Која е Телемама? Многу кул мама. Нејзиното име е Драгана Заревска. Пее, свири, раскажува и твори. Мила е и нежна. Кога пее галка и шепка. Драгана е половина Ефемерки, половина Телемама. Ефемерки прават перформанси, а Телемама пее.

Телемама е мајка-дете. Добра е со зборови. Свири на укулеле, гитара, и пробува да го хакне клавирот. На нејзиниот прв албум може да се чујат и звуци од коли што паркираат околу зграда, машината која пере алишта, и други домашни (и домаќински) шумови. Таа е визуелна уметница, и сите три нејзини професионални идентитети ги обединува овој факт.
Експертизата и е комбинирана. Ја спремале за соло пеење на музичка академија, завршила филмска режија и постдипломски по комуникации и медиуми, со фокус на род и визуелна култура.

Освен во својата уметност, во последните седум години гостувала и во дела на други – настапила во танц претстави на неколку европски кореографи/ки.

 

telemama by zdenko petrovski

Фоготрафија: Зденко Петровски

 

Сама генерално работи со јазикот во поетска смисла, и креира мали безобразни приказни кои комбинираат цртеж и текст, а Ефемерки прават перформанси повторно длабоко повлијаени од јазикот и неговите моќи и од тоа дека ,,„од стапиците на јазикот никој не излегол жив” (Витгенштајн). Со првиот ,,„Методот Леле” го отворија 51. Октобарски Салон во Белград, а со последниот ,,„Контекстер против Дискурзор” фестивалот Mesto Zensk во Љубљана во 2015та.

Нивните проекти комбинираат континентална философија, јазична гимнастика и бистар хумор.

Последната година и половина, Драгана ја расте и обликува Телемама, минималистичко музичко и визуелно доживување со кое, освен настапите во Скопје, во 2015та имаше концерт во рамки на фестивалот Поезика во Нови Сад, и ја чека мини турнеја во Хрватска за октомври 2016та. Првиот албум ,,„Мис Слобода” беше издаден од „Ако никој не свири” во 2015та.

 

telemama my zdenko petrovski 3

Фоготрафија: Зденко Петровски

 

Драгана за себе вика вака:

„Мојот живот е шарен и раслоен како торта од 25 слоја. „Васина”. Со илјада јајца. Оти бројот на јајцата во нашата култура е токен за вредноста на тортата. А Телемама е финалниот слој на таа торта, кој и даде смисла и изглед. Со таа торта, сега може да се конкурира за вешта жена, ама ако постои вешта жена за непримерни.

Првиот албум беше нежен и мрачен. Им го објаснувам на луѓето како укулеле-noir. Сакав од тој инструмент да извадам мрак и секси језа, бидејќи редовно е поврзуван со тропска естетика, цициња и лесен живот. Сакав да изнајдам некој друг квалитет кој исто го краси укулелето, а не е во прв план. Хероина во албумот е Мис Слобода, се појавува во повеќе песни. Тоа е девојка што пробува да биде смирена и кул и со ладна глава го преброди социо-политичково што не снајде сите години наназад, ама не може да седи мирна.

Како музичарка, длабоко сум повлијаена од мојот студенстки живот додека учев филм, и уште тогаш бескрајно се закачив на стариот Холивуд и старата француска актерска школа, каде што не можеш да видиш актер или актерка кои не пејат и/или свират во филмот (или надвор од тоа, сеедно). Бескрајно го обожавам Роберт Мичам од токму таа причина, а и младата генерација француско глумиште ги следи тие навики (од времето на Ана Карина) – погледнете ги на пример Кјара Мастројани, Луј Гарел, Лудивин Сание и други од младата генерација. Сите тие не само се појавуваат на екран, туку се и музичари. Фелини има и филм кој на субверзивен начин во еден свој аспект покажува дел од таа култура – ,,„Џинџер и Фред”, кај што Марчело Мастројани и Џулиета Мазина глумат (веќе остарени) италијански имперсонатори на остарените Џинџер и Фред.

И во сферата на перформансот сум пристрасна и многу наклонета кон уметници кои се бават со музика. Од активните на европската сцена би ги издвоила Иво Димчев (Бугарија/Белгија) и Алма Содерберг (Шведска/Белгија). Дури и на политичари што свират – им верувам повеќе.”

Иначе ,,Телемама” крчка нов албум.

Албум кој ќе биде поеклектичен, ама пак со укулеле и гитара како основа. Ќе бидат вклучени и други звуци и инструменти, а текстовите ќе бидат на македонски. 

Песната „Примерна граѓанка” е најновата песна од албумот кој е во подготовка.

 

 

За нов спот од актуелниот албум, Љубица Манасиева која го изработи спотот за „Вале Терешкова”, работи на нов спот за песната „Срце”, кој месецов ќе биде премиерно прикажан на Reborn.

 

Дополнителни забавни линкови:
www.draganazarevska.com (under construction)
www.telemamamusic.com
www.telemama.bandcamp.com (тука се достапни сите текстови и на англиски)

 

Comments

comments