Моето прво домашно милениче, пред да ја запознаам Мицка, беше жолто-зелениот, пластичен чибичан.

Или, оригинално и на јапонски кажано, „Tamagotchi“, кованица од јапонскиот збор „tamago” што значи јајце и англискиот збор за часовник, „watch”. Колку бев возбуден кога ми падна во раце. Беше поклон од моите родители. После шест месечно активно малтретирање за вистинско домашно милениче, издвојував победа. Ми купија чибичан. Супер.

Истиот тој момент започнаа и проблемите. Паника уште од самиот старт. Кое копче за што е, како се управува, што треба да правам? Тотално бунило. А додатен притисок беа другарчињата на школо, кои веќе подолго време беа горди сопственици на чибичан, искусни и полни со знаење. Искрено, не ми идеше добро со чибичанот, немаше хемија меѓу нас, па по кратко време со солзи се раздвоивме. Ми пројде, ок сум, сега сум горд сопственик на Мицка, мачка со полни 16 години.

 

Но, сега, кога сум вака возрасен, си викам – дали да му дадам втора шанса на Tamagotchi? Бидејќи после 21 година од раѓањето на Tamagotchi, се случува неговата преродба, во ново, современо издание.

Компанијата Bandai, производител на овие дигитални миленичиња, неодамна објави соопштение дека во производство ќе пуштат нови модерни чибичани, поттикнати од носталгијата која ја опфатила Јапонија, по оваа азиска хит-играчка од 90-тите.

Tamagotchi ќе ги има истите правила на игра како и оригиналната верзија. Изборот на сопственикот паѓа помеѓу шест видови на виртуелни животинки, кои ги одгледуваш од моментот кога се во јајце-фаза па се до бескрај. Начинот на функционирање е ист како кај неговиот претходник, што значи дека треба да ги храниш, да им ги чистиш фекалиите и да си играш со нив. Но, се разбира, новите верзии, иако ќе чинат само £14 доаѓаат опремени со современи додатоци како опцијата за испраќање на СМС пораки.

 

Comments

comments