Хокеј асоцира на многу нешта. На мраз, на Канада, на многу тестостерон… Но не и на Македонија. Затоа беше големо изненадување кога дознавме дека овој спорт скоро 80 години е присутен кај нас, а имал и свои славни времиња.

Сѐ започнало во 50-те години на минатиот век, кога македонци кои живееле во Чехословачка, се запознале со спортот и го донеле на овие простори. Деталите за оваа малку позната приказна ни ги откри Драган Тануровски, хокеј судија и асистент тренер на јуниорската селекција на ХК „Вардар“.

Се надеваме дека приказнава ќе ви биде интересна, како што ни беше нам, а и дека помислата на мраз малку ќе ве разлади.

 

 

За првиот натпревар и хокеј клуб во Македонија

Хокеј во Македонија за првпат се заиграл кон крајот на 1958 година, на езерцето во Градскиот парк. Првиот хокејски клуб е формиран во 1959 година и го носел името „Скопје“. Првиот официјален натпревар пак се случил во 1962 година, на просторот каде денес се наоѓа основното училиште „Димитар Миладинов“.

 

За оној пат кога ХК „Скопје“ го организирал Светското првенство во хокеј за Ц групата

Во 1969 година, хокејскиот клуб „Скопје“ бил избран да го организира Светското првенство во хокеј на мраз за Ц групата. Натпреварите се играле на лизгалиштата ширум Југославија, а најчесто на лизгалиштето Ташмајдан во Белград.

 

 

За формирањето на хокеарскиот клуб „Вардар“

По успешното одржување на Светското првенство, бил формиран хокејкиот клуб „Вардар“. Веднаш се започнало собирање на ново членство, младинци кои требале да ја наследат старата гарда на хокеари. Така се создал и младинскиот клуб кој се натпреварувал во втората хокејска лига на Југославија, исто како и сениорската екипа.

 

 

За најуспешната македонска хокеј-сезона досега

За најуспешна се смета сезоната 1972/73 година, кога во хокејското првенство клубот „Вардар“ освојува 10 бода и за првпат го победува „Спартак“ од Суботица. Успехот бил особено значаен затоа што е постигнат со екипа чиј возрасен просек бил 18 години и била најмлада од сите лигаши.

 

За вицешампионска титула на клубот „Вардар“

Новиот хокејски клуб бргу напредувал и на почетокот од 80-те, младинците станале вицешампиони на Југославија, а следната година го освоиле третото место, победувајќи ја Словенија.

 

 

Клубот „Скопје“ во првата Југословенска лига

Од 1987 година, па се до распадот на Југославија, хокејскиот клуб „Скопје“ играл во првата Југословенска лига.

 

По пауза од деценија ипол, хокејот во Македонија повторно функционира

Повеќе од деценија ипол, хокејот во Македонија бил на пауза и избришан од регистарот на спортови. Сѐ до 2006 година, кога преку трудот на група ентузијасти хокеарската федерација повоторно почнува да функционира. Одиграни се бројни натпревари, а во 2013 година се формира и хокејскиот клуб „Металург“.

Покрај хокејот на мраз, моментално постои и интерес за инлајн хокеј во Македонија. Затоа, најавена е изградба на инлајн хокеј игралиште во основното училиште „Партенија Зографски“.

 

Comments

comments