Социјално претприемништво. Мојот омилен тип претприемништво.

И сигурно најризичен. Барем така размислува мојот неискусен и наивен претприемнички дух. Како millenial, кому, за разлика од генерациите пред нас, парите не му се доволно силна причина за да си ја обожава работата, малку нешта ме возбудуваат како, на пример, добрата комбинација на бизнис со идејата дека паралелно се борам за подобра планета Земја. Заедно со другите како мене.

Во оваа борба, дел од лигата на стартапи-за-подобар-свет развиваат и нудат производи што целосно се потпираат и ги „злоупотребуваат“ можностите што ги нуди технологијата. Во најпозитивната смисла на зборот „злоупотребуваат“, кој е најверојатно еден од најдобрите аргументи што ја поддржуваат нашата теорија дека: „константно ги потценуваме технологијата и нејзината моќ за подобрување на животот“.

Силно веруваме дека не е фер сликата што ни се појавува пред очи кога ќе го слушнеме зборот „технологија“ да биде паметен телефон со батерија која трае дури 7 часа, туку новите автомати со картичка во Кенија за чиста вода, најверојатно единственото вистинско решение на секогаш актуелната и никогаш пресушена тема за пристап до вода за сите.

Горди сме да знаеме дека овој тренд не ја заобиколи Македонија. И меѓу нас има вакви нови, млади компании кои се борат за подобро утре. Ова се само три од нив.

 

 

Challenger

Производ: Мобилна апликација која ќе те предизвика да направиш промена, да преземеш акција, која на долг рок позитивно ќе влијае врз намалување на загадувањето.

Основачи: Олга Рајчиќ, Теодора Чижбаноска, Филип Андонов и Стефан Алексиќ

Уште едно решение резултат на фрустрацијата од лошиот квалитет на воздухот.
Challenger, која е во финална фаза на изработка и наскоро ќе биде објавена, го мери и го наградува секој километар што ќе го поминеш на велосипед или во пешачење, а мотивацијата ја оддржува преку дневни, неделни и месечни предизвици преку кои можат да се освојат награди. Дополнително корисниците ќе се натпреваруваат и мотивираат меѓусебе, а најважно од сè е дека на овој начин ќе добијат позитивен притисок да прават уште повеќе добра за општеството.

Според тимот кој стои зад решението „Challenger не е само апликација, туку е платформа за community building каде што заедница на луѓе и бизниси меѓусебно се поддржуваат и инспирираат, со една заедничка цел – да придонесат за подобро општество“.

Повеќе инфо: challenger.mk

 

 

Laika

Производ: Бесплатна онлајн платформа за поврзување на tech професионалци со најдобрите ИТ компании од Балканот.

Основачи: Зад Laika стои тим од 12 програмери, претприемачи, маркетери, дизајнери и ентузијасти за импакт од Скопје и Балканот. Извршен директор на Laika е Александра Јанакиевска.

Проблеми со невработеност – сите сме ги поминале, а голем дел од нас живеат во константен страв дека некогаш повторно ќе ги искусaт. Tech професионалците кои се во потрага по работа ќе можат бесплатно да се приклучат на Laika и да останат анонимни додека не дознаат кој сака да ги вработи и под кои услови. Тие ги внесуваат вештините во кои се добри и поставуваат услови (како плата, работна позиција, тип на вработување, технологии со кои работат, колеги и локација). Тимот на Laika се надева дека платформата ќе ги научи компаниите како да привлечат нови вработени, да се позиционираат како префериран работодавач, како да ги задржат сегашните и како да инспирираат добри препораки.

Мисијата на Laika е „да креира силен tech екосистем на Балканот, да едуцира, да создаде заедница која ќе влијае врз регионот, да отвори нови можности, да постави правила во процесот на регрутирање и да поддржи раст и развој“. Во овој момент можеш да се пријавиш на вебсајтот за да бидеш еден од првите 1.000 таленти кои ќе добијат „early access“.

Повеќе инфо: wearelaika.com

 

 

 

Мој воздух

Производ: Мобилна и веб апликација, која го прикажува загадувањето на воздухот во Македонија.

Основач: Горјан Јовановски

Слободно можеме да го оставиме овој простор целосно празен и најверојатно никој нема ни да забележи. Зошто – има ли уште луѓе меѓу нас кои не ја отвораат (или дури и спомнуваат) апликацијата на дневна база во периодот ноември-март?

Покрај тоа што сме ѝ благодарни за освестувањето (за жал, и за гневот штој доаѓа во пакет), Мој воздух е можеби најголемата причина зошто загадувањето на воздухот воопшто стана тема на разговор во 2015. Иако апликацијата не нуди директен начин на решавање на проблемот, сите ќе се сложиме дека дефинитивно заслужува да биде на оваа листа.

Повеќе инфо: mojvozduh.eu

 

Comments

comments