриран од Afua Richardson и Alitha E. Martinez
„World of Wakanda“ e дело на две афроамериканки, а издаден од гигантот од издавачка куќа, Marvel. Дејствието се врти околу две револуционерки, кои љубовта една за друга, ја делат и со народот на фиктивната африканска земја Wakanda, која по секоја цена се борат да ја заштитат.
Стрипот исто така, за длабоки фанатици на оваа култура, открива и детали поврзани со приказната за Black Panther, стрип јунак кој е продукт на Stan Lee, еден од најголемите Marvel умови кој меѓу другото ги има креирано Iron Man, Thor и Hulk.
Monstress
Илустриран и напишан од Marjorie Liu и Sana Takeda
Marjorie и Sana на читателите им нудат неверојатна, испреплетена со надреални елементи приказна, која се одвива во Азија во раните 1900-ти. Главниот лик е Maika, која е дел од клапата на Арканици, суштества кои повремено заземаат човечки облик. Таа е во потрага по вистината за смртта на нејзината мајка, проследено со нејзиното одмаздување.
Целиот сетинг е визуелизиран во арт-деко стил, исполнет со чудовишта и калуѓерки-вештерки, и ја прикажува борбата помеѓу високата и ниската социјална класа на луѓе и константниот расизам.
Black Magick
Илустриран од Nicola Scott
Стрипот ја раскажува приказната за Rowan Black, која го минува својот живот борејќи се во константен дуализам од детектив-вештерка. Една посебна истрага ќе ја предизвика да се соочи со себе-пронаоѓањето, а илустрациите на Nicola Scott ќе ве предизвикаат вас да си го најдете стрипов или некој од погоренаведените na Amazon.