Фото: @anacukarska

 

Никогаш не сум бил во Белгија (една вечер само прошишав низ неа), но актуелнава клима ми дава за право да мислам дека знам како е таму.

Живееме вистинско белгиско лето, 25-6 степени целзиусови и дожд секој ден. Тоа не е сосем совршена клима за open air настани, а во лето само такви играат. Еве на пример, вие сте млад Реборнаш во потрага по ултимативниот летен танц, што подразбира дека сте совршен улов за техно промотерите во летната сезона. Во тоа име, Вашиот Стар Добар, се оддаде на мал аџилак низ нашата преубава Македонија, во потрага по совршената летна техно мека, и погодете што? Ја најде.

Тоа е Скопје! Ма не е. Куп клубови и кафулиња со „програма“ и троцифрена бројка диџеи кои се мелат во машината за мелење месо на ситниот бизнис на sync – миксувањето. Отворени молитви кон небото да не се истури и ја расипе онаа програма платена од тешко, или сè уште незаработените пари (ок, има и доста корпоративни пари во игра во псоледно време)… страв дека ќе упаднат полицајци со шмајзери на сред сабота вечер да проверуваат лични карти – континуиран одблесок на организираната ни држава… Не, Скопје не е летната техно мека.

 

 

Ова чудно лето, имаше некои 7 до 10 дена, кога Охридско-Струшката ривиера, барем според најавите за гостувања на познати имиња од светот на електронската танцова музика, можеше да се помеша со извиканата Ибица. Оние брутално набиени и секако напнати денови околу Илинден беа таргет на буквално сите промотери: големи, мали, средни, сомнителни… промотери од секаков тип ни принесоа имиња од типот на Nina Kraviz, Jeff Mills, Juan Atkins, Shifted, Armin Van Buuren, Roger Sanchez (кој не се појавил, а и сите тие журеви на Ohrid Calling со мнооогу проблеми)… потоа Eddie Richards, Marko Nastic, Anja Schneider итн…

Една по мене несреќна пракса на стеснување на понудата, која додатно му оневозможува на ова крајбрежје да функционира во текот на целото лето, за што има неспорни потенцијали. Ако на ова ја додадеме катастрофалната „политика“ на водството на град Охрид, која буквално ги уништува настаните со гасење рано и друг тип уцени (Струга има многу попрофесионален однос), резултатот е речиси комплетно незадоволителен. Охрид не е, и со овој однос и темпо никогаш нема да биде македонската техно мека.

Ќе ми простат оваа година навистина амбициозните Делчево, Македонска Каменица и Гевгелија, но летната техно мека ја најдов во Струмица. Веќе пишував за Pata Pata Music Group, кои имаат дискографска куќа со повеќе од 100 изданија, но и се неверојатно активни во реализација на одлично организирани журки во Струмица. Освен континуираните настапи по тамошните локали, барем 2 пати месечно се случуваат поголеми настани кои изгледаат сјајно.

На само 20 километри од Струмица, веднаш до бугарската граница, се наоѓа Ново Село. До таму стигнав со бесно ауто Jaguar кој ме собра од хотелот, по супер регионален пат и убаво средени села, се до тенискиот терен на Ново Село, каде што веќе трета година се одигрува Revolution Фестивалот.

Дечките кои го организираат, на него гледаат вака: „Revolution значи целосна промена на социјалните приоритети. Креативно подземје кое се шири со силен интензитет. Фестивалот расте и се развива од енергијата што ја прима. Себе си се гледаме како пример за ново општество, чии корени лежат во љубовта и хуманистичките вредности“.

 

View this post on Instagram

@revolution.festival was fucking awesome! 👽🖤

A post shared by Lesya (@jovanovska_elena) on

 

Делува наивно? Можеби, но истото ова лежи во манифестите на сите напредни културно-уметнички движења, кои за свој израз ја одбраа електронската музика и култура во последниве децении. Самата глетка на фино организиран фестивал во едно македонско село, убави и воспитани луѓе кои го организираат и посетуваат, влева енормно задоволство и огромна надеж во ислуженото, искусно, а понекогаш и цинично срце на Стариот Добар Мирко Попов. Всушност, живеам за овој тип надразби и сознанија.

Молам повеќе фестивали по нашите села. Да живее Македонија!!!

 

Comments

comments