На 4 април, со почеток во 20.00 часот, во Македонскиот народен театар во Скопје свечено ќе биде отворен Танц Фест 2018.

Свеченото отворање ќе биде проследено со танцовата претстава „Орландина“. Орландина е претстава посветена на Росана Хрбар и времето. Инспирирана од романот „Орландо“ на Вирџинија Вулф, претставата „Орландина“ е интимна приказна на танчер, раскажана преку видогледот на три силни жени од различни културни, политички и временски периоди: Вирџинија Вулф, Рисима Рисимкин и Росана Хрибар.

Во претставата во улогата на музички композиторот се јавува Тони Китановски, кој направи нова, оригинална музика за претставата, како и извонредниот Алан Хранителј, костимограф со светска кариера, кој меѓу другото работел и за „Curque du Soleil“.

Организаторите на фестивалот најавуваат програма со исклучителни уметници и танцови компании од Франција, Швајцарија, Словенија, Австрија, Латвија, Литванија, Чешка, Полска, Унгарија Словачка и Македонија.

 

 

На отворањето, покрај кореографијата „Орландина“, ќе биде прикажана и короеграфија на младата кореографка Адријана Данчевска со Скопје танцовиот театар, под наслов „Д.О.Л:“, на оригинална музика на Александар Гроздановски, со која ќе биде прославен седмиот роденден на единствената современа танцова компанија во Македонија.

Во рамките на програмата ќе има уште една премиера на Скопје танцовиот театар „Егзистирање“ на 11 април во МКЦ. Премиерите на Скопје тaнцовиот театар ќе бидат прикажани на сцената на Народниот театар во Велес, на 16 и 17 Април.

Програмата продолжува со делот посветен на децата, т.е. на 13 април во Македонскиот народен театар во 18 часот, за прв пат во рамките на програмата на Танц Фест ќе биде прикажана современа танцова претстава за деца и родители, претставата „Зик Зак Пуф!“ на швајцарската танцова компанија за деца Мафалда од Цирих.

 

 

Детскиот блок продолжува на 14 април, кога во Домот на култура во Штип ќе се одржи таканареченото „Детско гала“ на кое покрај танцови студија од Македонија, ќе настапат деца од Холандија и за прв пат, деца од Кина.

Од 18 до 22 април, во рамките на Танц Фест, а во соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, ќе се одржи програмата насловена „Share“ на која ќе учествуваат девет европски академии и танцови универзитети од Австрија, Латвија, Литванија, Полска, Чешка, Унгарија, Словачка и Македонија.
Програмата ќе се затвори со гостувањето на француската компанија „Покемон“ и извонредната претстава „Silance… on tourne!“ на 23 април во Mакедонскиот народен театар со почеток во 20.00 часот.

Како за крај една убава вест дека Советот на Танц Фест одлучи наградата „Менада“, за врвни достигнувања во областа на танцот, да ја додели на францускиот уметник, танчер и кореограф Дидије Дешан, заради нeговата исклучителна посветеност на развојот на современиот танц и негово поставување на повисоко уметничко рамниште.

 

Comments

comments