На 4-ти април, со почеток во 20 часот, во МНТ започнува фестивалот „Танц фест 2019“ со најновата премиера на Скопје танцовиот театар насловена „Идентитети“.

Меѓународно признаениот Скопје танцовиот театар постои 8 години и се бори за препознавање дома, иако веќе има постигнато огромен успех надвор од земјата. Минатата година гостуваше на реномирани фестивали кои високо котираат во светски рамки – во Кина, Европа и САД.

„Фестивалот Танц Фест, кој оваа година прославува 15-години постоење, во своето јубилејно издание се обраќа до јавноста со мотото „Идентитети што не смеат да се пропуштат“, со цел да го привлечеме вниманието на пошироката јавност, како и владеачката номинклатура и да им порачаме, деке сме тука и тука треба да бидеме. Да се овозможи поддршка и поттик за младите, која нема да е декларативна, туку вистинска и реална“, велат организаторите на фестивалот.

Годинешнава програма е посветена на младите, современите танчери и нови кореографски имиња од Македонија.

 

Повелете на ТАНЦ ФЕСТ!
💃💃💃🕺🕺🕺

Posted by Dance Fest on Monday, April 1, 2019

 

4 април

Свеченото отворање е на 4 април во 20 часот во МНТ. Отворањето ќе започне со одбележување на настанот „Танц фест и пријателите“, за оние поддржувачи на фестивалот и современата танцова сцена, кои со години наназад на разни начини помагаат во остварувањео на сонот за европски квалитетна современа танцова сцена кај нас.

Фестивалот ќе се отвори со претставата насловена „Идентитети“ која е создадена од кореографот Рисима Рисимкин и танчерите на Скопје танцовиот театар. Претставата зборува за пронаоѓање на идентитетот, за чувството на самосвесност и желбата за себедокажување. Костимите за претставата се дело на истакнатиот уметник Благој Мицевски. Музиката за претставата е потпишана од младите Инкубатор уметници – Мартин Треневски, Благојче Стојчевски и Дино Хриџиќ. Фотографиите се на младата Инкубатор уметница Александра Јанкоска, а постерот за јубилејниот Танц Фест го изработи Инкубатор уметницата Милена Милинкоска.

Во претставата настапуваат: Анастасија Данчевска, Дејан Битровски, Адријана Данчевска, Тринга Хиса, Бобан Русески, Јована Зајкова, Тереза Лазарев, Сара Цветковска, Исидора Краљевска, Фросина Шуман, Борис Богдановски, Тања Крстевска, Нил Хехнер и Јасмин Систи (к.г. Швајцарија/Италија), Дамла Пинар Башар (к.г. Турција) и Инкубатор млади уметници: Викторија Коцева, Антонија Димитриевска, Ангела Михова, Јана Костоска и Јоана Благадуша.

 

5-6 април

Во програмата понатаму следи Интернационалниот натпревар за млади кореографи, „Танцлаб“, на кој, покрај наши, ќе учествуваат и селектирани млади кореографи од Франција, Холандија, Израел, Русија, Италија и Полска. „Танцлаб“ ќе се одржува на сцената на Младинскиот културен центар на 5ти (полуфинале) и 6ти април (финале) во 20 часот.

 

9 април

На 9 април следи гостувањето на Кодартс, од Ротердам, Холандија со претставата под наслов „Таленти во движење“, програма која прикажува кратки кореографии на извонредни светски кореографи, меѓу кои и на нашата кореографка Адријана Данчевска, која изминатиот период работеше во Холандија.

На 9 април на сцената на Младинскиот културен центар ќе го видиме „Проширување на објективот“ со настап на млади танчери, студенти на Универзитетот „Гоце Делчев“ како дел од Скопје танцовиот театар, како и Инкубатор млади уметници и гости танчери од Швајцарија и Италија.

 

16 април

На 16 април на сцената на МНТ во 20 часот, ќе се одржи премиерата на Скопје танцовиот театар со програмата „Луцидниот Јос“ на Дејан Битровски и „Скеч“ на Адријана Данчевска.

 

18-21 април

За прв пат годинава Танц Фест ќе има програма во ноќниот клуб Сектор, со цел да се приближиме кон урбаното живеење во градов. Ќе бидат изведени две претстави, на 18 април, „Фенси сме“ со млади уметници, и на 20 април, „Адријана Данчевска и Скопје танцов театар“, авторска вечер на младата короеграфка Данчевска.

Од 18 до 21 април, на сцената Зебра, ќе се одвива програмата наменета за деца „Танцуваме со Виталија“ во која ќе учествуваат деца од тука и од Холандија.

 

23 април

Фестивалот ќе се затвори на 23 април, со претставата „Секвенци – Минато, Сегашност, Иднина“ на ЗЈЦМ од Ханџо, Кина.

 

Во рамките на фестивалот за прв пат ќе биде доделена и наградата „Менада“ за млад уметник, како поттик и признание за младите уметници.

Фестивалот годинава, се уште не ја доби вистинската поддршка за одбележување на јубилејното издание, но се одржува со поддршка на Министерството за култура, Град Скопје, Хоалндската амбасада, Францускиот институт во Скопје, како и нашите долгогодишни партнери компанијата Виталија и винаријата Бовин и голем број медиумски покровители.

 

Comments

comments