Различни периоди од животот ни се дефинирани од различната музиката која ја слушаме. Многу често се случува таа да нè советува, поттурне, целосно да ни го промени правецот на движење и да нè дефинира.

Школски пример за секојдневната важност и моќ на музиката би бил саундтракот на филмовите. Може да бидеме свесни за акцијата, дијалогот, сценографијата, костимите и специјални ефекти, но музиката е поддршката на сето тоа и она кое ја насочува приказната во еден емотивен контекст. Во најдобрите филмови музиката е активен тимски играч – ја држи приказната заедно.

3N6B8421

Повеќе утра по ред се будам и одново сфаќам дека летото заврши. Меланхолично имав потреба да слушнам песна која ќе ме потсети на топлите, долги вечери поминати на тераса, на дружбите со пријателите и пивото. Албумот кој би можела да кажам дека сеуште не ми излегол од глава – саундтракот на моето лето 2015 е „Currents” од Tame Impala. Албум кој мене емотивно ме разбуди, ме поттурна и ги разубави летните ноќи.

 

 

„Currents” е албум поттикнат од прекинувањето на една љубовна врска. Но тој воопшто не е одмазднички и не содржи изјави на каење кои би се очекувале од ваквите албуми. Тоа е албум кој е преокупиран со себе-испитувањето и егзистенцијалните прашања. Би рекла дека повеќе е еден вид на набљудување, отколку на пресуда. Тој на еден начин повикува на осаменост.

3N6B8453

Parker, фронтменот на Tame Impala, во една прилика изјавува – „Не би рекол дека албумот е во буквална смисла дефиниран од раскинувањето на љубовна врска, повеќе е идејата дека сте доведени пред нова ситуација, која не мора да е ниту полоша ниту подобра. Само е различна. Не можете вие да ја контролирате. Постојат само овие струи во вас кои ве водат.”

 

 

Пред да излезе албумот, „Feels Like We Only Go Backwards” (има многу добар спот, мора да го гледате!) беше песна која со сигурност би ја наброила во оние 5 кои секогаш први ми паѓаат на памет како одговор на прашањето за која песна ми е омилена. Не би сакала да им ја категоризирам музиката, затоа би ја опишала повеќе како еден постојан трип, убава психоделија, музика за сонувачи, музика која ве тера да мислите на самите себе, да се барате и губите во сопствените мисли.

 

 

Ви раскажав за новиот албум (и моите чувства за него), омилената песна, емоциите кои ме поврзуваат со бендот. Би било фино да споделам неколку факти за тоа кои се всушност Tame Impala. Австралиски бенд составен од тројца. Всушност домашен проект на Parker кој пишува, снима, продуцира и изведува музика. Како и многу бендови во тој период, Tame Impala стануваат успешна приказна откако се забележани на MySpace. Името на бендот доаѓа од импалата-авид, африканска антилопа, и асоцира на тензијата помеѓу органскиот, дивиот и цивилизираниот свет. Tame Impala се создава кога Parker има 13 години. Како што и тој самиот изјавува: „Музиката која ја правам е резултат на сè она кое го имам во мојата глава, а не можам да го кажам. Мојата психоделија.”

Parker не би рекла дека е типична ѕвезда. Тој повеќе е музичар кој инспирира и ја предизвикува вашата имагинација. Се грижи премногу за работи од кои нема да умре.

Како што би рекол Ниче – „Без музика, животот ќе биде грешка”. Јас во оваа ситуација би го парафразирала и би рекла „Без Tame Impala, летово ќе беше грешка”.

 

Галерија

 

Comments

comments