До пред некоја година врвот на „технологија за едукација“ ни беа Lynda курсеви за Photoshop. Денес хирурзите низ светот користат симулатори со виртуелна реалност како безбеден начин на совладување нови процедури.

Можеби ќе речеш дека преувеличуваме, но сигурни сме дека со доволно добар интернет и доволно слободно време на располагање, денес можеш да научиш сè што сакаш. Отсекогаш сонуваше да бидеш готвач? YouTube нека биде твојот International Culinary Center во NY. Пилот? Графички дизајнер? Нема жед за знаење што комбинација на доволно подкасти и вирутелна реалност не можат да ја решат.

Свесни за тоа, сè повеќе компании, помали или поголеми, се решаваат да се посветат на развивање на технологија што го разбива табуто дека „технологијата станува само залудно потрошено време на Фејсбук“. Иако на крајот од денот од секого од нас зависи како ќе го прифатиме тоа што ни е пружено, и колку навистина сме желни да впиеме нови вештини, напредокот во технологијата е тука да ни помогне во личниот развој и едукацијата. Внатре или надвор од училниците.

Овие три македонски стартапи се дел од локалните компании кои го потврдуваат тоа.

 

 

Kniga.mk

Производ: Мобилна апликација на издавачкиот центар ТРИ за читање електронски изданија, која овозможува пристап до дигитална книжарница со книги на македонски јазик.

Сопственици: Издавачки центар ТРИ

Станува збор за македонска дигитална книжарница со книги во електронски формат. Повеќе немаме изговор дека немаме доволно полици дома или немаме време да тркнеме до книжарница. Изданијата објавени на kniga.mk се достапни по цена пониска од печатената верзија, а апликацијата доаѓа со можност за приспособување на читањето според желбите на корисникот, со опција за креирање сопствена дигитална библиотека, со пристап од повеќе уреди и дневен и ноќен режим на користење. За читање на книгите, уредот нема потреба да биде прикачен на интернет.

Повеќе инфо: kniga.mk

 

 

 

Synapse Aviation

Производ: „Airport Briefing“, платформа преку која се сервираат потребните информации за пилотите преку интерактивна 3Д визуелизација.

Сопственици: Филип Арсов, CEO и ко-сопственик

Одлично прифатена од светскиот пазар, апликацијата изработена од македонски тим е уникатна во авио индустријата, особено во областа наречена „airport briefings”, чија цел е запознавање на пилотот со аеродромот на кој оперира. Пилотите, како крајни корисници на софтверот за тренинг, имаат шанса преку него да ги зајакнат вештините за идентификација на потенцијални опасности и пречки при слетувањето и полетувањето. Функционалностите на Airport Briefing се осмислени од пилоти и наменети за пилоти. За секој вклучен аеродром, софтверот содржи 3Д терен од аеродромот и околината во радиус од најмалку 100 километри.

Повеќе инфо: airportbriefing.aero

 

 

 

Teachhoot

Производ: Македонска онлајн образовна платформа за одржување приватни часови 1 на 1 со тутор во виртуелна училница.

Основачи: Тошо Мицевски и Деан Живковски

Онлајн образовните платформи можеби не се револуционерна идеја низ светот, но сè уште се новитет кај нас. Станува збор за платформа за онлајн приватни часови што го поддржува целиот процес – од закажување до наплата на часовите, без потреба од физичко присуство. Teachhoot е едноставен за користење, а моделот „класично туторство“ функционира така што учениците бираат тема, пронаоѓаат тутор, се договараат за цена и часовите почнуваат. Вториот начин на настава е „решавање проблем“, каде што ученикот поставува прашање кое стига до сите тутори кои се соодветни за темата, тие започнуваат со своевидна аукција, односно даваат понуди, а ученикот избира решение кое најмногу му одговара.

Повеќе инфо: teachhoot.com

 

Comments

comments