Не знам од каде одеднаш станавме опседнати со брутализмот и таканаречениот социјалистички модернизам во архитектурата.

Претпоставувам дека е природна реакција на архитектонскиот ужас кој ни се случуваше изминатава деценија, а овие ретро правци ни се нешто блиско за кое можеме да се фатиме.

Не ја негирам оваа естетика, напротив, и јас кај и да стигнам „штракам” фотки од ќошиња на згради во Капиштец или социјалистички alien-like споменици низ Македонија, и мислам дека Kenzo Tange е цар.

Сега, време е да ги надраснеме и да ги надминеме овие концепти и да се потсетиме дека архитектурата родила прекрасни чудаци кои создале прекрасни архитектонски чудесии низ светот, единствени во своите категории а и те како вредни за дискутирање, пренесување и вклучување во процесот на едукација.

 

 

Бидејќи интрото го завршив со Kezno Tange, сакам да пишувам за уште еден јапонец кој ги помести границите на визуелното и естетско доживување на архитектурата – Tadao Ando.

Tadao Ando е феномен сам по себе – еден од најдобрите светски архитекти, а никогаш не завршил факултет. Роден во Осака како еден од двајца браќа близнаци во не многу богато семејство, неговите решиле дека им се многу две деца па го одвоиле од брат му и го пратиле да живее со баба му. Работел како возач на камион и замислете – како боксер, додека еден ден не застанал пред зданието кое му го променило животот – хотелот Империјал во Токио дизајниран од Frank Lloyd Wright. Wright, како и Mies van der Rohe и Le Corbusier (fun fact: кучето на Tadao Ando се вика Le Corbusier ) му се главната инспирација, така што горе-доле треба да ти биде јасно дека треба да очекуваш генијалност.

 

 

Long story short, комбинацијата од неверојатна упорност, инает, талент и позајмување книги и скрипти од студенти на архитектура уште во средно, резултирала со тоа Андо да биде жива легенда денес. Неговиот стил многумина го карактеризираат како „критички регионализам”, суптилен свод помеѓу модернизмот и пост-модернизмот, или стил каде низ дизајнот и материјалите се рефлектира културата на еден регион, а естетското орнаментирање единствено се применува доколку има значење и пренесува некаква порака.

“You cannot simply put something new into a place. You have to absorb what you see around you, what exists on the land, and then use that knowledge along with contemporary thinking to interpret what you see.” – Tadao Ando.

 

 

Во локален превод – палми во Вардар ем се ружни ем не им е таму место! Ама да беа само палмите…

Познат по генијалната употреба на природната светлина и минималистички дизајни што се вклопуваат и ги следат природните форми на пејзажот наместо да го рушат и „силуваат” истиот, Tadao Ando креира прекрасен хаику ефект во неговите творби кои исто како хаику-поезијата ја претставуваат убавината на едноставноста, изразена преку нагласување на „ништото” и празниот простор. Јапонската култура се проткајува во сите дизајни на Ando, а Зен-филозофијата на давање предност на внатрешното чуство наспроти надворешниот изглед е негова водилка. Од хипстерски аспект ќе ти се свиѓа многу затоа што главен материјал кој го користи е бетон. Иако бетонот важи за „тежок на око” материјал, Ando си има сопствен рецепт за бетон кој применет на неговите творби дава неверојатен ефект на чистина и леснотија која предизвикува вистинска естетско-визуелна сензација.

 

 

Oд Tomishima House до Church of the Light, Tadao Ando создаде архитектура која треба да биде пример и must-know за секој што сака да негува вистински естетски вредности, за секој почитувач и истражувач на модернизмот и за секој вљубеник во минимализмот и чистите форми и општо, за секој што сака да рече дека е образуван на ова поле.

Текстов ќе го завршам со уште една мисла од Tadao Ando, сега потребна повеќе од било кога: „Архитектурата ја има моќта да го измени општеството – да ги измениш градбите значи да го измениш градот, а ова значи да го реформираш општеството.”

 

Comments

comments