Фотографии: Dani Wall
Стајлинг: Ruairi Horan
Модел: Casey Jefferies

 

Пред некој ден дознавме за Теодора Митровска, модната дизајнерка која моментално студира и живее во Лондон и нејзиниот последен проект.

Една (а можеби и единствената) добра работа околу иселувањето на младите и brain drain-от кој веќе ја дефинира нашата држава, е тоа што кога патуваш како Македонец можеш да бидеш сигурен дека ќе најдеш пријател кој ќе те пречека во скоро било кој град од Европа. Па фактот дека дел од нашите reborn-пријатели и читатели (повеќе) не живеат во Македонија ни служи како некаква мотивација за почесто да планираме од нашите #reborntrips, кои наскоро ќе почнеме и редовно да ги споделуваме со вас, како дел од нашата програма.

Еден од овие градовите што веќе подолго време ни е во план да го посетиме е Лондон.

На Лондон-листата со места на кои сакаме да отидеме до сега го имавме The Lacy Nook, ресторан на две Македонки, познат по иновативните комбинации во кои користат и традиционална балканска храна – баклавата со сладолед што ја спремаат звучи неверојатно добро.

Пред некој ден малку ги освеживме нашите планови и додадовме „оди на џин-тоник во добро облечен лондонски ноќен клуб со Теодора Митровска“. Теодора е моден дизајнер од Скопје, која моментално живее и студира моден дизајн во Лондон. За неа и нејзината работа дознавме нешто повеќе кога ни испрати фотографии (претходно што не биле никаде објавени!) од нејзиниот последен проект. Фотографиите беа прекрасни, па ја замоливме да ни даде екслузивно право први да ги споделиме.

Теодора не ја знаеме во живо. Па со цел малку подобро да се запознаеме, пред да се најдеме на пиво во Лондон, и да ги избегнеме можните awkward моменти, разменивме неколку интервју-прашања по мејл. Дел од разговорот можеш и ти да го прочиташ во продолжение.

 

 

 

 

Ни изгледа како за тебе модата да е начин на изразување на силни ставови и активизам. Дали сме во право? Како и дали мислиш дека модата влијаела и може во иднина да влијае врз поголемите општествени проблеми, табуа и прашања? Дали веруваш дека големи движења и промени може да започнат со воведување на одредени модни трендови?

Дефинитивно! Мислам дека модата е за секого е начин на изразување, дури и за оние што „не ги интересира мода.”

Облеката ја доживувам како замена за зборови, што и да носиш кажуваш нешто со тоа. А јас обично сакам да кажам разни работи, и тоа често „смели“, барем за нашата средина. Не ми се допаѓа терминот активизам, но сметам дека модата е моќно средство со кое може доста успешно да се пренесат одредени пораки. Често мислам дека модата, како таква, е ставена во заден план, но интересно е како и покрај тоа, како низ историјата, така и денес, облеката и трендовите играат огромна улога во развојот на културата, менувајќи одредени социјални појави.

 

 

 

 

Во рамки на твоите студии за дизајн на мода во Лондон работеше на проект за изработка на машка облека инспирирана од личност која ја познаваш, личност од Скопје. Кажи ни нешто повеќе за проектот, за неговата идеја, за приказната позади него и како и зошто беше инспириран токму од Марко Драгов?

Проектот е дел од програмата на моите студии и како таков има точно зацртани пропозиции: изработка на еден аутфит (од барем 2 парчиња) инспириран од личност што ја познаваме, или муза како што беше наречена, со која ќе можеме да имаме интеракција и соработка. При тоа требаше да истражиме три аспекти од личноста кои ќе ни бидат најинспиративни.

Марко до тогаш го познавав само од социјални мрежи, но знаев дека е дефинитивно личност која дели слични интереси со мене – сака мода и уметност, се бори за подобро општество и јасно ги искажува своите ставови и се бори за рушење на табуата во нашава конзервативна средина. Еден од елементите за кои се „закачив“ беа протестите, оние студентските и на Шарената револуција.

Можеби и не единствено од политички колку што и од естетски аспект – облеката со која се појавуваш на протест, пропагандниот материјал, DIY транспаренти… Со Марко дискутиравме и за концептот на пемтни материјали, практична облека, парчиња кои ќе се трансформираат и ќе бидат мултифункционални… и така настана мојот аутфит на „over the top super creature“ како што го нарекува мојата професорка.

 

 

 

 

Дали мислиш дека модните движења можат да допринесат кон рушењето на предрасуди и стереотипи кога станува збор за облека приспособена за одреден пол? Дали мислиш дека ова ќе не доближи до општество кое ќе биде поотворено за слободно (сексуално) изразување и кое нема да препознава типични „машки“ и „женски“ изгледи и улоги?

Дефинитивно! Сметам дека модата и облеката, како алатка, често се потценети и сведени на некое мизерно ниво на скапи ноќни фустани, луксузни коктел забави, модни блогерки што бројат лајкови итн.

Во академските модни средини одамна се срушени половите бариери, а мислам дека и генерално многу мејнстрим брендови, познати личности па и обични луѓе почнуваат полека, но сигурно да се осмелуваат да експериментираат.

Искрено се надевам! Сакам да живеам во свет каде ќе биде општествено прифатливо дека девојките можат да бидат секси и во скроено одело и кравата, а мажите во сукња или фустан.

 

 

 

 

Кои личности (пр. дизајнери) би ги издвоила како твои идоли и инспирација, луѓе кои имаат влијание врз твојот стил на работа и естетика? Дали за време на студиите и секојдневната работа како моден дизајнер има некоја личност која би ја нарекла твој „ментор“? Зошто?

Gosha Rubchinskiy, Vetements, HBA, Meadham Kirchoff се некои од дизајнерите кои навистина ги ценам, но кога станува збор за инспирација, повеќе ме интересираат артисти, луѓе и култури.

Страсен фан сум на RuPaul’s Drag Race, сите дечки од продукцијата и натпреварувачите се скроз откачени – ги обожавам! Често ме инспирира музика. Секогаш кога креирам слушам нешто различно, почнувајќи од Rammstein, Dope DOD, до поп хитови од 2000ти, трап, џез, дури и Јелена Карлеуша е некаде во миксот.

А голема инспирација ми се и самите музички спотови, на пример оние на Tommy Cash и Brooke Candy се подобри од многу модни едиторијали.

Ментор немам, сметам дека не е паметно да се потпирам на нечиј личен став, освен сопствениот, барем не во модата која е толку субјективна.

 

 

 

 

Кога би можела да избереш модели кој ќе бидат ликовите на твојот бренд и следни проекти на кои ќе работиш, кого би избрала и зошто?

Првиот кул лик што ќе го сретнам на улица, во парк, на журка, во музеј. Ако дизајнот е инспириран од градежни работници, некој градежен работник најдобро би го износил, ако е инспириран од панкери, тогаш некоја девојка/дечко од Парк и така натаму.

Сметам дека, условно кажано, обичните луѓе се поавтентични и би се однесувале поискрено пред камера, не писта и генерално во самите парчиња.

 

 

Comments

comments