Бенд: Бастион
Емоција: Систематски хаос преку кој сведочиме за создавањето на новото време

Слобода на говор и класичен фраерлук, замотан во тивка музичка револуција, со моќ на трансформација на понатамошната музика. Бенд составен од многу култни имиња, кој еруптира некаде во раните осумдесетти на 20 век.

Денешната беспрекорна соработка на Кирил Џајковски и Милчо Манчевски не е баш чиста случајност. Да ја тргнеме настрана нивната индивидуална генијалност, гледајќи од друга перспектива, нивните проекти звучат и изгледаат толку безвременски и современи токму поради нивната претходна соработка на вистинското место и во вистинско време. Време на нови идеи и проекти, кои тогаш биле лицето на прогресивниот начин на творење и размислување. Слобода и полетност.

На сево ова ја додаваме Ана Костовска и добиваме свежа енергија и глас кој како да ги врзува сите елементи во круг, а виртуозното свирење на Кучкар му дава моментум да се врти до бесконечност.

Со оваа четворка го добиваме првиот македонски бенд кој создава електронска музика и гледано од денешна перспектива пренесува порака за една поинаква младост која имала потреба од музичка метаморфоза.

 

 

Бастион имаат издадено само еден албум, под името на самата група – Бастион, кој своевремено доживеал одличен комерцијален успех, но тука и застанале како бенд.

Жедта за нивната музика во 2016 доведе до ре-издавање на албумот Бастион, на кој покрај основните верзии на песните, се наоѓаат и преработки на нивните легендарни „Холивуд“, „Лица во огледало“, „Мистер комплекс“, „Боје“, „Хот деј ин Мексико“ и „Емил, врати се“ од страна на ПМГ Колектив, Роботек, Bei The Fish, Фолтин, Steel Temple, КЛО,  Нелетронски Гуру, Oliver’s Geisha, Special People Club и Поган Паган.

Ова ре-издание апсолутно донесе свежина и успеа да го рашири зборот низ помладите генерации за еден бенд од едно друго време кој мора да ти е дел од листата на култни и реномирани изведувачи и артисти.
Можеме да жалиме за нивната сиромашна дискографија преку ре-изданија и преработки колку сакаме, но мора да се помириме со фактот дека овој склоп на ултра талентирани луѓе имале еден куп на идеи кои имале порив да ги остварат, и можеби затоа не успеале да бидат припитомени под еден бенд и едно име.

 

Comments

comments