Замисли сега некој ти каже: „Абе си за еднодневно фестивалче, вечерва на Скопски Саем”?

Ако, да речеме, тој некој ми се обраќа на мене, постојат реални шанси од прва да прифатам. Што се поминало низ Саем? Значи зборам за бендови како Manu Chao, Kreator и The Roots, па сè до Архангел, Санаториум и Чиста Околина.

Е сега замисли си втора ситуација.

Во таа фиктивна (иако подоцна ќе откриеш дека всушност не е фиктивна) вечер на исто место и ист подиум имаш можност да денсаш на песни како: „Out of Space” „Voodoo People” „Poison” од Prodigy; „Исус” „Превез” „Сениште” „Дно” „Чудесен свет” „Милион долари” од Архангел; „Warrant”, „No Fronts”, „Who’s The King?” и „If These Are Good Times” од Dog Eat Dog. Беа тука и Renegade Soundwave, Liquid Limbs и Gold Blade.

 

t-fest-1

 

Јас, народски кажано, би се подмочал. А од сигурни извори дознавам дека тие што биле присутни на Т-Фестивал, еднодневен настан кој се одржа на Скопски саем во 1995 година, биле во истата психолошко-физичка состојба.

Доказ за тоа се зборовите на магазинот за популарна музика и филм „Тротоар, (меѓу кои и насловите од разно-разни странски магазини како на пр. „Музика за кокетна генерација”; „Balkans Eruption”) дека тоа било ноќ за паметење која никогаш нема да ја заборави публиката од 6000 луѓе.

 

t-fest-2

 

„Т-Фестивал ја покажа вистинската моќ на гладната и префинета македонска публика, за која и самите артисти не штедеа зборови. Keith Flint од Prodigy призна дека ја доживеал најубавата ноќ на целата европска турнеја, младите амери Dog Eat Dog беа тотално збунети од нападно-гостопримливиот македонец, додека екипата од Renegade сакаше да го продолжи престојот во Скопје. За Gold Blade дури може да се каже дека се „наши”.”

 

t-fest-3

 

За впечатоци од прва-рака се консултирав и со Саша Павловиќ, уредникот на Kritika.mk:

„Влеговме во организација на првиот голем фестивал кај нас, не знаејќи како тоа всушност се прави и без поголеми очекувања. Неочекувањето ни донесе 6000 луѓе со отворени срца за „нова музика“. Сосема случајно се склопија коцките на првото и единствено издание на Т-Фестивал да можеме да претставиме актуелни музички артисти, имајќи ја секако и отвореноста и поддршката на, тогаш младата независна држава, но и голем дел на спонзорите, како и домашните и странските медиуми. Беше тоа неповторливо искуство гледајќи ја гладната и префинета за музика македонска публика.”

Како дополнување на носталгичните зборови, атмосферата, дефинитивно најдобро се доловува преку документарецот на Срѓан Јаниќијевиќ и Сергеј Варошлија, едитиран во Прва клапа студио од страна на Александар Јанковиќ и Зоран Ристевски, а продуциран од T Promotion и покојната А1 Телевизија.

 

 

Comments

comments