Ако хоби не ти се научни публикации и конференции за најновите пронајдоци во микробиологија, тогаш лесно можеш да останеш опкружен со теми за технологија што се фокусирани само на Tesla, Facebook и влијанието на мобилните телефони врз деца.

Слушаме за стартапи на дневна база, мислиме дека знаеме колку брзо и во кој правец се движи технологијата, а забораваме дека до нас доаѓа само многу мал дел од она што навистина се случува. Не сите нè интересира за најновите видови батерии или на сензори што собираат енергија од вибрации, па нормално е разговорите на тема технологија да бидат за нешто што го гледаме секој ден, нешто што лесно може да го разбереме.

Но, не е фер. Не е фер да сме исплашени дека вештачка интелигенција ќе ни ги уништи животите или дека таблетот на внук ни е знак дека технологијата не знае накај каде се движи. Кога токму технологијата е таа што им дозволува на научници од сите полиња, без разлика дали се во потрага по подобар извор на енергија или живот на Марс, да успеваат во нештата за кои до пред 5 години се мислеше дека се невозможни.

И се разбира, не само на научниците. Туку на сите оние чии идеи и надежи за подобар и подолг живот повеќе не мора да бидат резервирани само за во sci-fi серии. Знаеме дека има многу такви и тука, меѓу нас, во Македонија. А овој пат избравме тројца од нив, кои можеби не бараат живот на Марс, но успешно докажуваат дека технoлогијата е тука да ни го подобри животот на сите. Од нас зависи како ќе ја користиме.

 

 

 

FitKit

Производ: Мобилна апликација со која можете да вежбате во повеќе од 80 фитнес и спортски центри во Скопје, а од 11 април и во 13 други градови низ државата. Јога, фитнес, пилатес, пливање? Со Fit Kit секој ден може да биде различен.

Сопственици: Ангелина Блажеска, Јосиф Дамјанов, Марко Ивановски

Може да се каже дека FitKit го промени начинот на кој вежбаат скопјани. Пред апликацијата, требаше да се посветиме на едно јога студио, на една фитнес сала, да купиме целосно месечно членство. Со FitKit можете да вежбате секогаш на различни локации, различен тип вежби, од јога и пилатес до пливање, без да треба да доплатите или целосно да се посветите на едно студио. Сега можете да бидете флексибилни, да испробате различни студија и вежби или да изберете локација што ви одговара конкретно на тој ден.

FitKit која функционира на iOS и Android можете да ја искористите за да купите единечни купони или месечна чланарина, кои можете да ги употребите во која било од достапните 81 локација. Во првите 48 часа по лансирањето во мај 2017, веќе беа регистрирани повеќе од 500 профили.

 

 

 

 

ECGAlert

Производ: Savvy Heart Monitor, сензор за снимање ЕКГ што може да замени холтер и ECGAlert Platform, онлајн платформа за доктори за следење на статусот на критични пациенти од каде било.

Основач: Проф. Марјан Гушев

Еден од двата производа кои во моментов ги нуди ECGAlert е Savvy Heart Monitor, сензор за снимање ЕКГ, кој се прикачува на градите и кој може да замени холтер и рутинските прегледи на доктор. Уредот е едноставен за користење и им овозможува на корисниците да ја следат работата на срцето – како заздравува по операција, како реагира на нов лек или како реагира на вежби и замор. Savvy Heart Monitor е водоотпорен, соодветен за сите големини на граден кош и има батерија која трае 7 дена пред да има потреба од полнење.

Вториот производ кој моментално го нуди ECGAlert е платформа за доктори преку која можат да го следат статусот на нивните критични пациенти, од каде било и во кое било време.

 

 

 

 

Bike Computer и Ski Tracker

Производ: Ski Tracker Pro, мобилна апликација за поуспешно и побезбедно скијање и Bike Computer, мобилна апликација за велосипедисти.

Основач: Иван Ивановски, ко-основач

Ski Tracker PRO е мобилна апликација развиена од Venikom Mobile, достапна во платена и бесплатна верзија, која им овозможува на корисниците да ги следат и да ги анализираат перформансите при скијање или бордање. Апликацијата овозможува комуникација со другите пријатели-скијачи, лоцирање на мапа и одредува и кажува колку би било тешко да се помине одредена стаза. По скијањето можат да се зачуваат активностите или да се споделат на социјалните мрежи.

Venikom Mobile досега има развиено уште една слична апликација, Bike Computer, фокусирана на велосипедисти, која покрај опциите за следење на рутата на возење, следење на параметри (од типот на отчукувања на срцето), нуди и интегрирана опција наречена Keep Me Safe, која ги следи сензорите на уредот и во случај на незгода ги контактира твоите најблиски со локацијата и времето.

 

Comments

comments