Фотографии: Симоне Калица

 

Мартина Баракоска има 20 години, а со тапанарство се занимава од своја 12 годишна возраст.

Најпрвин ја дознавме од бендот „Астероид“, а моментално е тапанар во новиот состав „Дупер“. Таа студира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а на нашиот серијал „Студентски прашања“ се наоѓа бидејќи силно веруваме во нејзиниот талент и во тоа дека нејзината приказна може да послужи како мотивација и инспирација за другите студенти во земјата.

Пораката која сакаме да ја пренесеме со овој разговор доаѓа во повеќе слоеви. Најпрвин, се разбира, доаѓа спакуван како препорака – неверојатно ни е драго кога на македонската сцена ќе се појави музичар или бенд кој мислиме дека навистина вреди и треба да го знаете. Второ, доаѓа во форма на мотивација, како потсетување за сите девојки дека навистина можат да го направат тој чекор кон (нешто што важи за) нетипична кариера и да не се плашат да ги редефинираат нештата.

 

 

За жал, многу ретко девојки се одлучуваат на тапани. Кажи ни како ова се случи? Раскажи ни за твоите почетоци како тапанарка.

Можеме да речеме дека оваа приказна започна кога имав 12 години. Не беше нешто планирано, едноставно музиката што ја слушав и следев внимателно во тој период почнав несвесно да пробувам да ја отсвирам на тапани. Моментот кога решив да се занимавам сериозно со музика, не беше еден момент, едноставно постепено почнав да разбирам дека ова е едно од малкуте нешта на кои им се посветувам максимално. Одлучив да го искористам тоа.

 

Се сеќаваш која музика било тоа, поконкретно?

Хмм, па да. Слушав Led Zeppelin кога бев седмо одделение, а покрај нив (од ова малку се срамам) слушав и Guns n’ Roses. Ми текнува кога за прв пат потегнав иницијатива. Ја слушав песната „Savior“ од Rise Against, која многу, многу ја сакав и си помислив – тоа е тоа, ќе изгуглам „часеви по тапани“. Најдов една девојка која држеше часови и веднаш и се јавив затоа што сакав да почнам што побрзо. Тоа беше првиот пат кога седнав на бубањ. Девојката не ја видов никогаш после ова (Поздрав и ако го читаш ова јави се!), но сфатив дека ова е тоа што стварно го сакам и се запишав на редовни часови. 

 

 

Во минатото беше член на бендот „Астероид“, а моментално си тапанарка во новиот бенд „Дупер“. Кажи ни нешто за „Дупер“. Како би ја опишала музиката која ја правите?

„Астероид“, иако беше средношколски бенд и сите бевме многу млади (ок, не дека сега сум стара), екипно бевме поприлично сериозно посветени на создавање наша авторска музика. Во музиката која ја правевме преовладуваа моите идеи/емоции/небулози и случки кои тогаш ме инспирираа. Многу е важно да си дел од бенд каде комплетно ќе можеш да се препуштиш и да веруваш дека сите идеи и чувства што ќе ги споделиш нема да бидат напразно споделени.

Веројатно ми требаше некое време за растење и созревање, за конечно да се сместам помеѓу двајца фраери (Борис Какуринов и Илчо Нечовски), да дадам сè од себе и заедно да го оформиме „Дупер“. Бендот постои нешто повеќе од една година, а веќе носи багаж и почнуваме да го чувствуваме како дома.

Музиката што ја правиме сакаме да предизвика еден нов бран, сакаме да пренесеме позитивна свежина и не сакаме да се сместуваме во некој посебен жанр. Едноставно со би кажала дека гребеме од страните на урбаното и на добрата поп музика.

 

Дали мислиш дека има начин да се мотивираат повеќе девојки да свират тапани и други инструменти кои сè уште важат за „машки“?

Девојки-музичари навистина постојат во голем број, но исто така голем број од нив не се определуваат за инструмент за кој „немаат сила.“ 🙂 Мислам дека таму е генералниот проблем. Сум добивала коментари од типот на: „Мораше ли тапани? Не можеше да одбереш нешто поелегантно, пример… флејта?“

Верувам дека има начин и дека може да се остави пример кој би мотивирал многу девојки да бидат храбри. Неодамна зборував на една ваква дискусија, организирана од Tiiit. Inc, за девојки – музичари во бендови. Мислам дека ова е еден од начините на кој може да се подигне свеста и да се мотивираат девојките да бидат похрабри.

 

 

Кои 3 музичари, особено девојки, би ги издвоила како влијание и твоја инспирација?

Засекогаш омилен бенд ќе ми биде Warpaint, не поради фактот дека сите членови на бендот се девојки, но затоа што неверојатно многу ме имаат инспирирано Stella Mozgawa (тапанарката) и Jenny Lee Lindberg (басистката). Од нашата сцена дефинитивно би ги издвоила Телемама и Кристина Горовска. А од светската, моментално сум луда по Dua Lipa. Не се три, но навистина не знам која попрво да ја издвојам!

 

Нè погоди со сите четири. Dua Lipa, Телемама и Кристина се генерално познати кај нашите читатели, но мислам дека сè уште повеќето не ги познаваат Warpaint. Што би им препорачала од нив, на оние кои ги немаат досега слушнато?

Тешко ми е да се издвојам една работа, кога станува збор за нешто кое толку многу го сакам. Но доколку би морала, тогаш тоа најверојатно би биле песните „Stars“,„Тhe Stall“ и „Baby“.

 

 

Студент, како студент, се соочуваш со многу предизвици. Што мислиш дека може да биде подобрено во образовниот систем во Македонија?

Многу работи можат да бидат подобри во нашиот образовен систем, но сѐ уште се немам страшно разочарано во текот на овие две години од моето академско образование (освен од себеси, се разбира). Иако морам да признаам дека тргнав на факултет со доза резерва, мислејќи дека тоа ќе ми се случи. Моментално ме „убиваат“ оние административни моменти и пополнување на 1000 листови за пријавување семестри и предмети, додека паралелно постои електронски систем кој си ја врши работата.

 

Препорачај ни добра музика. Кој артист ти е хит во последно време?

Моментално на repeat ми е деби албумот на Jorja Smith, „Lost&Found“, не можам да ѝ се наситам, царица е. Исто така St. Vincent, друга царица која ја препорачувам, ја слушав пред некој месец на InMusic. Третата царица е Dua Lipa и песната „New Rules“. Која уште од сега знам дека ќе ми биде „Песната за 2018 година“.

 

Comments

comments