Фотографии: Александра Костадиновска

 

Искрено, ги обожаваме Христина и Ирена и сè на што досега имаат работено.

Ги знаеме по нивните одлични архитектонски арт-инсталации, а за прв пат ги дознавме на Паратисима 2016, каде се презентираа со инсталацијата „Space Installation 0.01“, која се здоби со едно од првите места за најдобра арт-инсталација на фестивалот. Од тој момент па наваму внимателно ги следиме, се воодушевуваме на нивните проекти и со нетрпение чекаме да се појават со нешто ново, свежо и иновативно од светот на архитектурата и уметноста.

Неодамна разговаравме со Христина Секулоска и Ирена Милојеска, тимски познати како „ХИМА“, со цел да дознаеме повеќе за начинот на кој функционираат, нивните позадини и силата која ги држи заедно. И бидејќи се неверојатно талентирани, а толку млади, решивме ова интервју да го сместиме во серијалот на текстови во кои разговараме со локални студенти, кои силно веруваме дека имаат одличен потенцијал и шанси за успешна кариера.

 

 

За нивните почетоци и заедничкиот проект, „ХИМА“

Започнавме пред повеќе од четири години, кога некако природно се случи да работиме заедно, без улоги со надополнување, до степен каде се случува да цртаме на еден лаптоп истовремено – едната куца на тастатура, а другата клика со маусот во Аутокад.

Кога почнавме да работиме на посериозни проекти од студентските, почувствувавме потреба проектите да носат едно име што ќе го претставува нашиот тим, а не имиња на две индивидуи кои заедно работеле на проект. Така започна приказната на ХИМА, тимот кој стои зад сите проекти што Ирена и Христина заедно ги изработиле.

 

За проектите на кои имаат заедно работено и омилениот од сите нив

Низ годините, од кога постои ХИМА, имаме изработено скоро ист број на неуспешни и успешни проекти. Секој од овие проекти, во периодот додека сме го работеле, ни бил омилен. Но кога би требало да избереме, би го издвоиле проектот за светлосна инсталација на старата железничка во Скопје, што го работевме во тим со Симона Тасевска.

Најверојатно го чувствуваме за посебен поради тоа што се работи за проект кој го носи духот на Скопје и поради тоа што со него го добивме првото признание во 2015 година на интернационалниот конкурс во Сан Диего – „Community Lighting for Urban Environment“.

 

 

За арт инсталацијата „Space Installation 0.01“ која беше објавена во книгата „100 Best Contemporary Artists of 2017: FUTURE NOW“

„Space Installation 0.01“ е всушност инсталацијата со која учествувавме на Паратисима 2016 во Скопје и подоцна во Торино, како едни од десетте избрани победнички проекти – проект кој стоеше на граница меѓу уметност и архитектонски израз на теорија што ја развивме за утопија на домување.

Зимата 2016 кон 2017, британското списание за уметност и култура „Aesthetica“ ја објави публикацијата „100 Best Contemporary Artists of 2017: FUTURE NOW“, во која ХИМА со инсталацијата беа вбројани во 100-те најдобри артисти во светот. Подоцна, летото во 2017, проектот беше изложен во склоп на симпозиумот за доделување на наградите во Јорк, Англија.

 

 

За предизвиците со кои се соочуваат студентите во Македонија

Oна што сами го научивме, во текот на овие неколку години на студирање, е тоа дека работата на било каков проект надвор од оние на факултет, многу придонесува за професионалното дооформување на студентите.

Сметаме дека има недостаток на стимулација кај студентите, а воедно и кај професорите, за остварување на било каква алтернативна настава преку која тие би ги развивале своите културни и професионални вештини. Поради тој обостран слаб ентузијазам, не се изведуваат многу проекти финансиски поддржани од образовните инситуции.

За да избегнеме да звучиме песимистички, би сакале да издвоиме и неколку одлични работи кои се случија конкретно во нашето архитектонско образование, пример вклучувањето на серија на предавања на домашни, странски професори и студенти од страна на новиот деканат на нашиот факултет, а исто така и интересот покажан од нивна страна за поддршка на интернационален настан што собира студенти по архитектура од цела Европа, за кој ХИМА моментално формира тим кој би ни помогнал во организација и реализација.

 

 

За моменталните трендови во светот на арт-инсталациите и архитектурата

Моментално, повеќе сме запознаени со она што се случува во областа на архитектурата, можеби поради тоа што го правиме и она што би го правеле во иднина се повеќе се насочува кон архитектурата.

Досега повеќето наши проекти стоеле на тенка граница помеѓу она што е архитектура, а што уметност, и скоро секогаш ги содржеле двата аспекти во себе. Поради тоа, би сакале да ја издвоиме работата на еден колектив што го следиме – Random International (најмногу познати по својата инсталација „Rain Room“), кој се занимава со експериментална пракса во современата уметност и создава дела кои експериментираат со различни поими за свесност, перцепција и инстинкт.

 

 

За идните планови и проектите на кои моментално работат

Засега имаме неколку работи за кои се спремаме или на кои веќе имаме почнато да работиме. Нешто на што сме моментално најмногу фокусирани е проектот „Албум“, што ќе биде за прв пат реализиран во Ријека, Хрватска, за околу една недела.

Накратко, се работи за експериментален проект со кој ќе го оформиме идентитетот на околу 300 студенти по архитектура и млади професионалци, врз основа на нивното однесување и разбирање на празниот простор. Се надеваме дека ќе успееме да направиме промоција на публикацијата кога ќе се вратиме во Македонија, а планираме и да го изведеме проектот на разни локации во иднина.

Нешто друго на кое сме исто така фокусирани во моментот е проектот кој го работиме во соработка со Симона Тасевска, кој брои серија на кратки филмови, од кои еден е веќе изработен под режија на Симона – „How to eat an ice cream in a room full of men“.

Додека подоцна оваа година, во соработка со тимот кој го организираше конкурсот за Активно Кино во железничката зграда, се надеваме дека ќе успееме да го изведеме проектот и да го вратиме во употреба киното на станарите на зградата и на целото Скопје.

 

Comments

comments