Една од мемориите кои ме врзуваат за основно школо, покрај најдобрите учителки (од прво до четврто), песната „Wannabe” од Spice Girls која ечеше секој голем одмор, гадните и ладни ужинки е – списанието Наш Свет, кое се продаваше на одморите со брзина како весниците во Втора Светска Војна.

Редоследот на стварите кои се случуваа за време на големите одмори беше следен:

  • Ѕвони за крај на часот и автоматски сите трчаат, се бркаат, прдат, ждригаат, фаќаат девојчиња за газ т.е. тотално лудило проследено со животински карактеристики (Дарвин, твојата теорија е точна).
  • После првичното лудило, доаѓа моментот на прехранување. Ужинките се послужуваа во огромна жолта вангла – веднаш те асоцира на нешто направено со мислата „ај бе нека јадат, што има везе што е ладно и со кашкавал од лани”. Оваа фаза честопати ја поминував за 5 минути или ја прескокнував.
  • Трета и последна фаза е промоција на новиот број на Наш Свет. Фокусот е на постерите. Не постоеше дете кое не листаше панично низ Наш Свет сè додека не се појават постерите (да, имаше повеќе од еден). Тука имаш повторно крици, врескања и неартикулирани звуци проследени со изреки „Лелеееееее Ник Картер”; „Еееееј пак постер со Мануел од Млади Бунтовници” итн.

Откако ти го презентирав тинејџерскиот голем одмор во основно школо, главна тема на муабет е влијанието, идејата, целта, историјата и се што е на некој начин поврзано со Наш Свет, магазин моје младости.

Низ бројки, Наш Свет би изгледал вака: 1800 издадени броја; 56 години постоење, 1959 година излегува првото издание, 1960 година изработена е првата корица, 2004 година излегува 1500тото издание, 2009 година Наш Свет се појавува на Facebook, 880 генерации на читатели, 45 милиони примероци тираж, 1 милијарда и половина милион испечатени страници.

 

magazine-mockup-vol-12

 

Факт е дека импресивни бројки и факти стојат позади Наш Свет, првото тинејџерско списание кое е дел од спомените на сите генерации во Македонија, кои лудите години ги паметат по првата љубов, пубертетските зафрканции, но и омилените рубрики и постерите, секако.

Пред да одиме на „прелистување на Наш Свет” интересна е да се прераскаже приказната за тоа како воопшто се роди Наш Свет.

Редакцијата „Детска радост” во склоп на тогашната НИП Нова Македонија, кон крајот на 1959 година го најавила излегувањето од печат на првото македонско списание за млади. Бил распишан конкурс на кој учествувале многу ученици чии предлози биле новото списание да се вика „Дружба”; „Млада искра”; „Светла иднина”; „Галеб”; „Детски свет”… Неколкумина го предложиле името „Наш Свет”, па со ждрепка за кум на списанието бил избран Максим Гонев, тогашен ученик во VI-а одд. во ОУ „Трајко Андреев” во Велес, кој како награда добил фотоапарат.

Во Наш Свет освен што имаше супер-кул постери, рубриките беа феноменални. Значи зборам за интервјуа со ликови како Тоше Проески, Перо Антиќ, Стојанче Стоилов, Тони Зен, Каролина Гочева, Кире Лазаров и многу други. Освен јавните фаци, свој печат имаат оставено и еминентни имиња како Васил Куновски, Симон Дракул, Видое Подгорец, Ванчо Николески Киро Донев и Рајко Јовевски.

Освен интервјуата со нашите локални херои, имаше пар неверојатни написи кои се факултетски материјал. Меѓу најчитаните интервјуа е она со една од најдобрите светски писателки на тин романи Априлин Пајк – авторката на бестселерот „Крилја”. Исто така во Наш Свет беше објавено единственото ексклузивно интервју со Валентина Радуловиќ и Јелиз Озел, членките на европскиот клупски шампионски тим на Кометал Ѓорче Петров како и ексклузивното право на првиот сет во Македонија на ДЏ Тиесто.

Наш Свет е познат и по единствената рубрика која ги наградува талентираните ученици, спортисти, музичари кои биле дел од оваа рубрика.

Повеќе од половина век (малку помалку од животниот век на желките од Галапагос) Наш Свет информира, едуцира и забавува многубројна читателска публика и со сигурност можам да кажам дека Наш Свет има огромно културолошко-историско значење за Македонија. Live long and prosper, Наш Свет.

 

Comments

comments