Фотографии: Александра Костадиновска

 

За „Крик“ дознавме и ги запознавме на нивната промоција која се одржи во Винил во март оваа година.

И навистина мислиме дека се супер. Вистинско освежување – млади луѓе, студенти, кои создаваат одлична содржина за млади, секогаш допирајќи ги вистинските теми. Нешто што посакуваме почесто да се случува.

Во центарот на „Крик“ стојат Бруно Велјановски, Трифун Ситниковски, Деница Чадиковска, Давид Илиески и Константин Битраков, а веднаш до нив, поширокиот „Крик“-тим го сочинуваат Мартина Силјановска, Јован Димитров и Мартин Манев.

Кога минатиот месец го започнавме нашиот нов серијал на текстови наречен „Студентски прашања“ без двоумење одлучивме дека екипата на „Крик“, составена од талентирани, активни студенти со одличен потенцијал, треба да биде нашата следна тема.

Во продолжение е нашиот разговор со овие момци и девојки кои веруваме дека ја заслужуваат сета поддршка која можеме да им ја пружиме.

 

 

Кои се најголемите предизвици во работењето на емисија за млади од типот на „Крик“? Како се соочувате со нив?

Најголемиот предизвик ни е што денот има само 24 часа, па го надминуваме со тоа што времето за спиење и социјален живот ни е сведено на минимум. Среќа што сите уживаме во секој дел од изработката на емисијата, па слободно време за себе не ни е многу потребно. Во однос на социјализирање, дружбата и службата ни се толку испреплетени, што и тој дел го добиваме во рамките на тимот.

 

Кој е во тимот на „Крик“? Дали сте сите студенти? Што студира секој од вас и дали се знаевте пред заедно да работите на „Крик“?

Јадрото на „Крик“ сме ние петтмина. Деница е студент на психологија, Давид е студент на лозарство и винарство, Бруно и Трифун се на филмска и ТВ режија, а за Константин нема да коментираме бидејќи е веќе на докторски студии на Правниот факултет во Белград.

Настрана од нас петтмина, во поширокиот тим на „Крик“ се и Мартина Силјановска, Јован Димитров и Мартин Манев. Оваа чудна разноврсност се покажа како одлична предност бидејќи секој си носи нешто различно и свое во емисијата.

Во однос на тоа дали се знаеме од порано, искрено ни ние повеќе не знаеме. Го знаете она чувство кога со некого сте 24/7 и кружи прекрасна енергија, па иако станува збор за краток временски период, вие се чувствувате како да го знаете цел живот? Епа така ни е и нас, освен на Деница и Давид што навистина се знаат цел живот, но „Крик“ е она што нè направи сите да се чувствуваме како една мала фамилија.

 

 

Која е улогата во емисијата на секој од членовите на „Крик“?

Ова прашање никогаш не знаеме како да го одговориме, бидејќи кога станува збор за толку мал тим, секој мора да работи апсолутно сè и да излезе во пресрет во секое време, да научи нешто ново и да проба да се вклопи во секоја улога што се бара од него во моментот.

Но ако зборуваме за кои ни се примарните улоги, Давид и Деница се креатори, продуценти, истражувачи и водители. Бруно е режисер, водител, асистент на сценарио и асистент на камера. Трифун е сценарист, кинематограф, асистент на режија, графичар и човекот што во вторници не спие за да ја доврши монтажата. Константин е истражувач и водител. На страна од ова, главните монтажери се Илија и Јосип од Телевизија 24. Мартина е истражувач, Мартин работи на монтажа, а Јован односи со јавност. Плус сите сме тонци.

 

Бидејќи обработувате теми кои досега не биле истражени и квалитетно разработени, кажете ни како успевате да се пробиете низ македонските административни лавиринти, сè со цел да дознаете нешто повеќе за секојдневните проблеми во Скопје?

Ни ние самите не знаеме како успеваме да се пробиеме, а подобар збор од лавиринт за тоа да се објасни, навистина не постои. Она што многу ни помага е што сме ужасно досадни. Ја знаете изреката: – „Не добива убавиот, туку упорниот”? Епа баш тоа! Досаѓаме за буквално сè, дали за изјава да ни дадат, да не пуштат некаде да снимаме, да откриеме некоја промислено скриена статистика, да ни дадат или пак да провериме некоја информација. Дури и самите помеѓу себе си досаѓаме, а да не ви раскажуваме за други луѓе.

Досега два пати се има случено кога некој не ни давал одговор за интервју, да дознаеме каде е и буквално да се појавиме таму за да досаѓаме. Ни фалат +30 години, мантил и слободно може една пријава да ни пишат.

 

Дали планирате „Крик“ да го прошири фокусот на темите кои ги обработува надвор од Скопје?

Всушност „Крик“ е замислена да обработува теми кои се од значење за цела Македонија, но за жал немањето време и фактот што емисиите ги подготвуваме од недела за недела, не ни дозволува да излеземе од Скопје. А толку многу сакаме, што пробавме и скопскиот да си го искорениме. Којзнае дали успеваме во тоа. Настрана од ова, во една од следните теми планираме да ја обработиме темата за образованието во руралните области.

 

 

Кои локални теми би сакале да ги обработите, а не сте имале можност да го направите тоа досега?

Искрено да ви кажеме идеите за теми ни се непресушни. Секој ден некој од нас доаѓа со нова тема. Не можеме да ви опишеме колку беше тешко да ги избереме темите кои ќе влезат во првата сезона, која има само 12 епизоди. Поконкретно не би откривале повеќе, бидејќи сакаме да остане изненадување.

Но еве ќе ви откриеме една тема со која наидовме на проблем и не успеавме да ја обработиме. Станува збор за малолетничка деликвенција и за условите во поправните установи. Тоа е тема која досега со причина од никого не е обработена, бидејќи е секако нелегално да ги снимиме условите, а не е доволно само да се раскаже, ужасот мора сами да го видиме. Обично темите слични на оваа, каде рацете ни се врзани кога станува збор за снимање, ни предизвикуваат најголем проблем.

 

 

Од темите кои досега сте ги обработиле, која ви била најинтересна?

Прашањево навистина не стави во мисла. Епизодите ни се како деца, а како да избереш кое ти е омилено? Ама ајде доста се лажеме, дури и родителите си имаат миленик, па така на Деница и Давид им е омилена „Фројд е жив“, на Бруно, Трифун и Коки им е „Мајка да јаде, на ќерка да не даде”.

 

Кои светски емисии моментално ви се хит и инспирација? Од друга страна, која ви е омилена македонска емисија на сите времиња?

Инспирација црпиме од Last Week Tonight with John Oliver, The Eric Andre Show и Vox. Од македонски емисии мора да ги издвоиме К-15 и Бушава азбука, кои ни го одбележаа детството и според нас беа и останаа едни од најквалитетните производи на македонскиот пазар.

 

Comments

comments