Топла клима, жешки лета, сува почва и многу ветер. Вака некако би изгледал описот за југот на Македонија кој дефинитивно наликува на Мексико.

Изгледа дека не е случајно што некогаш сме имале и многу успешен маријачи бенд. За мене ова беше фасцинантно откритие, па затоа побрзав парчево музичка историја да го споделам со читателската публика на Reborn.

ЈуМекс (скратено од југо-мексикански) е името на жанрот во кој музичари од екс-ју просторите изведувале традиционални мексикански песни. И не станува збор за една-две групи, туку за вистински бран на бендови кои имале голема популарност во СФРЈ. Сѐ започнало со прикажувањето на мексиканскиот филм „Un día de vida“ во југословенските кино сали, чиј успех прераснал во почит кон целокупната мексиканска култура. Така никнале и многу ју-маријачи групи.

„Мањифико“ се една од нив (не, не словенското „Here I Come, Here I Go”, туку неколку децении претходно). Оваа македонска група со мексикански вајб, не била само локален хит, туку познати ширум светот. Толку добри, што тогашниот мексикански претседател Лопез Матео го прашал Тито од каде е бендот, мислејќи дека се од Јужна Америка. Претседателот бил одушевен и не му се верувало дека доаѓаат од Македонија.

 

 

Панче и Невена Кочовски (родители на Лидија и Тања Кочовски) заедно со Крсто Танушов и Димитар Томов го сочинувале вокално-инструменталиот ансамбл „Мањифико“.

За нивниот успех потврдуваат бројките: 3.700 самостојни концерти во повеќе од 30 земји на сите континенти, со над 7 милиони луѓе во публика и концертен репертоар од околу 320 песни. Зад себе имаат оставено 5 албуми, 28 плочи, 4 аудио-касети и 3 ЦД-а, скоро сите продадени во сребрен или златен тираж. Биле формирани во 1959 година, првиот концерт го оддржале вo 1962 година, а постоеле до 1990 година.

„Мањифико“ биле познати и по својата хуманост. Имаат оддржано 600 добротворни настани, а скопјани ги памeтат по рекордните 42 хуманитарни концерти од 1963 година, одржани за помош на жртвите од катастрофалниот скопски земјотрес.

Минатата година „Мањифико“ повторно со качија на сцена, овој пат за да ја примат Златната бубамара за животно дело.

 

Comments

comments