Историјата е најдобриот можен учител. Но за жал, не онаа која ја учиме во нашите школи.

Ниту онаа која ни ја набиваат во глава пропагандните испрдоци од медиуми под контрола на актуелните шизми. Мудроста на историјата не се содржи ниту во националната, ниту во верската опседнатост со себе и сопствената величина. Тоа се ефтини приказни за неамбициозни луѓе. Такви луѓе не читаат Reborn. За да научиме, за да ја впиеме посакуваната мудрост, треба да ги затвориме очите и да се свртиме внатре, кон себе.

Преполни сме со информации. Мозокот работи. Треба само внимателно да начулиме уши и ќе ја слушнеме музиката која ќе ни ја раскаже целата вистина.

Ете на пример, ако се осврнеме кон византиската музичка традиција, ќе приметиме дека главните фаци, пресврти и музички ренесанси по 10тиот век, доаѓаат од тлото на денешна Македонија и се дело на луѓе кои зборувале со нашиот јазик. Ова кажува две нешта:

  1. Нашиот народ е ужасно талентиран за музика и
  2. Ние сме дел од византиската музичка, културна и секако државна традиција и тоа не обликува со векови.

За жал ова не се учи во нашите школи. Но доколку сте во дослух со македонската поп култура во последниве децении, секако сте образувани во овој правец, а особено преку проектите: Падот на Византија, Апореа, Анастасиа, Мизар. Негувајќи ја оваа традиција, современите македонски музичари посочуваат онаму каде што ниеден политичар не се осмелува да го впери прстот.

Една од централните фигури на ова движење, а воедно и еден од најрелевантните македонски музичари воопшто е Горан Трајкоски, а јас деновиве екстензивно и интензивно го преслушувам неговиот нов соло албум.

 

 

„Тешкиот глас на новите химни” не е пикник. Комплексен, мрачен и амбициозен, тој претставува вистински предизвик за добронамерниот слушател. Предизвик од два аспекта: музички и идеолошки.

Музички велам, бидејќи не е тоа оној регуларен албум кој ќе си го пуштите лабаво после работа, ниту на велосипед, а уште помалку во друштво за забава. Оваа музика, колку што има авангардни, толку има и езотерични, па и црковни корени.

Византиското пеење е едно од најсилните оружја на господинот Трајкоски, а овој албум е дериват на тој негов препознатлив манир.

Јасно забележлива е надградба на овој израз во правец на подобра комуникација со слушателот на 21виот век, а на моменти се трансформира и во вистински модерна вокална креација, која понесува со својата тажна и прекрасна музикалност.

Ова совршено може да се почувствува во Очи црни ископајте (зборови на Кочо Рацин), На светов убавина и особено вонсериската О-Гордост, неколку од музичките врвови на албумот.

Свиречки, материјалот сака да патува на места, но некако најпријатно се чувствува во некоја македонска-ретро-рок сонична територија, што мене лично ми е мошне симпатично.

Вистинска кулминација албумот доживува на самиот крај, Песната 11, hiden track без наслов, но со волшебна комбинација на рок od 70ти и народен мелос, со извонреден хитовски потенцијал. Генијална песна.

 

 

Не ми се допаѓа мрачната (тукуречи) метал балада Глас од татковината. Зборовите на левичарскиот (болшевички) поет Коле Неделковски се небаре фрлени в лице на современите левичари кои Трајкоски отворено ги презира, но недопадливата музичка обланда ја носи оваа композиција на ивица на сквернавење на туѓата поезија. Не ми се допадна и не баш успешниот панк излет, Тапија на немоќта. На тоа што Трајковски не е панкер веќе речиси 40 години, се придодава и фактот дека е признаена естаблишмент фигура во последнава деценија, па неуверливоста на изведбата и неумесно насочениот бунт воопшто не помагаат.

Овие сентименти не водат до вториот вид предизвик кој Тешкиот глас на новите химни го носи, а тоа е идеолошкиот.

Колку и да се неговите стихови умесно напишани и музикални, нивната содржина открива длабок презир кон реалноста, современото општество и живот, но и кон секој што не размислува и живее според неговиот личен светоназор, длабоко вкопан во ортодоксната доктрина.

За прв пат во својата кариера, Горан Трајкоски е директно, би рекол дневно-политички ангажиран. Она што за минатиот режим беше пропаганда, за него е идеологија во која верува до степен кој помалку ме плаши.

Од една сомнителна висина и со збунувачка надуеност ги набројува кривците за лошата состојба во светот (и кај нас): болшевиците, хомосексуалците, Сорос, борците за права и слободи и секако незаобиколниот Натемаго (Сатаната, Ѓаволот).

Македонскиот рокенрол бунтот против затвореноста и естаблишментот во 80тите дојде под рака со отварањето кон нашите византиски музички корени и тоа беше прекрасен и извонредно важен онтолошки процес. Бунтот кој го носи Тешкиот глас на новите химни, е фрустриран крик на неснаоѓањето во хаосот на отвореното општество исфорсирано од амбициите на капиталот.

Ваквиот бунт турка назад во духовна зандана и обожување на апокалипсата, што е цивилизациски непродуктивно. Но токму тука лежи предизвикот за вљубениците во музиката и културата. Предизвикот за мене, но и за секој потенцијален слушател се состои токму во напорот да се помири/избалансира ова автентично музичко богатство со неочекуваната количина мизантропија искажана преку неговата лирика.

Па драги мои читатели, еве ви предизвик. Албумот на ЦД го издаде сеприсутниот МКЦ Скопје и може да се набави во сите добри музички магазини во градот. Набавете го и соочете се.

 

Comments

comments