Во склоп на месецот на поезијата решивме да си го разубавуваме Reborn, секој ден со по неколку цитирани убави мисли. Да почнеме со Мишо!

Анри Мишо (Henri Michaux) е роден во Белгија 1899, а умира во Париз 1984 година. Анри е поет, писател и сликар. Тогаш кога не му биле доволни зборовите, неговата нескротлива имагинација ја префрлал на еден поинаков медиум — платното.

Стварноста наспроти фантазијата, очајната потреба на поединецот да ја најде смислата наспроти убавината на магијата. Сонот наспроти јавето. Сонот во комбинација со јавето. Тоа е Мишо. Понекогаш, преку неговите дела поттикнати од халуцинациите кои биле предизвикани од мескалинот кој го конзумирал, создавал паралелни тајни светови во кои навидум се бега од реалноста, а сепак, истите водат до една за нас поинаква вистина.

 

michaux

 

Преку необичен црн хумор, на ексцентричен начин, без да се труди да даде некакво значење тој всушност ни дава многу одговори. Анри Мишо на еден начин ни ги отвара срцата и мислите кон широчините и пространствата на нашиот ум, нè учи дека во нас се крие одговорот за сите прашалници, оти ние сме господари на нашиот свет и дека токму кај нас клучот е клучот кој ја отвара суштината. Нашата фантазија е таа која не смее да дозволиме никој да ни ја одземе и цензурира. Бидејќи таа е пореална од сите други реалности. Преку најапсурдното и неискажливото, Анри како во игра, на стварноста и дава нови димензии.

Во прилог е извадок од ,,Во Земјата На Магијата” поетско-прозна книга-архипелаг, напишана во 1941 година од Мишо. Метафорично нè советува да ги избегнуваме лицата топови и да си го цениме повеќе сопственото време. Така би биле посреќни.

 

///

 

Лица-топови

Лица-топови!

Лица секогаш вперени, лица секогаш експлозивни.

Да се избегнуваат оние кои имаат лица -топови.

Дури и да сакаат, тие не можат, а да не ве гранатираат на поминување, а кога ќе дојде вечерта по неколку часови навидум безначајни и обични разговори, игри или прошетки, се чудите зошто сте толку исцрпени, толку претерано, толку смртно истоштени.

 

///

 

Comments

comments